
Последниот овчар од Сува Планина
✨✨✨Чичко Ламброс* немаше календар. Деновите ги броеше според мените на месечината, а годишните времиња според мирисот на ветерот. Вечерва мирисаше на влажна земја и маслинка — што значеше дека доаѓа летото.
Веќе педесет години, секој мај се искачуваше до бачилото. Го беше изградил неговиот татко од сув камен, камен врз камен, без кал. „Каменот памети“, му велеше. „Ако го поставиш како што треба, ќе трае и кога нас ќе нè нема.“ Сега поголемиот дел од камењата беа паднати. Како што исчезнаа и овчарите.
Децата му беа во Солун.
„Дојди, тато, што ќе правиш сам по планините?“
На тоа тој само се насмевнуваше.
„Сам? Ги имам моите овчички, ги имам ѕвездите за друштво, а го имам и дедовиот овчарски стап.“
Стапот секогаш стоеше потпрен покрај него, како и сега. Ни волкот веќе не се плашеше од него, но нему му беше потребен. Навика.
Вечерва овците се собраа околу колибата. Фенерчето затрепери — го палеше дури кога ќе паднеше мрак, за да не го изгубат патот. Не се плашеше дека некој ќе му го украде стадото. Кој воопшто би се качувал дотука? Се плашеше да не се изгубат овците. Зашто, ако се изгуби стадото, се губи и тој.
Нареди суви маслинови лисја наместо перница. Мирисаат подобро од пердуви, велеше. Се покри со карирано ткаено ќебе што му го истка неговата жена, нашата кума Марија. Го имаше веќе четириесет години. Избледено беше, закрпено, но сè уште топлеше. До него стоеше торба со парче леб и чутура со вода од извор.
На човекот не му треба многу.
Ги затвори очите и со тоа како да ја затвори вратата кон светот. Слушаше. Ѕвончињата на овците. Кучето што залаја далеку во селото. Ветерот во маслиниците долу во рамнината. А над него — ѕвезди. Толку многу ѕвезди што човек ќе помислеше дека ќе паднат и ќе го затрупаат.
Помисли на својот мал внук, кој минатата година му рече:
„Дедо, кога ќе пораснам, ќе бидам овчар како тебе.
“Чичко Ламброс се насмевна во сонот.
Знаеше дека нема да биде така.
Децата денес гледаат во екрани, а не во ѕвезди.
Но сепак, барем за една вечер, сакаше да поверува во тоа.
Утре на разденување ќе стане.
Ќе ги измолзе овците, ќе ги истера на пасиште, ќе разговара со својот стап.
Ден сосема ист како вчерашниот.Ден сосема ист како пред педесет години.
Зашто чичко Ламброс не чуваше само овци. Чуваше еден цел свет што исчезнуваше. И додека го држеа коските, ќе спиеше тука, со перница од маслинови лисја и покривка од македонското небо.
Нека го чуваат ѕвездите и нека го буди мирисот на земјата.
Ана Данали
(од грчки преведе брат Антониј)
☦️☦️☦️Чичко Ламброс може да биде и кој било чичко Благоја од Стара, Сува или Шар Планина.
** Смирението е она што повеќе од сè друго му недостига на современиот човек.
*** Затоа што ги испуштивме децата од нашата прегратка и ги оставивме во „прегратката“ на технологијата, денес децата гледаат во екрани, а не во ѕвезди; затоа денес има толку многу депресија и самоубиства кај младите.**
фб Агиорит Агиорит