Bogorodica.Kurskaja.jpg


Курска-Коренска икона
 на Божјата Мајка "Знамение"

Се празнува на 08/21 март, 08/21 септември, 27 ноември/ 10 декември и на 9-от петок после Пасха

Затоа Сам Господ ќе ви даде знамение: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син и ќе Му го дадат името Емануил (Ис. 7:14)

Курската-Коренска икона на Пресвета Богородица припаѓа на немногубројните икони на Божјата Мајка, чиишто празници се подвижни и се определуваат според Пасхалијата. За Курската-Коренска икона тоа е петокот на втората недела по Педесетница, 9-тиот по Пасха. Всушност на овој ден некогаш ја пренесувале чудотворната икона од Курск во Коренскиот манастир. Ја носеле до местото на нејзиното јавување на брегот на малата рекичка Тускари, притока на Сејм.
Тоа се случило во 1295 година. На празникот Рождество на Пресвета Богородица недалеку од разрушениот од Татарите Курск за време на лов еден благочестив жител на соседниот град Рилск ненадејно видел икона, којашто лежела покрај корените на едно дрво со лицето кон земјата. Штом ловецот ја подигнал иконата, на тоа место веднаш бликнал извор. Иконата била подобна на новгородската икона на Божјата Мајка  "Знамение".
Во тоа време во Рилск управувал феудалниот кнез Василиј Шемјак. Кога разбрал за појавувањето на иконата и за тоа дека луѓето í се поклонуваат, заповедал да ја донесат во неговиот град, но без тој да присуствува на нејзиниот свечен пречек во градот. Во истиот миг тој ослепел. Кнезот ја спознал грешката и веднаш си признал дека е виновен, по што видот одново му се вратил.
Нешто повеќе, со негови средства бил изграден храм за тукушто пронајдената икона, наречен "Рождество на Пресвета Богородица".
Но новиот храм не станал дом на новопојавената икона. Не еднаш, туку двапати се враќала таа на поранешното место крај корените на дрвото. Пресвета Богородица сигурно покажувала благоволение кон местото на јавувањето на Својата икона.
Кога го разбрале тоа, граѓаните изградиле параклис на местото. Ја поставиле иконата во параклисот и назначиле во него постојанен свештеник со наименување Богољубец. Се занижале години на поклонение на народот пред новопојавената икона, години на мноштво чуда, коишто се случувале од неа.
Во 1383 година при својата поредна наезда Татарите го опожариле параклисот, ја расекле иконата, тогашниот свештеник на параклисот го зеле во плен и го испратиле на Крит. По чудесен начин свештеникот бил откупен од пленството, се вратил на запаленото место, ги пронашол парчињата од иконата и ги залепил стегнато едно до друго. Тие веднаш се соединиле, така што не останала ниту трага од сечењето. Само капки роса се појавиле на иконата. Во 1597 година на местото на бившиот параклис бил изграден таканаречениот Коренски манастир "Рождество Богородично". Во него имало огромен манастирски парк и мноштво пештери.
Освен манастирскиот храм "Рождество на Пресвета Богородица" (покрај рекичката Тускари), над чудотворното ајазмо (извор на света вода) бил изграден храм "Животоприемен Источник". Започнале да го нарекуваат манастир Коренска пустина, а по мего ја нарекле и чудотворната икона на Пресв. Богородица "Коренска".
Наскоро по повод новите наезди на Татарите свечено ја пренесле Коренската икона во еден курски манастир.
Во 1603 година непријателите ја разрушиле пустината, а иконата била преместена во Москва.
Во 1618 година во Курск, блиску до местото на кое Тускари се влива во Сејм, на еден висок врв, бил основан Курскиот манастир. Првично, манастирот бил наречен Големо Рождество Богородичино за разлика од Малото Рождество Богородичино, којшто всушност бил Коренска пустина. Во 1649 година во манастирот бил изграден храм од камен, посветен на иконата на Божјата Мајка "Знамение" и оттогаш манастирот станал Знаменски. Тука во 1618 година била поставена донесената икона од главниот град. Оттогаш кон името Коренска започнале да го добавуваат и името на градот. Иконата на Пресвета Богородица започнала да се нарекува Курска-Коренска. Утврдувајќи ја и прославувајќи ја темата за Боговоплотувањето, иконата претставува појасно изображение на Пресвета Дева Марија со издигнати раце кон небото. Во медалјон на нивото на градите е претставен образот на Спасителот – Емануил, Кој се наоѓа во скутот на Мајка Си.
Божјата Мајка е опкружена со пророци, коишто држат свитоци и се соединети помеѓу себе и личат на процутена лоза. Целосната композиција го изразува учењето на Црквата за тоа дека Пречистата Дева и Нејзиното Чедо се исполнување на старозаветните пророштва и очекувања.
Од Курската-Коренска икона на Божјата Мајка се случиле мноштво чуда. За време на управувањето на царот Борис Годунов таа го спасила Курск од глад. Во 1612 година курските жители ја виделе Богородица над ѕидовите на градот којшто бил под опсада од Полјаците- и војската на Хетман Жолкевски отстапила!
За време на ноќта спроти 08 март (21 март по нашиот календар) 1898 година злосторници, коишто сакале да ја поткопаат верата во чудотворната сила на Коренската икона, поставиле во градскиот соборен храм динамит. Експлозијата го разрушила металниот сеник над иконата, ја оштетил куполата на храмот, но самата чудотворна икона, па дури и стаклото на рамката, останале неоштетени. Така злосторниците, коишто намислиле светотатство, по Божја промисла послужиле за уште поголемо прославување на Курската-Коренска икона. Тогаш целиот град и жителите на неговата околија се упатиле кон храмот, за да се поклонат на чудотворната икона. За време на Граѓанската војна Коренската икона ја напуштила Русија заедно со Доброволната армија која отстапила. На 01 март 1920 година од пристаништето на Новоросијск за грчкиот град Солун отпловил парабродот "Св. Никола" со дел од армијата на генерал Кутепов на бордот. Со дозвола на митрополитот Антониј (Храповицки) со овој кораб ја напуштила Русија и Курската-Коренска икона. Ја придружувал Курскиот епископ Теофил. Оттогаш иконата станала главна светиња и застапница на целиот руски народ, распрснат далеку од својата татковина. До 1944 година таа била во Србија, потоа во Австрија, Германија, Франција, Англија, а од 1951 година се наоѓа во Монтреал (Канада).
Курската-Коренска икона не е голема. Таа е со размери 40 х 26 cm. Нејзини копии исто така се прославени со чудеса. Тие се наоѓале во Черниговска и Харковска губернија.

