Mit.Efrem.Kirijakis

БЕСЧУВСТВИТЕЛНОСТА КОН ГРЕВОТ

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух, амин!


Ја слушнавме, возљубени, евангелската парабола, позната како „парабола за богатиот и сиромавиот Лазар“. Господ Исус Христос често зборува во параболи, многу често не зборува директно, затоа што сака слушателот да размислува за зборовите што ги слуша. Човекот кој не расудува не може да има полза од тоа што го слуша! Ова им е добро познато на психолозите. Оној што не слуша и не го восприема во себе она што го слуша, не може да им даде смисла на зборовите и да ги примени. Затоа Господ Исус Христос многу често зборува во параболи, во приказни и така и се појавила приказната за богатиот и сиромавиот Лазар.

Mit.Efrem.Kirijakis1


           Мислам дека на сите ви е позната оваа приказна, и нема потреба да ја раскажуваме детално. Она што ни го привлекува вниманието во овој евангелски расказ е тоа што Господ му дава име на еден од неговите херои и го нарекува „Лазар“. На еврејски, зборот „Лазар“ буквално означува „Бог е мојата помош“. Лазар е тој беден човек кој лежи до вратата на богатиот и е лишен од секаква „човечка помош“. Нема пари, ниту имот на кој може да се потпре. Тој за помошник го има само Бог и копнее да се прехрани со трошките што паѓаат од трпезата на богатиот. Во исто време, богатиот секојдневно се радува на своето богатство и храната. Оваа ситуација се менува по смртта, како што дознаваме од параболата, бидејќи кога Лазар умрел, ангелите го однеле во лоното Авраамово, т.е. во рајот, а по неговата смрт богатиот, според Евангелието, е погребан и оди во пеколот.
Човек може да се запраша што направил овој богат човек за да оди на маки. Тој не му нанел никакво зло на Лазар? Не, тој не го повредил Лазар, ништо не му направил, ништо не му рекол. Знаете дека богатите луѓе се насладуваат во своето богатство и многу често не им наштетуваат на другите. Па која е грешката што ја направил овој богат човек?

Mit.Efrem.Kirijakis2
           Големата грешка или вина на богатиот, за која бил подложен на маки, била тоа што веднаш до него, во негова близина имало еден беден човек, а тој не го забележувал. Тој не го гледал. Тој не пројавил никаков интерес кон него. Имено, токму тоа е нашиот голем грев, според зборовите на нашите светии - што не го забележуваме нашиот брат кој има потреба од нас, што не покажуваме сочувство кон другите! Големиот светител, свети Исак Сирин, вели дека „најголем грев е недостатокот на чувствителност кон гревот“. Колку многу луѓето грешат, но не сфаќаат дека вршат грев! Во оваа парабола, богатиот човек не бил свесен за присуството на кутриот Лазар покрај него. Ова е неговиот грев: неговиот недостаток на чувствителност. Ова е најголемиот грев. Ако ја прочитавте статијата за духовната бесчувствителност во Ал-Нашра (списание) оваа недела, ќе разберевте дека кога човек станува бесчувствителен, тоа значи дека престанал да биде човек.
           За тоа се раскажува во параболата за богатиот и Лазар. Во неа се раскажува уште дека кога Лазар отишол во пазувите на Авраам, во рајот, и доживеал блаженство, а богатиот отишол во пеколот и претрпел маки, имало голем јаз меѓу двајцата, меѓу рајот и пеколот. Која е оваа празнина? И дали може да се надмине? Богатиот го замолил Авраам да дојде и да му го излади јазикот со вода, но тоа било невозможно. Тој, исто така, побарал од него да го испрати Лазар на земјата за да им каже на своите браќа и на семејството какви маки трпи овде, но Авраам одговорил дека и тоа е невозможно, бидејќи, возљубени, нема покајание по смртта. Овде, на овој свет, Господ ни дава можност да се покаеме и да ги исповедаме своите гревови, а ако не го сториме тоа, тогаш ќе треба да одговараме за делата што сме ги направиле во овој живот.

Mit.Efrem.Kirijakis3

           Мораме да го слушаме Господ и да го правиме она што Господ ни заповеда и тогаш нема да ни требаат чуда за да веруваме! Верата доаѓа од срцето! Кога човек ќе порасне во христијанско семејство, оди во црква со своето семејство, го слуша евангелското слово, а потоа се обидува да живее според Божјото слово, тој ќе биде спасен и ќе има мир, како на овој така и на другиот свет, амин.

Автор: Митрополит Ефрем Киријакос
Извор: pravmir.com/ bogonosci.bg


За Преминпортал: Симеон Стефковски