Мислам дека вториот пат, кога појдов кај старец Паисиј, бев мал, имав 18 години, и тој ме задржа кај него – тогаш за прв пат останав кај него – и ми рече: „Сега ќе јадеме!“ Го прашав што ќе јадеме, а тој ми одговори: „Ќе ти приготвам голема трпеза, нели имам гости!“ Тој се шегуваше со мене: „Имам риба, бакалар, ќе направиме голема трпеза!“ И, ајде да јадеме. Тој немаше маса. Излеговме надвор, на полјаната, каде имаше еден камен. Тој рече: „Тука ќе јадеме. Само една минутка, да ја поставам масата!“ И појде и донесе една покривка, на која имаше нацртано различни работи – банани, грозје, дињи. Тој рече: „Оваа покривка ја постилам само кога имам официјални гости, а не секој ден.“ И што имаше? Ништо немаше, имаше сув леб. Ме праша: „Сакаш ли чај?“ Јас ниту тогаш, а и ниту сега не пијам чај, и му реков: „Сполајти, не сакам!“ Тој извади свеж лук – имаше засадено пет-шест главички – и една марула. Јадевме маслинки, лук и марула. Околу нас беше празно, но никогаш нема да го заборавам тоа дека, пред да почнеме да јадеме, тој рече: „Сега да се помолиме.“ Станавме да се помолиме. Тој ги крена рацете и рече: „Оче наш, Кој Си на небесата…“. Како да ви кажам, навистина Бог беше таму! После јадењето ја кажа и благодарствената молитва. А што јадевме? Ништо – стар сув леб, кој во друг случај, дури и да ми платат, немаше да го изедам, една главичка сув лук и една марула. Но, никогаш нема да го заборавам тој момент, тоа беше најскапото јадење во целиот мој живот.

 + + +

Така и вие кои имате семејства, во вашите домови, научете се едноставно пред да седнете и да јадете, да станете и да ја кажете молитвата „Оче наш“, а по јадењето, таа убава молитва после јадење: „Ти благодариме, Христе Боже, за земните блага со кои нè насити. Те молиме, не лишувај нè и од Твоето небесно царство!“

Митрополит Атанасиј Лимасолски

Извор: http://agapi.mk/rucekot-so-starec-paisij/