sv.Jakov.Calikis1

      Блажениот старец Јаков (Цаликис) Евбејски се родил на 5 ноември 1920 г. во Ливиси, Мала Азија (современа Турција), во семејство кое од седум поколенија имало јеромонаси, епископ и светец. При крштението тој бил наречен со името на дедото по таткова линија; Јаков Цаликис. Неговите благочестиви родители Ставрос и Теодора страдале од нападите на турците, и во почетокот на 1920-ите години семејството заедно со другите жители на Ливиси било принудено да ја напушти земјата на своите предци. Малку порано турците го фатиле Ставрос Цаликис и заедно со другите задржани грци бил испратен на принудна работа, на изградба на градот Трапезунд, така што тој и не знаел, дека сите жители на Ливиси бегале. По Божјата благодат семејството се сместило на островот Евбеја, каде што биле заминати бегалците од Ливиси. За еден впечаток од тоа време кој длабоко го ранил, старецот раскажуваше: „Иако тогаш уште бев мал, но добро помнам, како по пристигнувањето во пристаништето Пиреја (главното пристаниште на Атина) ние првпат слушнавме некој да хули на светиња. Извикав: Што е ова, зошто дојдовме овде? Подобро е да се вратиме и да нѐ убијат турците, отколку да го слушаме ова! Во Мала Азија ние никогаш се соочувавме со таков грев.”

Погледнувајќи во минатото, старецот за времето на своето растење секогаш се присетуваше со чувство на голема благодарност кон родителите, особено кон мајката, која, по неговите зборови, „имаше монашка душа.” Таа многу се грижела во сѐ да ја запази скромноста и умереноста, така што семејството живеело „смирен, аскетски живот.” Децата се воспитувале во љубов и почитување кон постарите, и пред да пристапат кон причестување со светите Христови тајни, за што се подготвувале со строго постење, тие им целивале рака на родителите и на другите постари во заедницата.

Од млади години малиот Јаков ја чувствувал близината на Бога, и, уште не разбирајќи ја смислата на некои изрази, секогаш ги избегнувал грубите деца кои зборувале и се однесувале недолично. Во Грција негова прва станица бил магацинот. Нивниот „дом”, во кој тој живеел со мајката и бабата, бил ограден од другите со покривки. Негова омилена „играчка” била кадилницата, која тој самиот ја направил од парче керамида. Со неа тој одел низ „домот”, кадејќи го своето семејство, потоа ја поткревал покривката и ги покадувал соседите, повторувајќи: „Алуја, алуја!” Навечер тој со бабата одел во саканото место – мал параклис, за да ги одржуваат незгасливите кандила. Таму бабата на внукот му ги прераскажувала житијата на светите, му зборувала за роднините – иеромонаси. На шест години малиот Јаков посакал да ја научи Божествената литургија наизуст, вклучително и сѐ што кажуваат и пеат свештеникот и хорот на неделните//воскресните служби. Неговиот благочестив ум бил како сунѓер и лесно запомнувал сѐ што било сврзано со Црквата, верата, благочестието и богослужбите. Момчето имало толку смирен карактер, што неговите врсници го викале „дедо”, „монахот” и „отец Јаков.”

Во Фаралд, на Евбеја, Јаков го запишале на училиште. При училиштето имало мал параклис на света Параскева. Јаков сакал да оди таму. Преку ден тој одел да учи, а навечер – да ги пали кандилата и да се моли. Еднаш навечер (тогаш имал осум или девет години) света Параскева му се јавила таква, каква што е прикажана на иконата. Малиот Јаков се исплашил и избегал дома. Неколку денови подоцна видението се повторило, но овој пат светата го успокоила момчето. Потоа светата често му се јавувала во параклисот и разговарала со него.

Кога научил да чита, Јаков голем дел од своето време минувал над црковните богослужбени книги. Сите жители на селото го почитувале како избран за да Му служи на Бога, иако имал само девет години. Тој живеел како аскет, станувал ноќе и правел бденија. А дење тој ги повторувал покајниот канон и други химни. Имал прекрасен глас и многу добро пеел. За време на богослужбите Јаков гледал ангели како служат во олтарот. Тоа го збунувало момчето, но истовремено тој чувствувал и духовна сладост што го утешувала.

На таа возраст нему му ги довериле клучевите од храмот: селото немало свој свештеник, тој доаѓал од соседното село еднаш на две недели. Селаните ја чувствувале блискоста на момчето со Христа и Неговите светии, и кога имале некакви потешкотии, тие од него барале помош. Го повикувале Јаков да ги помазува со (свето) масло и да чита молитви над болни, над жени кои имале породилни маки, над демоноопседнати и со други проблеми. Јаков не можел повеќе да учи во училиште, бидејќи моралo да работи, за да му помогне на семејството.

