Т. Колиандер

Сега откако стана свесен за својот сопствен пад, твојата недоволност, и твојата изопаченост, го повикуваш Господ како што тоа го стори митникот (Лука 18:13): Господи, биди милостив кон мене, грешниот! И додаваш: Гледај, јас сум многу полош од митникот, зашто не можам да одолеам а да не го погледнам накриво Фарисејот, и моето срце е гордо и вели: Ти благодарам што не сум како него!

Но, велат светците, сега откако ја препознаваш темнината во твоето сопствено срце и слабоста на твојата плот, губиш секаква желба да го осудуваш ближниот твој. Од твојата сопствена темнина го гледаш небесното светло што се појасно ги осветлува сите создадени нешта: не можеш да ги откриеш гревовите на другите додека твоите се толку големи. Оти во твојот гладен стремеж за совршенство, ти првин ја спознаваш сопствената несовршеност. И само кога си ја видел сопствената несовршеност, можеш да се усовршиш. Така совршенството произлегува од слабоста.

Во овој стадиум ти се дарува резултатот што Исаак Сирин им го ветува на оние што се прогонуваат себеси: Што побргу му се наближуваш на непријателот твој, така тој побргу бега.

За каков непријател светиот Отец ни зборува? Природно, за истиот оној што го зеде ликот на змија и кој, оттогаш, предизвикува незадоволство во нас, неодобрување, нетрпеливост, непромисленост и бес, завист, страв, страдање, вознемиреност, омраза, бездуховност, мрзеливост, обесхрабреност, сомнеж, а особено се она што ни го загорчува постоењето и што влече корени од нашето самољубие и самосожалување. Зашто каков е оној човек што сака да биде послушан, кој сфаќа, со љубовна грижа на совеста, дека  тој никогаш не го слуша Господарот? Каква причина, тогаш, има тој да се вознемирува, да стане нетрпелив и острастен, ако не оди се според неговите желби? Со вежбање тој се навикнал да не посакува ништо, и за личност без желби, се оди според она како тој го посакува, ни објаснува игумен Доротеј. Неговата волја ќе се поистоветува со Божјата волја, и што и да побара, ќе добие (Марко 11:24). 

Може ли некој да биде завидлив кон човекот кој не се воздигнува, туку кој, напротив, ја гледа својата сопствена состојба и сфаќа дека сите други се повредни за слава и чест од него? Дали стравот, страдањето и бесот се возможни за човекот кој знае дека, што и да се случи, тој, како и разбојникот на крстот, ја прима наградата што му следува за неговите дела (Лука 23:41)? Мрзеливоста го напушта зашто тој постојано ја разоткрива кај самиот себеси. Обесхрабреноста не наоѓа место, зашто како може оној, кој веќе лежи ничкум, да биде соборен? А неговата омраза е насочена кон сето зло во неговиот сопствен живот кое му го помрачува погледот кој Господа: тој го мрази сопствениот живот (Лука 14:26). Но кога веќе нема простор за сомнеж, зашто тој вкусил и видел колку е благодатен Господ (Пс. 34:8), тогаш Господ самиот го вознесува. Неговата љубов постојано расте во ширина, а заедно и неговата вера.

Тогаш човекот се смирил со себеси, како што вели Исаак Сирин, и небесата и земјата се смириле со него. Тој ги собира плодовите на смирението. Но ова се случува само на тесниот пат, и малкумина ќе бидат што ќе го најдат (Мат. 7:14).

Посети:{moshits}