Христос се роди! (07.01.2010)


Денес, на празникот на Раѓањето Христово, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата на свети Григориј Палама и свети великомачник Димитриј во Струмица. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Тело и Крв Христови.

 

 

Рождество Христово

 

 

 

„Оној Кој седи на небото над небесата, на истокот на Својата слава и светлина, се прославува (денес) на западот на нашата сиромаштија и ништожност; и Синот Божји прифати да постане и да се именува Син Човечки” (Свети Григориј Богослов).

 

Она што се однесува на Божјата природа не може да биде предмет на научно истражување. Каков би бил тој бог кој би бил подложен на емпириски истражувања и за кого науката би можела да докажува дали постои? Никаков! Кога би можело научно да се докаже постоењето на Бог, тогаш во многу би се нарушила човековата слобода на избор помеѓу доброто и злото. Божјиот дар на слободата е основно својство и незаменлива вредност на човековата личност, создадена според икона и подобие Божјо.

Она што се однесува на некои Божји дела и интервенции во човековата историја може да подлежи и на научни истражувања, на пример археолошки, но може да се развива само во насока на докажување на библиските записи, а не во правец на нивно негирање.  Како и да е, за нас во Црквата важи следното правило: кога би можело и научно да се докаже некаква вистина дека Богочовекот Христос не постои, јас повеќе би останал со Христос отколку со таа вистина.

Она што се однесува на Божјите пројави и енергии може да се познае само преку личен опит. Затоа, во Црквата не постои надворешен, научен критериум за познавање на вистината – Христос, туку постои внатрешен, аскетско-исихастички и светотаински критериум преку кој лично и опитно Го познаваме Христос Вистинскиот Бог. Кога човекот, преку аскетски и молитвен подвиг и преку учеството во Светите Тајни, ќе го очисти своето срце од страстите (славољубие, среброљубие и сластољубие) тогаш во него ќе го открие Царството Небесно, односно благодатта Божја, која ја примаме преку светата тајна Крштение. Божествената благодат го преобразува целиот наш духовен живот и постоење: вообичаената секојдневна молитва добива друг квалитет – станува умносрдечна, умот се просветлува, а внатрешната борба со демонските страсти значително ослабува. Ако процесот на преобразување го достигне степенот на обожение и на душата и на телото, тогаш човекот, според свети Григориј Палама, со своите преобразени телесни очи ќе може да ја види несоздадената божествена енергија како светлина која на сè создадено соодветно му дава постоење, живот и словесност, односно како несоздадена светлина која на човекот му дава битие, благобитие и вечно благобитие.

Значи, сè е кажано во Светото Евангелие, само треба евангелските зборови да ги преточиме во лични дела. Како што велат светите Отци, Бог се крие во Своите заповеди и оној што ќе ги исполни, тој ќе Го познае Него.

Деца, денес е Рождество Христово. Несоздадениот, Кој предвечно, бестрасно, бестелесно се раѓа на начин надумен од Бог и Отецот, се роди денес бестрасно во тело од Богородица и Секогаш дева Марија, во Витлеем Јудејски. Несместливиот, во Чиишто прегратки почива сè што е создадено, денес, сместен во тело, почива во прегратките на Својата Пресвета Мајка. Не со промена на местото, зашто е насекаде присутен, туку по снисходение Божјо, зашто е Един Човекољубец, дојде кон Отецот да нè приведе и достоинството на седењето од Неговата десна страна да ни го дарува. Останувајќи совршен Бог, Единородниот Син Божји непроменливо стана и Совршен Човек и поистоветувајќи се на тој начин со секого од нас, ја натовари врз Себе секоја наша тага, темнина, болка, страдание, осаменост, безнадежност и смрт. Синот Божји стана човек и нам ни овозможи да станеме богови по благодат.

