Hristos.pobednik

Како бесот се крие (13.08.2023 11:33)

На евангелското четиво на денешната Литургија, Митрополитот Струмички г. Наум ја одржа следната беседа:

Како бесот се крие

Hristos.Spasuva4

        Кога дојдоа при народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нов месец го фаќа бес и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го однесов при Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат“.

 

Деца, сум ви го толкувал продолжетокот од ова евангелско четиво (види: Матеј 17, 14–23), кога Богочовекот Христос насамо разговара со Своите ученици и им објаснува зошто тие не можеа да го изгонат бесот и да го излекуваат детето (види:.https://preminportal.com.mk/288-beseda/24412-mitropolit-strumichki-naum-do-koga-kje-bidam-so-vas-28-08-2021) Сега да го видиме почетокот.

Не ни е непозната тактиката на демоните кога нѐ напаѓаат. Нивна главна цел им е да не ги препознаеме нив во искушението што ни се случува, но исто така, по можност, да не ги препознаеме и страстите, како и прелестите и илузиите – кои на нив се таложат, позади кои демонот одлично се крие, а од кои сме заробени.

            На пример, наместо христијаните да негуваат пастирски пристап кон овосветските социјални феномени и шеми, т.е. овосветските самочовечки форми на организирање, како што се државата, нацијата (народот) и партијата, тие денес најчесто надѕидуваат однос на поистоветување. Преку пастирскиот однос кон нив христијаните ја внесуваат Божјата благодат и Божјиот благослов во тие социјални феномени и шеми – и тие напредуваат, а преку односот на поистоветување со нив, тие се одрекуваат од Богочовекот Христос и внесуваат проклетство во државата, нацијата и партијата. После сѐ и се чудат што им се случува. Христијанинот може да се поистовети само со Христос и со никој друг и ништо друго. Демонот дотолку нѐ има заслепено што оваа реалност не можеме ниту да ја видиме, а камоли разбереме.

Илузијата на поистоветувањето се заснова на страста самољубие, за која, пак, е карактеристично барањето сигурност во царството земно, надвор од Христос, надвор од Царството Небесно.

Оттука па натаму, без оглед дали ќе биде препознен или не, демонот се обидува вината за тоа што се случува да ја префрли на друг. Во конкретниов пример што предмалку го дадов, „другиот“ се најчесто еден или повеќе или сите луѓе од друга партија, од друга нација (или народ) и од друга држава. Не, јас или ние, никогаш не сме. Можеби ни е крив гласникот или пророкот?

Во конкретниов евангелски пример гледаме уште едно демонско лукавство, своето делување демонот намерно секогаш го активира на нов месец, т.е. млада месечина, за да го оттргне вниманието колку може од себе и од нашата падната состојба, а да го насочи кон небеските појави – месечини, планети, ѕвезди, соѕвездија итн. Оттука, и таквиот развој на астрологијата, разните предвидувања согласно движењето на планетите, верувањето во хороскопот и слично.

Точно е дека сме поврзани со сѐ создадено, но на созданието да му дава некој клучно и одлучувачко значение, наместо на Бог, е навистина демонска прелест, како и илузија. Слично на ова е и очекувањето, да не речам и посакувањето, на оној што ни згрешил автоматски да му се случи некое зло. Превидуваме дека тој некој можеби се покајал или дека Бог го чека и му дава време за покајание, не сакајќи ја смртта на грешникот. Нели и ние требаше да бидеме како нашиот Небесен Отец и да се молиме за покајанието на тој што ни згрешил, како и за негово спасение? Нема ништо автоматско и безлично таму каде што има Бог Кој Е Личност.

Во првиот пример што го наведов, наместо млад месец, бесот во нас се активира секогаш кога ќе се случи нешто што не одговара на нашите партиски, национални и државни погледи, т.е. поистоветувања. Потоа паѓаме во оган, т.е. во гнев, омраза и слично, или во вода, т.е. во очајание, односно депресија, тага, неутешен плач и слично. Сами си ги пишуваме и симптомите и дијагнозите. Зарем не го гледаме сето ова на социјалните мрежи?

Бесот во нас се активира секогаш кога некој ќе ги повреди нашите страсти – без оглед од кои страсти сме заробени. Единствена страст од која сме сигурно заробени е славољубието – желбата за човечка власт и слава, за човечки пофалби и почести, за награди и сѐ слично на тоа. Веднаш потоа следуваат среброљубието и сластољубието.

А Исус одговори и рече: „О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете ми го тука!“ И му нареди Исус на бесот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час.

Богочовекот Христос не е сега меѓу нас, но затоа ги остави Своите наследници, Епископите, чиј глас, кој повикува на лично покајание, треба да го послушаме, ако сакаме да се исцелиме. Нели, на тие што нѐ повикуваат на покајание и ни го покажуваат таквиот пат, не баш на сите. А патот е тесен и малкумина врват по него.

Од кои причини сѐ уште спомнувам само лично покајание? Мислите дека може да се случи доброволно и сенародно покајание? Јас не мислам; дај Боже да грешам. За такво покајание треба да имаме голем процент на народ што редовно се црквува, а кај нас ги нема ни еден процент; луѓето не ни чуле за покајание. Сенародно покајание е можеби возможно само при големи несреќи. А не гледам и некој што покажува забележлив пример на покајание, вклучувајќи се тука и себеси.

Господи Исусе Христе, по молитвите на Пресвета Богородица, спаси нѐ сите!

 http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7849

Drugo>