Еднаш ноќе (тоа се случило во почетокото на 1940-ите години) света Параскева му се јавила повторно и го предупредила дека во Грција наскоро ќе започне војна. Јавувањата на светата особено зачастиле во тоа време. Преживувањето на и без тоа вечно сиромашните бегалци во годините на германската и италијанската окупација станало уште поочајно. Гладот бил вообичаена појава. Јаков со своите дваесетина години, постојано размислувал за сѐ посторг живот. Тогаш почнал да пости по правило, кое потоа го практикувал многу пати. Од неделата навечер до сабота тој ништо не јадел. Во сабота се причестувал со светите Христови тајни и потоа јадел малку леб и масло. Само еднаш седмично – во неделата – неговата трпеза била малку пообилна. Но често се случувало тој да не јаде ништо и во тие денови. Еднаш кај него дошле гладни деца, друг пат – болни и немоќни старци и Јаков им го давал она што го имал. Тој многу страдал и постепено ослабнувал од гладувањето. Дури и тогаш тој продолжил да работи.

Во тие години тој издржал неколку силни искушенија. Заради сиромаштијата, тој немал обувки и кога одел да пее во црква, некои од луѓето го укорувале со груби зборови. Натажен од тоа, Јаков сакал да го остави пеењето. Еднаш ноќе му се јавил светиот маченик Георгиј, покровителот на храмот, во кој прислужувал Јаков, и му рекол: „Дете мое! Јас не сакам да заминеш. Пеј во мојот дом, како и до сега!” Потоа неговата мајка Теодора се разболела од неизлечлива болест. На своите четириесет години, заради тешкиот живот, таа изгледала како на седумдесет или осумдесет. Четири денови пред својата смрт, таа на блиските им претскажала, кога ќе премине во другиот свет; рекла дека ангелот – чувар ја подготвил од порано. Сѐ се случило така, како што претскажала. Таткото на Јаков умрел по неколку години.

Пред да ја оствари својата детска желба – да му послужи на Господа во монаштво, Јаков морал да ја исполни својот граѓански долг кон државата – да го отслужи определениот рок во армијата. Тој бил повикан во 1947 г. и служел во Пиреја, недалеку од Атина. И овде, како и во селото, многумина не го разбирале Јаков и прво му се потсмевале. Со текот на времето, сепак, мнозинството од неговите пријатели во службата стекнале кон него почит и во случаи на потреба – му се обраќале за помош. И подоцна некои од нив го посетувале во манастирот. Старецот вака велеше за тоа: „Добродетелниот живот секогаш служи како пример и дава плод, дури ако тој се појавува и по неколку години… Ако јас им се придружев во нивните забави, што добро ќе излезеше од тоа?” Кога слушнал за благочестието на Јаков, командирот на одделението мајорот Поликарп Зоис го повикал кај себе. Откако се убедил во вистинитоста на она што го слушнал и се восхитил од цврстината на неговата вера, тој го зел за свој аѓутант. Зоис и неговото семејство биле благочестиви луѓе и многу го ценеле Јаков. Тие дури сакале да го посинат, бидејќи немале свои деца, но Јаков, заради својата намера да отиде во манастир, морал да ги одбие.

По отпустот од армијата, Јаков, за да собере чеиз за својата сестра Анастасија (обврска, која останала на него по смртта на татко му), прифаќал секаква работа, што ќе му понуделе. При тоа тој многу време посветувал на обновување и поправање на храмовите и параклисите крај селото, кои биле оштетени откако тој заминал во армија.

Зa неколку години Анастасиja сe омажила и Јаков конечно можел да се замонаши. Расказите од бабата за роднините – монаси кои живееле во Светата Земја, оживеале во неговите спомени и Јаков решил да тргне таму, за да стане монах. „Пред тргнувањето во Светата Земја решил задолжително да го посети манастирот на свети Давид, за да го испроси неговиот благослов, помош и застапништво – раскажувал подоцна старецот за промислителната улога на таа посета. – „Кога се приближив до манастирот, видов како местотото одеднаш се преобрази, стана друго, не такво, какво што сме навикнати да го гледаме, кога заедно со селаните одевме таму за празникот на свети Давид. Пред мене се исправи величествен манастир, необично прекрасен… Крај оградата на манастирот ме чекаше преподобен старец со белоснежна брада. Тоа беше светиот (Давид Евбејски). Јас го поздравив и реков: „Старче, какво е ова прекрасно место! Како сето тоа овде станало вакво? Јас никогаш не сум видел ништо слично!” Тој одговори: „Ова е република на подвижници. Секој има свој дом – келија.” – „Старче, би можел ли да ми дадеш таква? Тие мене многу ми се допаѓаат”. – „Чедо, ако би останал, би имал иста таква, но ти дојде да се поклониш и да заминеш.” – „Старче, ќе останам.” Само што ветив дека ќе останам, видов, како ѕидините на манастирот се отворија, велегов внатре, а ѕидот веднаш остана како што беше претходно.”

