TVIT376.Plaoshnik

Почитувани верни чеда, во прилог Ви ја пренесуваме Беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изговорена во Капелата во Митрополитската резиденција на Плаошник во Охрид.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

               Параболата за цариникот и фарисејот претставува длабоко проникнување во човековата душа, и за нас е многу важно да го задржиме нашето внимание врз ова кажување. Оваа парабола нема во предвид само двајца луѓе кои дошле во храмот Божји да се помолат туку ги има предвид сите луѓе кои застануваат пред Бога, бидејќи сите носат една противречност помеѓу надменоста и смиреноста. Секој човек е разделен помеѓу духот на горделивиот фарисеј и смирениот цариник. Описот на оваа религиозна парабола се однесува кон сите нас, а ние добро знаеме и да проникнеме во нејзината длабочина, и оттаму да испитаме и да ја оцениме нашата вистинска духовна состојба, тогаш кога стоиме на молитва или размислуваме за Бога.

Двете души влегле во храмот да се помолат. Едниот бил фарисеј, другиот цариник. Се истакнал фарисејот напред во храмот и почнал да се моли, целиот обземен од славољубие и надменост: Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; грабливци, несправедливи, прељубодејци (Лк. 18, 11). Спротивно на неговото надмено славољубие, го запираме својот поглед врз цариникот, кој стоел настрана, со понизна глава и со чувство на самосознание, и кој се молел, но не како фарисејот кој го презирал цариникот.

Што е тоа, пак, што фарисејот гледал во цариникот и што имал предвид? Фарисеите во еврејскиот народ биле сметани за праведни луѓе кои служат на народот, додека, пак, цариниците биле сметани за луѓе кои го ограбуваат еврејскиот народ и за луѓе кои им служат на нивните непријатели. Но, се поставува прашањето: дали секогаш е тоа така? Каква придобивка има фарисејот кој верувал во својата праведност и бил убеден дека се наоѓа во Божјата благодат? Фарисејот веќе го осудил цариникот без да ја разбере вистинската смисла на својата проценка, односно дека овој цариник е грешник како што тој сметал. Овој цариник, кој бил понизен, не смеел ни погледот да го упати кон небото, туку се удирал во своите гради и се молел: Боже, биди милостив кон мене грешниот (Лк. 18, 13).

Гледаме ли колкава бездна ги дели двете души? Едниот е во полно смирение и се бие во гради дека е грешен и бара Божја милост, а другиот, без да ја сознае својата вистинска духовна состојба, стои надмено пред Бога и луѓето, и од Бога не бара милост туку награда. Тој е убеден дека таквата награда ја заслужува, бидејќи ја исполнува Божјата волја, според писанијата на старозаветната религиозност. А милоста е токму за грешниците.

А кога стоиме пред Бога, треба искрено да се смируваме, зашто тогаш ќе можеме да го видиме неизреченото Божјо величие и нашата незначителност. Кога молитвата ќе ни отиде високо пред Бога Творецот, тогаш и ние се смируваме. Колку е голема и неискажлива Божјата љубов кон луѓето! Милоста Божја се пројавува од Неговата бескрајна љубов, пројавена во милостите што ги испраќа од Неговата обилна штедрост, а тоа особено се гледа во искупителната жртва на Неговиот Единороден Син, Господ Исус Христос. Барајќи ја Божјата милост и Неговата љубов, најпрво треба да се вдлабочиме до дното на душата и да најдеме смирение, а тоа да допре до нашето срце како совршен мир. Зашто сите ние, кој повеќе кој помалку, сме грешни и гревовни. И, повеќе или помалку, сме слаби и духовно заспани.

Да слушнеме со каква прекрасна молитва се обраќа св. Григориј Богослов во едно слово кон Бога: Во Твоите книги се прославени тројца цариници: Матеј Великиот, вториот кој просолзел во храмот, и третиот – Закхеј; соедини ме и мене кон нив како четврти. Исто така, тројца раслабени (парализирани): едниот со постелата (Мт. 9, 1-8), другиот во бањата Витезда (Јв. 5, 5-8) и третиот опфатен со лош дух (Лк. 9, 8-11). Присоедини ме и мене кон нив. Тројца мртви видоа повторно светлина откако ти им ја откри: ќерката на началникот (Мт. 9, 25), синот на вдовицата (Лк. 7, 14-15) и полураспаднатиот положен во гроб Лазар (Јн. 11, 44). Присоедини ме и мене кон нив како четврти.

Да Го молиме Бога, Он да ни ја испрати Својата благодатна сила, за да се ослободиме од фарисејскиот дух на надменост, и со смирението на цариникот сѐ повеќе да се утврдуваме во доброто и во силата на духовното растење. Да бидеме цариници во молитвата и во добрата мисла, знаејќи дека нема поголема духовна вредност од смирението, преку кое се добива и почитувањето во овдешниот живот, но и со кое се поплочува патот кон вечниот и блажен живот. Амин.

Недела на цариникот и фарисејот
Охрид
25.02.2024 г.

 Perivlepta.Pantokrator

https://www.dke.org.mk/index.php/3638-beseda-vo-nedelata-na-carinikot-i-farisejot