TViTer613

"Секогаш го дефинираме односот кон другите и односот кон себе...Каде и кога? Постојано, почнувајќи овде во Црквата а потоа и во своите домови. Секогаш кога зборуваме  на  оваа тема зборуваме за сопствената совест. Ако не сакаш да те озборуваат – не озборувај, ако сакаш да те сакаат – сакај и ти и повеќе од тоа, без да бараш нешто за возврат. И толку. Одовде па натаму не се занимаваме со “високи теологии” туку само со еден "обичен" бон – тон.
          Човекот е “сместилиште” т.е престол на живиот Бог. Големината на човекот и човечката душа,т.е човечката природа е огромна. Штом може да го прими Бога во себе и во срцето свое ( и во духовна смисла ) за  да биде Негов престол, а Бог се вселува и седнува ( а Тој е несместлив ), која е тогаш неговата големина?  Како ние треба да се однесуваме  за да достигнеме да бидеме престол на Бога во срцето наше? Колкава “големина” треба да поседуваме за да го направи Тој тоа?
          И покрај тоа што ние, го бркаме како и Гадаринците и го молиме да си отиде од нашиот крај  ( зашто нема да можеме да си ги вршиме нашите гревови, нашите престапи и сл. ) Тој никогаш не се откажува  од нас. И секогаш ќе најде начин да нè оправда и да не подигне повисоко од тоа што ние всушност заслужуваме. Истото се случува и со причеста. Тој ни се дава нам целиот, во  потполност и не покрива во целата наша пропадливост и создава од тоа “ нов човек “, нов Адам.
          Христос ја обновува својата жртва постојано, кај секој еден од нас. Ако ние истраеме во подвигот и останеме на патот, Христос нема да мора повеќе да се жртвува за нас, ние ќе се жртвуваме за Него, заради Христос. Тој е како добриот родител кој се жртвува за своето дете, а потоа детето се жртвува за родителот и своите деца зашто тоа го научил од својот родител.
         Затоа за нас нема оправдание, во ниту еден момент дека може и ни е дозволено да вршиме зло, затоа што ние вечно ќе го имаме Христос за наш пример. Оправданијата само го продлабочуваат јазот помеѓу “мене” и Христос и тука се губи секаква јасна  слика за тоа што треба ние да правиме.


Нашата слободна волја треба секогаш да биде Христова. "


ДВАЕСЕТ И ТРЕТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА
(Лука 8,26-39)


Извадоци од  беседа, игумен Фотиј Беровски

 

20.11.2022 лето Господово