ДВА НЕРАЗДЕЛНИ УСЛОВИ

„И ете, една жена Хананејка, како излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес. Но Он не ѝ одврати ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: Отпушти ја, оти вика по нас. А Он одговори и рече: Јас сум пратен само при загубените овци на домот Израилев. Но таа, кога пристапи, Му се клањаше и велеше: Господи, помогни ми! А Он, одговарајќи ѝ рече: Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата. Но таа Му рече: Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари. Тогаш Исус одговори и рече: О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја! И во тој час оздраве ќерката нејзина.“
Се сеќавате, деца, на ова евангелие; тоа е пример за целосрдечно послушание. Кога ние со цело срце го прифаќаме Божјото слово за нас – колку и да ни изгледа лошо, тогаш ние, преку него, ја прифаќаме несоздадената Божја енергија, благодат, живот, волја, промисла, т.е. Самиот Него и тогаш – нашата душа почнува да се исцелува; односно, безсловесните сили на душата – волјата и желбата, влегуваат под команда на словесната сила – умот. Умот, пак, може несметано молитвено да ја насочува својата енергија кон внатрешноста на своето срце. Овој подвиг го гледаме кај жената Хананејка – и нејзиното смирение, т.е. послушание и нејзината упорност, т.е. константен молитвен подвиг.
Значи, внимавајте уште еднаш, ставањето на умот во процес на конечно исцеление го сочинуваат два неразделни услови: послушание кон духовниот отец и молитвено насочување на енергијата на умот кон срцето. Еден од условите да не е исполнет, подвигот на исцеление многу ќе биде отежнат, а опасноста од прелест зголемена. Можам да речам дека и влезот во првиот степен на духовниот развој – очистување на срцето од страстите, е под голем знак на прашање.
Само послушание, без аскетска умно-срдечна молитва, може да внесе во идолопоклонички однос кон духовниот отец или кон духовникот, а само молитвен обид за умно-срдечна молитва – без послушание, сигурно ќе заврши во голема прелест – бидејќи е подвиг започнат во прелест. Односот кон вашиот Епископ, е проверка за првата прелест, т.е. или некој друг сметате за духовен отец – наместо само како духовник, или воопшто немате подвиг на аскетска умно-срдечна молитва – и тоа, вообичаено, оди заедно. А за втората прелест – не треба ни проверка; прелест е.
Должни сме - на Христос, да оставиме – позади себе, точно Предание. Посебно, кога веќе има и кој да го прими.
Тоа, за денес; Господ нека ни е на помош!
Митрополит Струмички Наум
Божествена Литургија во манастирот „Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса.
08.08.2026