Митрополит Тимотеј

 
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 
Денеска, кога ја прославуваме првата недела од Великиот пост, истовремено, според црковните прописи, го прославуваме триумфот на Православието, или, победа над иконоборската ерес. Нашата света вера и Црква, уште од самото нејзино раѓање, се сретнува со страдања, прогони, мачења и слично. Во првите три века, од страна на многубожечките римски императори, Црквата била прогонувана и жестоко мачена. Од злоба и пакост на тогашните властодршци, за сите временски непогоди што се случувале во Римската империја, биле обвинувани христијаните. Затоа, црковниот учител Тертулијан вели: „Ако Тибар се излее, виновни се христијаните. Ако настане голема суша, пак се виновни христијаните". Преку овие зборови можеме да ја доловиме положбата на христијаните во овие први три века. Но, и покрај овие жестоки гонења и убивања, Црквата, како Божјо создание, останала да дејствува, да го шири словото Божјо и да воскреснува како птицата Феникс. Црквата изникнува од крвта на своите маченици, како што вели св. Кипријан Картагински: „Крвта на мачениците е ново семе на христијаните".




Во 313 година, светиот цар Константин Велики ќе даде слобода на христијаните. Со тоа ќе престанат гонењата од надворешните непријатели. Но, тогаш ќе започнат други маки и непријатности на Црквата Христова. Ќе се појават погрешни еретички учења кои повторно ќе ја потресуваат Црквата. Но овој пат, тие потреси ќе доаѓаат од внатре. Ќе се појават разни ереси. Ќе се појави аријанството, несторијанство, ереста на Македониј, монофизитската и монотелитската ерес, но, најголем непријател ќе биде последната ерес. Таа ерес е иконоборството. Оваа ерес ќе биде многу силна и најголема поддршка ќе има од византиските императори. Во тој временски период, период кој ќе трае скоро два века, ќе бидат уништени огромен број икони, фрески и други сакрални дела. Во 843 година, ќе се свика собор во Константинопол од страна на светиот патријарх Методиј и царицата Теодора. Од страна на соборот ќе биде осудено иконоборството и на свечен начин, во литијно шествие, ќе се внесат иконите, како на Христа и на Богородица, така и на останатите Божји угодници, во катедралниот храм св. Софија во Константинопол. Од тогаш ќе започне прославувањето, првата недела од Великиот пост да биде посветена на триумфот на Православието, односно победата над сите еретички учења што ја потресувале Црквата Христова.



И ние денеска, потсетувајќи се на овој историски настан, да се потрудиме во нашиот живот, преку нашите постапки и со правењето добродетели, да се подготвиме достоинствено да Го прославиме нашиот Спасител Господ Исус Христос. Ние ќе Го прославиме и величаме, ако се угледаме на безбројните Божји угодници. На оние коишто биле храбри и непоколебливи мажи, и кои во најлошите временски периоди на гонења, убивања и измачувања, Го исповедале не само со збор, не само по традиција, туку, со својот живот. Го сведочеле Господа Христа и ги жртвувале своите животи за својата вера не отстапувајќи од вистинското учење на нашата света Православна црква.

Да се обратиме со искрена молитва кон светите отци коишто придонеле да се зацврсти вистинското учење на светата икона. Па преку нивните молитви да измолиме милост од Севишниот. Да ни ја зацврсти нашата вера, па и ние да можеме да Го сведочиме Господа Христа. Но, не само со збор, туку и со добри дела. Па така, да се надеваме на милоста Божја и спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин!

 

Недела на Православието
20.03.2016
Храм „Св. вмч. Георгиј" – Влашка маала, Охрид

Извор: Дебарско- кичевска епархија - (повеќе)