Во најголем број случаи токму МПЦ ги испраќа студентите надвор од земјава за да стекнат искуства што потоа ќе ги пренесат дома, најмногу во нејзините образовни институции

НАШИ СТУДЕНТИ УЧАТ ТЕОЛОГИЈА ВО СТРАНСТВО

Речиси стана редовна практика по неколку ученици со завршеното Средно богословско училиште при Македонската православна црква-ОА да заминуваат на студии на богословските факултети во големите центри низ светот. Според податоците на црквата, триесетина студенти изминативе години се школувале на богословските факултети низ Европа, а единствено поради црковниот проблем со СПЦ учениците не се определуваат да студираат на Теолошкиот факултет во Белград.

Отец Бобан Митевски од МПЦ вели дека во најголем број случаи токму Синодот одлучува колку ученици ќе студираат теологија надвор од државата. Секако, тоа секогаш е во согласност со потребите на црквата.
- Се работи за два-тројца студенти годишно. Некоја година не се испраќа ниту еден. Целта е пред сѐ воспоставувањето контакти со другите православни цркви, собирање искуства, но најмногу да се претстави вистината за нашата црква во православниот свет - објаснува отецот Митевски.

Искуството се пренесува дома

Значајни се и познанствата и врските што овие студенти ги остваруваат за време на студиите, односно ја пренесуваат вистината за МПЦ и за нејзиниот историски континуитет како доказ за нејзиното постоење. Најмногу го истакнуваат познанството со студентите од целата православна екумена, на кои им покажале дека МПЦ заслужува да биде дел од семејството на православните цркви.

Голем дел студенти сакаат по завршувањето на студиите да се вратат во Македонија, каде што ќе можат да придонесат во работењето на МПЦ, односно своето знаење да го пренесат врз учениците или студентите во Средното богословско училиште, односно на Теолошкиот факултет при МПЦ.

Посветеност на теологијата

Определбата за студирање на одреден теолошки факултет зависи од различни причини. Најчесто тоа е развиеноста, односно особената посветеност на одредена гранка од теологијата. Дипломираните студенти велат дека предноста во школувањето во Грција или во Киев е тоа што имале можност да се стекнат со солидно познавање на грчкиот, украинскиот и рускиот јазик, што за православната црква е исто што и англискиот јазик е за светот. Во случајот на Солунскиот факултет, тоа се патрологијата (црковна книжевност) и литургиката (наука за развитокот и правилното извршување на црковните богослужби), чии најголеми истражувачи во светски рамки речиси целиот свој работен век го поминале токму на тој факултет.

Солунската катедра по црковна музика е една од ретките, ако не и единствена помеѓу теолошките факултети, каде што може да се завршат квалитетни постдипломски студии во сферата на црковната музикологија.

Покрај сево ова, отвореноста и светското реноме на факултетите дозволуваат постојано да се одржуваат многубројни семинари и да гостуваат многу познати теолози од целиот свет. Тоа е уште еден аргумент повеќе за нашите студенти да се решат своето образование да го дооформат токму на овие високообразовни институции.
Најголем образовен центар на МПЦ

Православниот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје е основан во 1977 година. Тој е возобновител на Светиклиментовиот универзитет од пред 1.122 години, како негов директен наследник. Со тоа, оваа институција е најголемиот образовен центар на МПЦ за школување теолози и свештеници во земјава.
Факултетот е признаен и познат меѓу другите православни цркви и има добра соработка со професори од другите богословски факултети во светот. Често во Скопје доаѓаат студенти и професори од другите факултети.
Професорите од Богословскиот факултет држеле предавања и учествувале на светски симпозиуми за теологија организирани од другите богословски факултети.
Овој факултет одигра важна улога во самобитноста на МПЦ, зашто од суштинско значење за една црква е да има сопствена високообразовна институција.

Автор: Радмила Заревска / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.      

Фотографија: Игор Бансколиев