Старец Порфириј

Биди христијанин и кон иноверниот
In Православие, Православна светлина, Секти on Октомври 5, 2013 at 8:41 pm

Старец Порфириј Кавсокаливит

Најдобрата мисионерска дејност се остварува преку нашиот добар пример, нашата љубов и нашата кротост
Старец Порфириј

Старец Порфириј

Да бидеме ревнители! Ревнител или зилот е оној, кој со целата своја душа Го сака Христа и во Неговото име служи на човештвото. Љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот, тоа е неразделна двојка, свештена страст, копнеж, солзи, умиление, но не мисловно, туку од срце.

Фанатизмот нема ништо заедничко со Христа. Биди вистински христијанин. Тогаш нема да занемариш никого, а твојата љубов ќе ги покрие сите (1.Кор. 13,7). Биди христијанин и кон иноверниот. Тоа значи: почитувај го на еден благороден начин, независно од неговата религија. Погрижи се за муслиманинот, кога има потреба да разговараш и да се дружиш со него. Треба да ја почитуваш слободата на другиот. Како што Христос стои пред вратата и тропа без да ја отвори со сила, а очекува човековата душа сама да Го прими, така и ние треба да се однесуваме кон секоја душа.

Во мисионерскиот труд треба да се користи поспецифичен метод, за да можат и другите да го примат тоа коешто им го нудиме – зборови, книги без да се спротивставуваат. И уште нешто: помалку зборови. Зборовите одѕвонуваат во ушите и многупати ги вознемируваат луѓето. Додека, пак, молитвата и животот одекнуваат. Животот восхитува, преродува и преобразува, а зборовите остануваат бесплодни. Најдобрата мисионерска дејност се остварува преку нашиот добар пример, нашата љубов и нашата кротост. Слушнете еден пример за тоа!

Еднаш еден свештеник, отишол да слуша час за образовани луѓе. На часот го запишал еден негов братучед. Предавачот кажувал многу работи, изложувајќи некоја марксистичка тема. Неговите слушатели биле воодушевени и на крај му ракоплескале. Но, уште додека бил на катедрата, го видел свештеникот и му рекол:

– Како што гледам на нашиот час присуствува и еден поп. Ако може, би го замолил да ни каже нешто за темата од религиозна и философска гледна точка.

Тој тоа го рекол со иронија и намера да го понижи свештеникот, така што ќе ѝ се потсмева на Црквата.

Свештеникот се исправил и рекол:

- Што да ти кажам, чедо мое? Не знам ништо по тоа прашање, само сум чул некои нешта. Тој и тој мудрец зборува за тоа и тоа на таа и таа страница, тоа и тоа зборува за тоа на таа и таа страница. Трет зборува за тоа и тоа на таа и таа страница. Четврти… итн. Исто така и Мојсеј кажува така на таа и таа страница. Исаија кажува тоа и тоа, потоа Давид и Христос…

Тој продолжил цитирајќи ги зборовите на св. ап. Павле: „Каде е мудрецот: Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја обезуми ли Бог мудроста на овој свет?… Но, Бог го избра она што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите… та ниедно тело да не се пофали пред Бога.

Предавачот – „мудрец“, останал со затворена уста. Важното тука е дека свештеникот го кажал сето тоа со кротост и без егоизам.

Тој бил владика од Цариградската патријаршија. Кога завршил, рекол:

– Јас не знам ништо. Вие пресудете што е правилно.

На крајот предавачот засрамен рекол:

– Многу добро ви зборува попот. Тој побива сè што ви кажав јас.

Многу важна работа е образованието и подготвеноста, кога ќе се спои со благоста, добрината, со љубовта. Тоа важи за сите случаи. Зборувајте, само кога сте подготвени за дадената тема. Ако немате соодветно знаење, говорете со вашиот пример.

