Берово, 19-ти декември 2016 год.   - манастир на Архангел Михаил

Со прсти, дење и ноќе, монахињите допираат камен: студен е, како што е студен и манастирскиот двор, додека низ него одекнуваат грубите удари на чеканот што го дроби студенилото камено, за мозаик. Студен камен? Зар не е и тоа привид, зашто во сè што е дело на рецете Негови мора да спие Божјиот оган?  Зар не сведочат и монахињите дека од каменот, кога се дроби со чекан, светла искра често излетува, како камена секавица, како молскавиците на небото во најжешко лето? Од каде таа топлина во студеното? И зарем она што однадвор личи студено, не е одвнатре – огнено, а она што е темно – проникнато со Божја светлина? Од каде таа топлина и светлина во каменот, ако не од љубовта и милоста Божја, кој сè направил да биде – топло и светло, ако душата ни е со него?    И ги редат монахињите тие топли камчиња, и паѓаат тие камчиња врз белата позадина како лесни, шушкави снегулки во тишина зимска, едно до едно, едно преку едно, за сè што е здробено да стане – исцелено, за сè што е разединето да стане - Едно, зашто Еден е Он и осамнува од делата на рацете наши, ако му ги дадеме Нему да ни ги управува! Орудие се нашите раце во рацете Негови, додека редиме камчиња како топли лепчиња од нафора за причест. Душите наши се орудија што му служат Нему, за да светне ликот на Светецот кој ја сведочи Христовата љубов насекаде и секогаш, и во вечни векови. Ликот на оној Светец кој сиот свој имот го раздаде, знаејќи дека не е богат оној што многу има, туку оној кому ништо не му треба.

И ете го тој лик: Светецот што ги чува оние на корабите и галиите, но не само нив, морнарите, туку и сите нас! Оти што сме сите ние, ако не морепловци по морето на животот? Што се нашите души, ако не кораби по тоа бесно море што сака да ги стави сите тие бродови под управа на гревот, а Светецот дува во нивните едра дах Божји и постојано ги враќа под управа Негова, давајќи им живот вечен? И секое камче од ликот на Светецот е еден мал кораб, душа една спасена од морето на животот земен, и пренесена во живот Вечен, Небесен, благдарејќи му на Светиот Николај Чудотворец!И знаат веќе монахињите дека на тој лик свети камен оган, оган нестварен, оган што не може да се види со око обично, туку само со очите на срцето; и секое скршено камче-оганче наеднаш станува радосно сведочење за милоста на нашиот Господ Исус Христос.


Патнику, намернику, минувачу, тие твои отворени очи на срцето ги чека ликот на Светецот што го сочинивме ние, монахињите на манастирот, во ова лето Господово, за да се зарадува Светецот, зашто неговата Светлина поминала на тебе и ти ги отворила очите духовни! Оти – што е светлината ако нема око да ја види?

 

По молитвите на Свети Николај Чудотворец, Пресвета Богородица да ни го дари Својот Покров!

 

Друго:

„Камче по камче “ - манастир на Архангел Михаил, Берово

Уникатна галерија на мозаици во манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Берово

Божествена Литургија во манастир Свети Архангел Михаил,Берово (17.01.2014)

Sinkli.Paraklis1.jpg

Фрескописување на Параклис„Св.Григориј Паламa и старец Јосиф Исихастот“ во Берово

Berovo.Freskopis.jpg

Човек се пречекува само со добра мисла (05.08.2013)

Структурна и организациска рамка на монашкиот живот во Р. Македонија (23.06.2010)

 Sinkli.Paraklis1.jpg

За Преминпортал: сестринство од манастирот на Архангел Михаил, Берово

19-ти декември, лето Господово 2016