На 19 април ќе почне да се гради црквата „Свети Кирил и Методиј“, која ќе биде најголема во Скопје

 

И покрај фактот што три цркви во Скопје се' уште не се изградени и по изминати десет години од поставувањето на камен-темелниците, општинарите од Аеродром не се обесхрабрени и имаат намера да почнат да градат пет нови цркви. Тие веќе се утврдени и со урбанистичка рамка, а по предлог на МПЦ, договорени се и нивните имиња. Планирано е нова црква „Свети Кирил и Методиј“ да се гради на раскрсницата меѓу булеварите „Србија“ и „Јане Сандански“, „Свети Кузман и Дамјан“ во населбата Лисиче, потоа црква „Света Богородица“ е планирана на улицата „Васко Карангелески“, спроти спортската сала „Јане Сандански“, „Свети Василиј Велики“ во Мичурин, а црква која ќе се вика „Свети Ѓорѓи“ ќе добијат жителите на улица „4“. Градоначалникот на Аеродром Кирил Тодоровски е свесен дека за изградба на храмовите се потребни многу пари, кои сега ги нема во општинската каса, но не се откажува од проектите, бидејќи, како што вели, на Општина која има 80.000 жители, и тоа најголем дел православни христијани, и' се потребни цркви.

„Општината има недостиг од цркви и нормално е да планираме да градиме. Засега немаме заокружена финансиска конструкција, но убедени сме дека ќе има заинтересирани донатори. Одредена сума ќе се издвои од буџетот на Општината, а најави за учество во изградбата има и од МПЦ. На тој начин полека, но сигурно ја доизградуваме и ‘Свети Илија‘, која очекуваме да ги отвори вратите за верниците на 2 август“, вели Тодоровски и потенцира дека црквата „Свети Кирил и Методиј“ ќе биде најголемата во Скопје. За објектот постои идеен проект, за чија реализација според процените ќе бидат потребни 5 милиони евра. Токму овој храм, според надлежните од МПЦ, ќе почне да се гради прв од планираните пет. Со црковните власти е договорено камен-темелникот на „Свети Кирил и Методиј“ да биде поставен на 19 април.

„Од сите пет планирани за изградба, МПЦ засега е сигурна дека финансиски ќе учествува во изградбата на црквата лоцирана на границата меѓу населбите Јане Сандански и Ново Лисиче. Веќе имаме обезбедено пари за изградба на објектот до фаза карабина. За негова доизградба, како и за останатите цркви, се надеваме на помош од Општината, верниците и заинтересирани донатори“, вели отец Коста Станоевски, секретар на Скопската епархија. Тој информира дека на неодамнешната средба меѓу градоначалникот Тодоровски и архиепископот г.г Стефан биле утврдени и термините за поставување на темелите на другите цркви. Би требало сите да почнат да се градат до почетокот на есента. Инаку, ниту од МПЦ, ниту од Општината не посочуваат рокови за изградба на верските објекти. Велат, најбитно е тие да почнат да се градат.


 Деспина Трајковска-Утрински весник

Посети:{moshits}