Во дискусиите треба да зборувате со малку зборови и така ќе победите. Оставете го оној кој има различно мислење да избувне, да зборува, да зборува… Нека разбере тој оти има работа со смирен и тивок човек. Имајте влијание на него преку вашата добрина и молитва. Потоа кажете му неколку зборови. Ништо не ќе направите, доколку говорите саркастично, ако на пример му речете „Тоа е лага!“ – што ќе произлезе од тоа? Вие сте како овци помеѓу волци (Мат. 10,16). Што треба да правите? Надворешно треба да бидете ладнокрвни, но молете се во себеси. Бидете подготвени и информирани за проблематиката; говорете со смелост, но и со светост, со кротост и со молитва. За да го направите тоа, треба да станете свети.

Љубовта е над сè

Љубовта кон Христос нема граници. Тоа важи и за љубова кон ближниот. Таа треба да се распростира насекаде, до крајот на земјата и да ги опфати сите луѓе. Јас сакав да појдам на Крит, во Матала, за да живеам заедно со хипиците, се разбира, без грев, за да им ја покажам Христовата љубов, та да го видат нејзиното величие и како таа може да ги промени и преобрази. Љубовта е над сè. Ќе ви го покажам тоа со еден пример.

Еден подвижник имал двајца послушници. Тој многу се трудел за да им принесе духовна полза и да ги направи добри. Но, го обеспокојувало дали навистина тие напредуваат во духовниот живот, дали врват напред и дали се готови за Царството Божјо. Очекувал некаков знак од Бога за тоа, но не добивал никаков одговор. Еден ден требало да има бдение во црквата на друг скит, којшто се наоѓал на неколку часови пат од нивниот скит. Требало да се оди пеш низ пустината. Тој ги испратил послушниците уште наутро за да стигнат порано и да ја подготват црквата, а тој требало да отиде попладне. Послушниците поминале доста долг пат, кога одеднаш чуле извик. И што да видат, некој човек, тешко ранет, лежел и молел за помош.

- Земете ме, ве молам! – им рекол. Тука е пустина, никој не минува, кој ќе ми помогне? Вие сте двајца. Подигнете ме и однесете ме до првото село!

- Не можеме – му одговориле. Брзаме за бдение. Имаме послушание да подготвиме сè што е неопходно за бдението.

- Земете ме, ве молам! Ако ме оставите, ќе умрам, ќе ме изедат ѕверовите!

- Не може! Што да правиме, треба да го исполниме нашето послушание.

Тие си заминале. Попладне старецот тргнал за бдението. Минал по истиот пат и стигнал до местото каде што бил ранетиот. Го видел, се доближил и му рекол:

- Што ти се случило, човеку Божји. Што ти е? Од кога си тука? Никој ли не те виде?

- Утрото минаа двајца монаси и ги замолив да ми помогнат, но брзаа да отидат на бдение.

- Јас ќе те земам. Не плаши се! – му рекол старецот.

- Ти не можеш, ти си стар. Не можеш да ме дигнеш, тоа е невозможно!

- Не, ќе те земам! Не можам да те оставам!

- Ама, ти не можеш да ме кренеш!

- Ќе се наведнам, а ти држи се за мене и лека – полека ќе те однесам до најблиското село. Малку денес, малку утре, но ќе стигнеме.

Старецот едвај го кренал и со голема мака одел по песокот под тежината на човечкото тело. Од него течела пот како река, но тој си мислел: „дури и три дена да одам, ќе стигнам“.

Дури врвел низ пустината, почнал да чувствува како товарот којшто го носел, станувал сè полесен и полесен и во еден момент почувствувал како не носи ништо. Тогаш се обрнал назад, за да види што се случува и со воодушевување видел дека носи на грбот ангел. Ангелот му рекол:

- Бог ме испрати за да ти соопштам, дека двајцата послушници не се достојни за царството Божјо, бидејќи немаат љубов.

превод од бугарски јазик:

Дејан В. Апостоловски, апсолвент на Теологија

Изворник: http://sveticarboris.net/index.php?option=com_content&view=article&id=511%3A2013-08-05-12-02-52&catid=46%3Astatii&Itemid=141

 Православна светлина бр. 27

Преземено од: Ортодоксија и ортопраксија