Porfirije-zitije0
Што е гревот?
1 јули 2014 | Катихизис | Нема коментари

Гревот не е токму тоа што мислите. Обично гревот го разбираме како кршење на некое правило, неморален акт што претставува престап против Божествениот закон, и многумина говорат за гревот како за долга листа (дадена од Бога) на нешта што можеме или не можеме да ги правиме. Па, ако направиме нешто погрешно, ќе бидеме казнети. Но, станува збор за нешто покомлицирано од ова. Зборот што старите христијани го користеле за грев е амартија (грчки збор земен од стрелаштвото) и значи промашување на цел. Гревот, според црковното сознание, е еден вид непогодок, промашување на нашата цел.

Како христијани, кон што ние целиме? Одговорот на ова зависи од тоа, како Му пристапуваме на Бога. Дали како робови, слуги или деца. Да видиме што вели блажениот Теофилакт Охридски, познат толкувач на Библијата, за ова: „Има три степени помеѓу оние што се спасуваат. Првите се како робови, кои го вршат она што е добро, бидејќи се плашат од судот. Вторите приличат на најмени слуги и таквите сакаат да Му служат на Бога, заради желбата да бидат наградени со блага. Но, ако се од третиот вид, т.е. ако се синови, тие ги пазат Неговите заповеди од љубов кон Бога“ (Објаснување на Евангелието според Лука).

Му пристапуваме на Бога како робови, кога нашата главна мотивација е одбегнувањето на пеколот. Му пристапуваме на Бога како најмени слуги, кога нашата главна мотивација е здобивањето на рајот. А му пристапуваме на Бога како деца, кога нашата главна мотивација е љубовта.

Значи ли ова дека правилата не се важни? Не баш. Тоа значи дека, напредувајќи во нашиот духовен живот, го менуваме начинот на кој ги гледаме правилата, па и самиот грев. Нашиот напредок го повишува нашето внимание: престануваме да се грижиме за темнината и почнуваме да се фокусираме на светлината. Исто така, напредокот го менува и начинот на кој ги гледаме нештата. Кога Му пристапуваме на Бога како робови, ние Му се покоруваме Нему, со цел да ја избегнеме казната. Кога преминуваме од поимањето како робови на поимањето како слуги, не престануваме да се плашиме, но тој страв се менува: не се плашиме веќе од пеколот, туку се плашиме да не го изгубиме рајот, а тоа е прекрасно. Негативниот вид на страв (–), којшто нè оттрга од пеколот, станува позитивен вид на страв (+) и нè привлекува кон рајот, кон нашата награда. И кога напредуваме уште понатаму, кога не размислуваме веќе како слуги, туку почнуваме да размислуваме како деца, тоа не значи дека сме престанале да ја посакуваме наградата, но наградата е веќе поинаква. Не нè интересира толку небото (рајот) или наградата, туку она што нè интересира е Бог. Го љубиме Самиот Бог. Сакаме да бидеме близу до Него. Он е сè она што ни е важно. И сè уште се грижиме за последиците од самите нас, но тука не е стравот од казната, туку стравот дека најважниот однос во нашиот живот ќе биде нарушен. Се плашиме, не дека ни е страв од Бога, туку дека ќе бидеме без Него. Така живееле светиите, така можеме и ние да живееме.


Porfirije-zitije0


Еден конкретен светител што ми доаѓа на памет, и којшто е извонреден пример за ова, е свети Порфириј Кавсокаливит. Во книгата „Ранет од љубов“, свети Порфириј има еден разговор при крајот на животот, каде тој говори за она што очекува дека ќе се случи по неговата смрт. Тој исповеда дека се грижи за сопствените гревови и дека се плаши, кога ќе Го сретне Бога, Бог ќе рече дека тој не припаѓа таму. И великиот светител има нешто многу едноставно, многу моќно што ќе одговори на ова: „Не сум достоен, Господи, да бидам овде, но стори за мене сè што Твојата љубов посакува“. Свети Порфириј бил доволно смирен, за да биде свесен за сите свои гревови, но тој не се плашел од казна, туку само сакал да биде поблиску до Бога, да се покори себеси целосно на Неговата волја. Тој ја прифатил Божјата покана и Му пристапил како дете, но тоа не значи дека гревот и правилата немале значење за неговиот живот. Светиите не биле над правилата, тие ги следеле сите оние нешта, дозволени и недозволени, коишто ги имаме предвид кога зборуваме за гревот. Но, тие биле повеќе зафатени со тоа да бидат деца, повеќе зафатени со тоа да Го љубат Бога.

Па, да бидеме пчелата и да Му се приближиме на Бога, нашиот Отец, како Негови деца.

Биди пчела и живеј го Православието!

Извор: Be the Bee – What is sin? episode 48

Преземено од: Мистагогија