Naum.na.Lit74

            ”Сестрите ми приговараат дака не давам конкретни примери за – што значи тоа целосно насочување на нашата енергија кон Бог и дека можеби сум неразбирлив за обичниот човек. Добро, еве:


        Најважно е нашата енергија да ја насочиме кон единствениот вистински Бог – Света Троица. Затоа што единствениот вистински Бог е и несоздаден, така што кога нашата создадена енергија ја насочуваме кон Неговата и кога стапуваме во заедница со Неговата несоздадена енергија да може да се случи наше преобразување. Не може создадено да преобрази создадено. Немаме ли личен однос со вистинскиот Бог, се наоѓаме во енергетско растројство.
        Ако примиме погрешна информација и со тоа ја отфрлиме вистината - како и Божјата енергија што е нејзин носител, повторно ќе се најдеме во енергетско растројство. На пример, која било наша самоидентификација што е спротивна на нашата христијанска самоидентификација е примена погрешна информација и енергетско растројство. Или, наједноставно, сѐ на коешто во нашиот живот ќе му дадеме предност пред Бог, т.е. сѐ што ќе ни стане идол – самите себе, семејството, функцијата, богатството, народот, државата и што било, нѐ внесува во енергетско растројство. Исто така, ако на нешто што не е Бог ја засноваме нашата сигурност и безбедност, ние се наоѓаме во енергетско растројство.
          Ако, откако преку Светите Тајни станеме членови на Црквата, не го ставиме умот во процес на исцеление преку послушание на духовниот отец, ние се наоѓаме во енергетско растројство. Исто така, ако нашата молитва не ги опфаќа сите луѓе, па дури и непријателите, ние се наоѓаме во енергетско растројство.
Постои и целосно насочување на нашата енергија кон Бог дури и само како намера. На пример, наутро штом станеме целата наша енергија - како намера, треба да биде насочена кон Бог – до крајот на денот; сѐ што правиме, сѐ што мислиме, и сѐ што чувствуваме - сѐ да биде посветено на Бог, сѐ да правиме по Божја волја и во Божја слава, така што и најобичните работи да ни станат богослужба. Може и да не успееме во стварност тоа да го постигнеме, но многу е важно - во намера, да постои тоа тежнеење во нас. Немаме ли добра намера, се наоѓаме во енергетско растројство.
         Потоа, кога бараме само човечка правда и вината ја лоцираме во другите – надвор од себе, тогаш, исто така, ни се случува енергетско растројство: поголемиот дел од нашата енергија – сакале или не, го насочуваме кон оној што го сметаме виновен за несреќата што ни се случила; остатокот од нашата енергија го трошиме на погрешни сигнали – кон духовниот свет, кон другите луѓе и кон природата околу нас; и ако нешто енергија ни остане, ја насочуваме кон Бог – во некој неодреден правец. Ако вината не ја лоцираме во себе, преку првенствено барање на Божјата правда, тогаш немаме целосна енергетска молитвена насоченост кон Бог во нашето срце, туку се наоѓаме во енергетско растројство.
        Или, друг пример - за монасите; ако монахот не умре за овој свет, односно ако не ги сруши сите мостови зад себе – напуштајќи го светот, т.е. ако си остави било каква отстапница во вид на пари на страна, сопствен имот, телефонска или интернет комуникација, или кој било вид комуникација со светот, или паралелен однос внатре во манастирот – спротивен на благословениот ерархиски однос и поредок, како и ако не го стави умот во процес на исцеление преку послушание кон духовниот отец, а сето ова заедно – до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва, тогаш ништо од монаштво и од умирањето за светот. Таквиот монах се наоѓа во енергетско растројство.
         Единствено целосното насочување на нашата енергија кон Бог може да ни донесе преобразување и премин од смрт во живот. Делумното или минималното насочување на нашата енергија кон Бог значи енергетско растројство, изобличување на Божјиот лик во нас и престој во сенката смртна. Личен однос со Оној што потполно енергетски ти се дал можеш да оствариш само ако потполно енергетски Му се дадеш.”


Митрополит Струмички г. Наум

 2025