krst.sneg.jpg


ЦРКВАТА И СВЕТОТ НА ПРАГОТ НА АПОКАЛИПСАТА    
Архимандрит РАФАИЛ (Карелин)


ПРЕДГОВОР

Што значи православен христијанин, според какви признаци можеме да го препознаеме во овој свет исполнет со страсти? Каде е денес границата меѓу христијанинот и паганинот, кој познавал само еден закон -  законот на задоволување на своите многубројни потреби; каде минува линијата што ги дели оној што верува во Христа и неверникот-атеист, рамнодушен спрема сето она што е недостапно за неговото сетилно восприемање?
„Христијаните, – вели преп. Макариј Велики, – имаат свој свет, свој начин на живеење, свој ум и слово, свои активности; поинаков е начинот на живеењето, умот, словото, активностите – кај световните луѓе. Едно се христијани, друго се – светољубци; меѓу првите и вторите „растојанието“ е – големо.“ А тоа „растојание“, таа различност за која зборува преподобниот, е во образот на мислите и на чувствата. А сферата на нивното пројавување е во односот спрема она што нè опкружува во овој привремен живот, однос кој се манифестира во конкретни, видливи постапки и дела. Сиот живот на „светољубецот“ е обусловен со редица правила чија суштина е – да му помогнат да достигне одредени цели коишто си ги поставил пред себе, не ретко и – по секоја цена. Животот, пак, на христијанинот е обусловен со Христовите заповеди, коишто сами по себе се вечен живот (Јован 12:50). Таквит образ на живот на христијанинот е – ангелски, тоа е живот кон кој Самиот Христос го повикува човештвото. 

Во текот на своето двеилјадигодишно постоење, христијанската Црква преживувала различни времиња, различна била и нејзината положба во светот. Првите векови на историјата на Црквата на земјата се карактеризираат, пред сè, со тоа што меѓу оние што снатане „нова твар“, оние што го соблекле „стариот човек“, и паганскиот свет кој, „скапувајќи во соблазнувачките похоти“, не сакал да знае за прогонуваните и измачуваните „Галилејци“ – се издигнала крута граница. Тогаш секој христијанин можел во еден миг да го изгуби животот како маченик, и затоа тој постојано се подготвувал за тоа, за да се претстави пред Бога, се стремел да биде во свет живот и во побожност (2 Петар 3:11); а и самиот дух на животот на првите христијани покажувал дека тие тука немаат постојан град, туку го бараат само оној што ќе дојде (Евреите 13:14). Тој пагански свет, среде кој тие живееле и на чии похоти некогаш и самите биле предадени, бил против нив, и не можело да има согласие меѓу нив и безбожјето и страшниот разврат коишто царувале во тој свет. Заради тоа и се чуделе оние со коишто тие уште до вчера заедно се „веселеле“ во световните „радости“. Затоа, поразени со светоста и со чистотата на нивното ново постоење, нивната непоколебливост и храброст пред лицето на гонењето и на мачењето, луѓето сè почесто се преобразувале од лути волци во овци на стадото Христово.

Но, наскоро настапил сосема нова епоха во животот на Црквата: христијанството, до неодамна прогонувано, станало официјална религија на моќната империја. Светот, пак, макар што се променл, сепак не се преродил целосно. И љубовта спрема светот – којашто, според зборовите на Писмото, е непријателство против Бога (Јаков 4:4) – останала во срцата на мнозинството луѓе што живееле во него. А христијаните, коишто пред тоа биле отфрлани од тој свет, и коишто самите не го примале неговиот „паганизам“, сега станале негов составен дел. Така, во срцето на таквиот свет започнала борбата меѓу духот на Христос и антихристовиот дух; христијанството се стремело да го преобрази светот, да го освети, да го приведе кон Христос, а светот – да го „осветови“, да го секуларизира христијанството, да го преобрати од Божествена востановеност во некаков општествено-државен институт, којшто ќе има свои морални норми, но кои, патем кажано, и не мора да се почитуваат. А колку била тешка таа борба, може да се заклучи оттаму што не еднаш, во текот на вековите, во Христовата Црквата се слушало прашањето: можеби и било полесно тогаш кога гореле клади и светкале мечевите на римските војници, кога ѕверовите биле пуштани во арените а гледачите занемувале на трибините, предвкусувајќи ја крвавата казна  над следбениците на распнатиот Христос?
А нашето време, навистина, е уште посложено; уште позамрсена, уште помачна е самата борба – особено во денешна Русија, како и во земјите поврзани со неа со заедничко минато, со заедничка историја. Зад нас се – прогони коишто по својата суровост се исти како и прогоните во епохата на Декој и на Диоклецијан. Потоа – децении „антирелигиозна пропаганда“, кога државата со сиот свој апарат започна и водеше осмислена, „научно“ организирана борба со религијата. Но и сегашноста – денес е можно таа трезвено да се оценува – ниту оддалеку не е идилична, исполнета со надеж за „процут“ на духовноста и за долгоочекуваното „општонародно покајание“.

