БЕСЕДА 31

Оној што верува треба да се промени во својот ум и да ги собере во Бога сите мисли, од што, всушност, и се состои сето служење на Бога.

1. Верниот човек треба да Го моли Бога да се промени насоката на волјата кај него преку промената на срцето, промена од горчина во сладост. Треба да помни како се исцели слепиот, како се излечи крвоточивата, допирајќи се до крајот од ризата, како е скротена природата на лавовите, како е направена неактивна природата на огнот, затоа што Бог е најголемата убавина - кон Него треба да ги издигнуваш умот и мислите и во мислите да немаш ништо друго, освен очекување да Го видиш.
2. Значи, душата да ги собере и смири помислите расеани од гревот, како палави деца. Нека ги воведе во домот на своето тело, непрестајно во пост и со љубов очекувајќи Го Господа да дојде и реално да ја собере во едно. А бидејќи иднината е неизвесна, уште повеќе да се надева, својата надеж целосно полагајќи ја кормиларот (капетанот), и да помни како Раав, живеејќи со другоплеменици, им поверува на Израилците и се удостои да живее заедно со нив, и како Израилците, со својата желба, се враќаа во Египет. Како што на Раав ни најмалку не и наштетило тоа што живеела заедно со другоплеменици и како што нејзината вера ја присоедини кон делот на Израилците, така гревот нема да им наштети на оние коишто со надеж и вера Го очекуваат Искупителот, Кој, откако дојде, ги менува душевните помисли, правејќи ги божествени, небесни, добри, и ја научува душата на вистинска и нерасеана молитва. Речено е: Не плаши се, „пред тебе ќе одам, планини ќе рамнам, бакарни врати ќе разбивам и железни резиња ќе кршам" (Иса. 45,2). И уште речено е: „Пази се, да не влезе во срцето твое лукава мисла" (5. Мој. 15, 9); не вели во своето срце: „тие беа народ голем, многуброен и јак" (2, 21).
3. Ако не не обзема мрзливост и не им дадеме во себе храна на несредените порочни помисли, туку со својата волја го привлечеме умот, присилувајќи ги помислите да се устремат кон Господа, тогаш без сомнение Господ, по Своја волја, ќе пријде кон нас и реално ќе не собере кон Себе, затоа што сето благоугодување и служење зависи од помислите. Затоа, труди се да Му угодуваш на Господа, постојано очекувајќи Го внатрешно, барајќи Го во мислите, поттикнувајќи ја и присилувајќи ја својата волја и непрестајно насочувајќи ја кон Него. Погледни како Тој доаѓа кај тебе и во тебе си создава живеалиште. Зашто колку повеќе го собираш својот ум во тоа да Го бараш Него, толку повеќе - и уште повеќе - Тој се принуцува, преку Својата сопствена милосрдност и добрина, да дојде кај тебе и да те успокои. Тој стои и го набљудува твојот ум, мислите и нивното движење, наѕирнува на каков начин Го бараш, дали од сета твоја душа, дали си мрзлив во тоа, дали си негрижлив.
4. И кога ќе ја види желноста со којашто Го бараш, ќе ти се јави и ќе ти се открие, ќе ти ја даде Својата помош и ќе ти подготви победа, избавувајќи те од твоите непријатели. Зашто, откако претходно го запознал твојот стремеж кон Него, а и тоа дека се што очекуваш ти очекуваш само од Него, ќе те научи и ќе ти даде вистинска молитва, вистинска љубов; а тоа е - Тој самиот, Кој во тебе станува се, и за тебе е рај, дрво на животот, бисер, венец, организатор, земјоделец, страдалец, бестрасен човек, Бог, вино, вода жива, овца, младоженец, војник, оружје - се во се е Христос. Како што бебето не умее самото да си помогне или да се погрижи за себе, па само гледа во мајката и плаче, додека таа не се сожали и не го земе, така верните души се надеваат постојано и само на Господа, Нему припишувајќи Му ја секоја правда. Како што се исушува ластарот одвоен од лозницата, така и оние кои сакаат да се оправдаат без Христа. Како што „крадец е и разбојник" оној што „не влегува низ вратата... а прескокнува од другата страна" (Јован 10, 1), така и оној кој се оправдува самиот себе без Оној Кој оправдува.
5. Според тоа, да го кренеме ова тело, да подигнеме жртвеник, да ги положиме на него сите наши мисли и да Го молиме Господа да ни испрати од небото невидлив и силен оган, кој да го изгори и жртвеникот и се што е на него. И да бидат поразени сите свештеници Ваалови, т.е. противничките сили. И тогаш ќе го видиме небесниот дожд како слегува во душата, зашто ќе се исполни и на нас Божјото ветување, како што е кажано кај пророкот: „Ке ја подигнам паднатата скинија Давидова, ќе ги пополнам пукнатините нејзини" (Амос 9, 11). Да молиме Господ, според Својата благост, да ја озари душата којашто се наоѓа во ноќ и во темница, опиена од незнаењето, и таа, ободрена, ќе се движи сигурно, извршувајќи дела на денот и животот. Зашто душата и се храни со она што го јаде или од овој свет или од Духот Божји; и Бог таму се храни, живее, почива и престојува.
6. Впрочем, секој човек, ако сака, може самиот да се испита со што се храни, каде живее и со што се занимава, па така, кога ќе сфати и ќе стекне способност точно да ги разликува нештата, целосно да се предаде на стремежот кон доброто. Освен тоа, кога ја вршиш молитвата, внимавај на себеси, проникнувајќи во помислите и дејствата (енергиите) од каде се тие, дали од Бога или од непријателот? И кој му дава храна на срцето, Господ ли, или владетелите на овој век? И ти, како испитана и самоспознаена душа, преку труд и со љубов моли од Господа небесна храна, растеж и плод Христов, според кажаното: „нашето живеалиште е на небесата" (Филип. 3, 20), а не во надворешниот изглед и лик, како што мислат некои. Зашто, ете, умот и разбирањето на оние коишто имаат само изглед на благочестие (побожност) се слични на светот. Кај нив слободната волја се колеба и бранува, мислата е непостојана, плашливи се и ги обзема страв, според кажаното: „Ке бидаш изгнаник и скитник по Земјата" (1. Мој. 4, 12). Толку време колебајќи се поради неверието и збрката на непостојаните помисли, како и сите останати луѓе, тие се разликуваат од светот само според надворешниот изглед и телесните успеси на надворешниот човек, а со срцето и умот се занесени со светот и, приврзани кон земните работи, се заплеткуваат во бесполезни грижи и не го стекнуваат со срцето небесниот мир, како што вели апостолот: „Мир Божји да владее во срцата ваши" (Кол. 3, 15) - мирот кој царува и ги обновува умовите на верните во љубовта кон Бога и кон сето братство. Слава и поклонување на Отецот и Синот и Светиот Дух во вековите! Амин.

Издавач: ЃаконијА

 

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg