Preobrazenie2.jpg

Преображението на Господ Исус Христос на Тавор     19/08/2009

Третата година од Својата проповед на земјата Господ Исус почесто им зборуваше на Неговите ученици за Неговото скорешно страдање, но и за Неговата слава после страдањето на Крстот. За да не ги раслаби Неговото страдање та да отпаднат од Него, Он, Премудроста, сакаше пред да се случат страдањата делумно да им ја покаже Својата Божествена слава. Затоа ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и излезе со нив ноќе на гората Тавор и овде се преобрази пред нив. И заблеска лицето Негово како сонце, а облеката му побеле како снег. И се појавија покрај Него Мојсеј и Илија, големите старозаветни Пророци. И видоа учениците и се восхитија. И Петар рече: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три сеници: една за Тебе, за Мојсеј една, а една за Илија. Но додека Петар уште говореше, се оддалечија Мојсеј и Илија и сјаен облак ги опфати Господ и учениците и дојде глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“ Откако го слушнаа овој глас учениците паднаа ничкум на земјата како мртви и останаа така лежејќи во страв додека Господ не им пријде и рече: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17). Зошто Господ ги зеде само овие тројца ученици на Тавор, а не сите? Зашто Јуда не беше достоен да ја види Божествената слава на Учителот, Когошто тој ќе Го предаде, а Господ не сакаше него сам да го остави под гората, та да не може предавникот со тоа да го оправда своето предавство. Зошто се преобрази на гората, а не во долината? За да нѐ научи на две добродетели: на трудољубие и богомислие. Зашто искачувањето на височина бара труд, а височината ја претставува височината на нашите мисли, т.е богомислието. Зошто се преобрази ноќе? Бидејќи ноќта е попогодна за молитва и богомислие одошто денот и ноќта ја закрива со темнина целата земна убавина, а ја открива убавината на ѕвезденото небо. Зошто се јавија Мосјесј и Илија? За да ја разбијат еврејската заблуда дека Христос е некој од Пророците, Илија, Еремија или некој друг - затоа Он се јавува како Цар над пророците, и затоа Мосеј и Илија се јавуваат како слуги Негови. Дотогаш Господ многупати им ја покажуваше на учениците Својата Божествена моќ, а на Тавор им ја покажа Својата Божествена природа. Тоа видение на Неговото Божество и слушањето на небесното сведоштво за Него како за Син Божји требаше да им послужи на учениците во деновите на страдањето Господово за укрепување на непоколебливата вера во Него и во Неговата крајна победа.

 Preobrazenie.vodno.jpg

Хвалитни стихири на 4, глас 4.

Подобен:Повикан од Бога:

 Пред Твоето чесно страдање и крст, Господи, откако ги зеде со Себе Твоите избрани ученици, се искачи на Таворската Гора, сакајќи да им ја покажеш Твојата слава. А тие, откако Те видоа преобразен и како светлиш повеќе од сонцето, паднаа на земјата и се восхитија на Твојата сила, викајќи: Ти си, Христе, вечната Светлина, и сјајот на Отецот, иако доброволно се јави во тело, Неизменливи (2-пати).
Ти, Кој си Бог Слово пред вековите, и Кој се облече во светлина како во облека, и се преобрази пред Твоите Ученици, Ти, Слово, засветли повеќе од сонцето. Мојсеј, пак, и Илија застанаа крај Тебе, откривајќи Те како Господар на мртвите и на живите, и славејќи ја Твојата неискажлива милост и промисла, и големото милосрдие, со кои си го спасил светот, кој поради гревот загинува.
Господи, Кој се воплоти и од девствениот облак се роди, и се преобрази на Таворската Гора, и од светол облак беше окружен, гласот на Родителот јасно Те нарече Свој возљубен Син, пред учениците, како едносуштен и еднопрестолен. Затоа Петар, восхитувајќи се и не знаејќи што зборува, говореше: Добро ни е да бидеме овде, многумилостив Добротвору.
Слава, и сега, глас 8.
Византиева: Христос ги зеде Петра, Јакова и Јована, на една висока планина, и пред нив се преобрази, лицето Негово светна како сонце, а облеката Негова стана бела како светлина; и се јавија Мојсеј и Илија говорејќи со Него, и светол облак ги засени; и, ете, глас од облакот говореше: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја, Него послушајте Го.