Сиот Негов живот меѓу нас земнородните беше едно смирено и неизглаголливо страдание, чиишто размери за нас, како создадени, засекогаш ќе останат неодгатнати. Дојде како Богочовек, чинејќи нè лични сопственици и причесници на плодовите од за нас спасителното општење на својствата на Божјата и Човековата природа во Неговата Ипостас (Личност). Богатиот заради нас осиромаши, земајќи ја сиромаштијата на нашето тело за ние, пак, во Неговото Тело – Црквата да се збогатуваме, безмерно обдарувани со Божествените, несоздадени дарови на Светиот Дух. Дојде и стана човек за ние да станеме богови по благодат, за постојано, благодатно и соборно да раснеме според мерата на растот на Неговата полнота (Ефес. 4, 13). Овој раст за нас во Црквата - низ тајната на нејзиниот соборно-евхаристиски живот - не е само благодат, обожување, радост и живот, љубов и слобода туку може да биде и болка, тага, страдание, осаменост и напуштеност од сите луѓе. Всушност, во овој век и живот тоа е една чудесна, потребна и света испреплетеност или антиномичност на овие спротивности.

Денес родениот Богомладенец дојде и ни дарува во ликот на најмалиот, најгрешниот наш брат да Го љубиме и да Го препознаваме Него; средбата со нашиот ближен да ни биде проверка на вистинитоста на нашиот живот во Него. Од Бог и Отецот ниспосланиот Син Божји ни дарува во Црквата – таа несоздадено-создадена икона на Света Троица – и низ Нејзината Света Евхаристија, да го преобразуваме нашето постоење, образувајќи ги личните односи според подобие на она светотроично ‘како’. „Сите едно да бидат, како Ти, Оче, што Си во Мене и Јас во Тебе; и тие во Нас едно да бидат, светот да поверува дека Ти Си Ме пратил“ (Јован 17, 21). Вака возљубувајќи се еден со друг, да бидеме живи и светлозрачни икони на Божјото јавување, вечни сведоци на светотроичниот благодатен домострој на спасението, откриен во Личноста на Богочовекот Христос, во Неговото воскреснато Тело - Црквата и ологосени гласници на радосната вест дека Христос Бог се роди!

Деца, ние во секоја света Литургија на Црквата го славиме секој момент од Христовиот живот. И Христовото воплотување, и Христовото рождество, и Христовата мисија, и Христовите страдања, и Христовото погребение, и Христовото воскресение, и Христовото вознесение, и Христовото седнување од десно на Бог и Отецот и светата Педесетница, односно, исполнувањето на ветувањето за Духот. Тоа не значи дека на секоја Литургија се повторува Христовиот Домострој за нашето спасение, туку значи дека на нас кои учествуваме во литургиското време и простор на црковната Евхаристија (благодарствена Жртва) повторно и повторно ни се пружа можноста благодатно и реално да учествуваме во целиот Христов живот, причестувајќи се со Него. На овој начин во Македонија го слават Христовото рождество уште од доаѓањето на светиот апостол Павле и од учеството на верните во првите Литургии на Црквата.

Лично, духовно и внатрешно, Рождеството Христово можеме вистински да го славиме само ако со умот го пронајдеме влезот за внатрешноста во нашето срце, влезот на пештерата каде што Христос положен во јасли лежи и само ако таму Му се поклониме и Му ги принесеме своите дарови на Богомладенецот Христос. Сè додека не го достигнеме овој наш внатрешен духовен развој, сè до тогаш, велам, ќе останеме да го празнуваме Рождеството Христово само на неговите маргини. 

            Нашиот живот и постоење ни се дар од нашиот Небесен Отец. Како да Му заблагодариме за сѐ што Он направил за нас? Светото Евангелие вели: „Возљуби Го Господ Својот Бог со сета своја душа, со сето свое срце, со сиот свој ум и разум и со сите свои сили“. Сите ние треба да го посветиме својот живот и постоење на Бог и во Негова слава, исто како што и Он Својот живот го посвети на нас и за наше прославување. Секој од нас тоа ќе го направи според своите сили и според својата љубов, така што едни ќе донесат триесет, други шеесет а трети стократен плод. Треба со целиот наш живот да го сведочиме прекрасното чудо дека станавме богови по благодат. Пресвета Богородице помогни ни и спаси нѐ!

 

Христос се роди!

 

                                                                                                                          Митрополит Струмички Наум