Naum.na.Lit92

БОГОЈАВЛЕНИЕ - ОТКЛУЧУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТОТ НА ЛИЧНОСТА


           Бог го создаде човекот според Својот образ и подобие, т.е. како личност. Што точно, колку што може да сфатиме, значи тоа?
Прво, образот Божји значи - совршена слобода, а подобието Божјо значи - совршена љубов. Бог му вградил на човекот потенцијал и сила да стигне, само ако сака, од образ до подобие Божјо. Тоа е потенцијал со неограничен капацитет; до станување на бог по благодат и дете Божјо.
          Второ, за да ја оствари, од Бог, предназначената цел, секој еден од нас треба да го открие својот внатрешен потенцијал, на таков начин – што ќе го остварува принципот на слобода и саможртвена љубов во односот со Бог и со луѓето; тој принцип се остварува со давање без барање и очекување, како и со благодарност и радост на слободниот и љубовен одговор од другите – што е, на крај, секогаш дар Божји.
Трето, за остварување на овој принцип и за откривање на нашиот личен потенцијал, ние мора да влеземе во „ризик“ на градење на личносен однос со Бог и со луѓето - кои Божјата промисла за нас ги внесува во нашиот живот; што претпоставува дека секако ќе бидеме, не само исполнети, туку и повредени.
Личноста се пројавува само во заедница.
Отклучувањето на неограниченоста на капацитетот на нашата личност, после нашето отпаѓање од Бог, ни го овозможи Богочовекот Христос - крштевајќи се од Пророкот и Претеча Јован на реката Јордан, како и нашето крштевање во Смртта и Воскресението Христови, по благодатта на Светиот Дух Господ – во Црквата Божја.
Постоењето на големиот капацитет на личноста прв ни го покажа светиот Архангел Михаил, а дека тој капацитет е неограничен, ни откри Пресвета Богородица. По нивните свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нас!


Митрополит Струмички Наум Водокрст и Богојавление во Велјуса 2026г.