Што видовме во текот на последниве неколку години? – Се возобновуваат храмовите, заживуваат древните монашки заедници, на Црквата и го враќаат – со тешко срце и во мали дози – одземениот имот. А паралелно, без пречки и тешкотии, во нашиот живот со сета силина и незадржливо влегува она за што во Писмото се вели: тајната на беззаконието веќе дејствува (2 Солунјаните 2:7): грабежи од невидени размери, бескрајни политички интриги, цинизам и грубост, беспоштедна борба за место под сонцето како меѓу „силните“, така и меѓу „слабите“ од овој свет, воени конфликти и масовно гинење на луѓето, и сето тоа дочекувано рамнодушно од страна на општеството, вџашувачка неморалност и разврат  тоа е реалноста којашто нè опкружува денес. Тоа е фонот врз кој се возобновува Црквата...
По милоста Божја, денес многумина (макар што нивниот број во последно време се проретчил) се обраќаат кон Христос, а покајанието и исправањето на животот станува насушна потреба на луѓето. Но, во денешно време на човек кој одлучил да живее нов  христијански  живот му е тешко, мошне тешко. Тој доаѓа од средина во која царува воинствено неверие или „намерно, свесно заборавање“ на Бога, стапнува во Црквата од еден полупагански свет  и застанува во самото средиште на Црквата. И како тој да разбере, како во срцето да почувствува дека за него веќе „постои друг свет, друга трпеза, друга облека, други насладувања, друго општење, друг образ на мисли“, кога тој сè уште целосно е заробеник на претходниот свет, сè уште е под власта на неговите обичаи, навики, страсти? И наеднаш сè му изгледа толку „едноставно“  и она за што е срамно и да се зборува (Ефесјаните 5:12), и она за што е просто страшно да се зборува. Човекот влегол во Црквата, срцето негово се стреми кон Бога, но тој сè уште не се разбудил од сонот, уште е млак, и не е ни свесен дека целиот живот на христијанинот е  борба, дека неговиот пат е  тенка нишка распната над провалија, и дека искушенијата се и од лево и од десно, и дека опасноста демнее од сите страни. А без таквото разбирање нема спасение, нема вистински живот во Христос. Затоа е нужно човекот се спознае, да разбере  во што е „духот на овој век“, и заедно со тоа да го одреди своето место во тој свет, да разбере дали навистина е со Христос, или само со својата уста Го исповеда, а срцето му е далеку, препуштено на власта на мртвите интереси и дела (Матеј 15:8).
Но, нашата „успиеност“ е силна и длабока, и затоа е потребно некој постојано да нè „буди“, да ни укажува на опасностите што нè опкружуваат, да нè предупредува за нив, да раскажува за нив и да нè учи како да ги избегнуваме. И, напоредо со тоа  да нè потсетува за светлата и неминлива Христова вистина, за неискажливата радост од животот со Него; за тоа дека ние, луѓето, сме создадени од Бога само заради Него и дека сам во Него ја стекнуваме полнотата на постоењето и на среќата, и затоа не ни доликува безнадежно да се препуштаме на земните радости и грижи.
Книгата на архимандритот Рафаил (Карелин) Црквата и светот на прагот на Апокалипсата е отрезнувачко, понекогаш горчливо напоменување за фонот на нашиот живот, за реалноста што нè опкружува, во којашто живееме  а сепак не ја гледаме. Според зборовите на авторот, целта на неговата книга не е да го стаписа читателот, туку да му пружи можност да разбере каков е тој фон и правилно да го оцени. Стравот, очајанието  се неумесни, недозволени чувства во христијанскиот живот. Да, нашето време е период во кој се остваруваат горчливите пророштва на Спасителот: се гаси верата (Лука 18:8), заладува љубовта (Матеј 24:12). Но, како и порано, светлината Христова го осветлува секој што доаѓа во светот, како и порано Црквата Христова стои на земјата, и во неа е  Самиот Господ, кој милува и спасува, кој ги сака праведните и ги исправува грешните. И затоа, заедно со страшните зборови на разобличување, во оваа книга на о. Рафаил се слуша и кроткиот повик кон вечниот живот, кон Небесното Царство отворено за нас, повик којшто го слуша и на кој се одѕива човековото срце.


(Од преведувачот: овој прекрасен Предговор за споменатата книга на о. Карелин нека послужи како предизвик заинтересираните да ја прочитаат самата книга

Подготви: А.И.

 

Посети: {moshits}