 Bogorodica.Kurska1.jpg

Молитва

Преблага наша Царице, Надеж наша Богородице, Пријателке на сираците и Застапнице на оние коишто странствуваат, Радост на оние кои се во мака, Покровителко на навредените, Ти ја гледаш нашата беда, ја гледаш нашата мака. Помогни ни, бидејќи сме немоќни; нахрани нî, бидејќи сме туѓинци; ја гледаш нашата навреда; оттргни ја како што Сама знаеш. Избави ја нашата татковина, страдалната руска земја, од жестокиот плен на безбожниците, спаси ги и запази ги Твоите слуги (имињата) и сите нас, коишто стоиме тука и Ти се молиме, и покриј нî од секакво зло со Својот чесен омофор, затоа што освен Тебе немаме друга помош, ниту друга Застапница, ниту добра Утешителка, о, Мајко Божја, та да нî запазиш и покриеш во вечните векови. Амин.

Подготви: Марија Влаќеска

Друго:

Bogorodica.Drzavnaja.jpgЗа иконата на Божјата Мајка "Державнаја"

Bogorodica.Kozelshtanska..jpgКозелштанска икона на Божјата Мајка

 

 

 Bogorodica.Tihvinska.jpgЧудотворната икона на Божјата Мајка, наречена “Тихвинска”

 Bogorodica.Zastapnica.jpgИкона на Божјата Мајка - “Барателка на паднатите”

Bogorodica.Porucitelica1.jpgИкона на Божјата Мајка - „Поручителница* за грешниците“