Плач (28.02.2016 11:39)

Видете што вели свети Игнатиј Брјанчанинов и обрнете големо внимание на неговите зборови, затоа што за оние што се трудат во православниот духовен подвиг тие значат живот или смрт: „Од сите чувства на срцето само едно, во неговата состојба на пад, може да биде употребено во невидливото Богослужење: тагата поради гревовите, поради гревовноста, поради падот и својата пропаст – наречено плач, покајание, скрушеност на Духот“.

Овие негови зборови важат за молитвата на сите степени од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и боговподобување (или обожение). Уште попрецизно, колку човек напредува во духовниот развој, толку повеќе зборовите на свети Игнатиј ја пројавуваат својата вистинитост и значење, во сила.

Заклучокот од досега кажаното, според свети Игнатиј, би бил дека: „Покајанието, скрушеноста на духот и плачот се знаци и сведоштво за правилноста на молитвениот подвиг. Нивното отсуство е знак за скршнување во лажна насока, знак за самозаблуда, прелест или бесплодност“.

И што е најважно од сѐ, без погореопишаниот подвиг од свети Игнатиј не е возможен ни духовен напредок: „Постепеното дејство на покајанието воопшто, изразено низ сите видови смирение, особено преку молитва, која се принесува во сиромаштво на духот и во плач, постепено го ослабува дејството на гревот во човекот. За тоа треба значително време“.

И другпат сум ви рекол дека на плач, и внатрешен и надворешен, треба да се принудуваме. Најнапред треба да се самопринудиме на целосрдечно послушание, односно на восогласување на начинот на нашиот живот со првиот степен од духовниот раст, како и со местото што го имаме во Црквата и обврските што произлегуваат од него.

Дури потоа, ако надворешниот плач случајно не произлезе од самото послушание, можеме да преземеме и поригорозни мерки на самоказнување, познати и на светогорските отци, како и на опитните духовници, и само под нивен надзор, за да го добиеме.

Најголемиот духовен проблем на денешните христијани претставува отсуството на плачот и покајанието (преумувањето). Тоа значи дека се нарушени и сите претходни услови што погоре ги спомнавме, кои ни носат плач и покајание.

Јас разбирам дека почетниците во духовниот живот не можат да го задржат плачот како целодневен став пред Лицето Божјо – тоа не е лесно и за напредните, но не разбирам како не застануваат со став на плач за време на личната и соборната литургиска молитва.

Личната и литургиската молитва се време и место во кое се преплетуваат границите на внатрешниот невидлив и надворешниот видлив плач. Видливиот плач не е проблем за време на личната молитва, но за време на Божествената Литургија тој може да биде голем технички проблем за оној што служи, затоа Бог и ја одзема малку благодатта на плачот во тоа време.

Лично, мислам дека таквите свештенослужители треба полека да се повлекуваат од градските литургиски богослужби кон тивките скитско-манастирски литургиски богослужби. И уште мислам дека им е време за повлекување од активна богослужба (посебно во смисла на црковно-административните обврски). Нема таков вид тешкотија на духот од тоа да служиш Литургија, а да не може да плачеш.

Плачот е и благодат. Затоа плачот е и утеха, и тоа таква утеха за која никогаш нема да дознаат оние што само се смеат – особено тие што се смеат на туѓите недостатоци и несреќи. Плачот е посебен дар и присуство на Богородица во нашиот живот. Нејзин вонреден дар и вонредно присуство.

Митрополит Струмички Наум

Извор: МПЦ-ОА

Струмичка епархија