Со влегувањето на преподобниот во манастирот, видението исчезнало. „На местото каде што ја видов републиката на подвижниците, сѐ стана такво какво што беше претходно. Дива шума… Го видов манастирот таков како што беше во реалноста – целиот во урнатини. Отидов во манастирот како обичен поклоник, но преклонив глава и му ветив на светиот дека ќе му служам од сето срце».

Во конаците на манастирот тогаш живееле пастири со своите семејства. Овде живееле и тројца монаси, но посебно. На доаѓањето на Јаков не се израдувале ни монасите, ни пастирите. Тие на различни начини се обидувале да го изгонат, а еднаш се обиделе и да го убијат. Јаков бил вознемирен, но чувствувал, дека тоа била Божјата волја – да остане да живее овде. Затоа, тој трпеливо ги поднесувал опасностите. Преподобен Давид му се јавил и го уверил Јаков дека е на прав пат. Младиот игумен Никодим прво не можел да го остави посебното жителствување и да уреди општо живеење. Освен тоа тој бил принуден често да го напушта манастирот, за да служи во други храмови како парохиски свештеник. Кога во манастирот дошол Јаков, тој конечно ги оддалечил пастирите од манастирот и во заедницата почнале да служат секојдневно. Игуменот не чекал долго за да го пострижи Јаков, бидејќи ги видел неговите духовни дарови и го согледал повикот на младиот послушник. Постригот бил извршен на 30 ноември 1952 г. Младиот монах бил назначен за економ на манастирот; тој ги чувал клучевите, манастирските книги и раководел со целиот имот. Кога се покажала потреба уште од еден свештеник, нешколуваниот, но мудар и срдечен игумен Никодим го испратил Јаков кај митрополитот Григориј, епископ на Халки, за да го ракоположи. На 18 декември 1952 г., Јаков бил посветен во ѓаконски чин, а по еден ден бил ракоположен за презвитер.

Кога се вратил во манастирот, отец Јаков почнал да служи литургија практично секој ден, а пред неа секојдневните служби. Со благослов на митрополитот тој бил должен да служи литургија и во малите села. Колку и да изгледа чудно, прогонувањето од браќата и нивните помошници продолжило и сега. Иако бил економ и во свештен чин, отец Јаков живеел во најлошата келија. Нејзините ѕидови биле со многу дупки. Една зима, кога се разбудил по својот вообичаен одмор, видел дека неговиот врат бил полн со снег. Навистина, неговата облека, откако стана монах, беше малку подобра, а најде и неколку пара обувки, на кои самиот им стави нови подметки од стари автомобилски гуми.

Отец Јаков некогаш помислувал да го најде местото каде живеел свети Давид, за таму да се осами и да се оддалечи од искушенијата со кои се соочувал во манастирот. Во почетокот на 1953 г. тој тргнал да ја бара пештерата на светиот и бил многу радосен кога ја нашол. Но тој знаел, дека не може да го остави манастирот кој без него можел да пропадне и затоа решил колку што може почесто да ноќува во пустото место. Тој велел: „Се трудев мојата духовна борба да биде тајно. Чекав да се стемни и кога отците во своите келии се готвеа да спијат, излегував низ задната врата на манастирот и одев кон пустината на светиот.” Во една темна ноќ старецот заскитал, така што морал да се пробива низ грмушки. Истоштен и изгребан, тој го молел Бога да му го покаже патот во пустината. Од безбројните ѕвезди на небото „Бог ми да даде една” и таа со својата светлина му го покажала патот во пустината. И слично се случувало многу пати, но само кога било неопходно. Во друга прилика отец Јаков добил помош од свети Давид. Како срамежлив и скромен, отец Јаков малку се плашел од темнина и затоа тој го молел свети Јаков да биде соприсутен во времето на молитва во пештерата, но така, тој да биде уверен во присуството на светиот и да не се плаши. Светиот одговорил на неговата молитва и се јавил во пештерата во вид на игуменот Никодим. Тие заедно го читале монашкото правило и Псалтирот, ја твореле Исусовата молитва.

Една ноќ, додека се молел, пештерата одеднаш се наполнила со скорпии. Тие ги покриле подот и ѕидовите. Отец Јаков се исплашил, но бргу се соземал и разбрал дека тоа било само искушение од ѓаволот. Се осмелил и со вера во Христа, тој им заповедал да застанат и да не се приближуваат. Со мал камен околу себе нацртал круг и им заповедал да не ја преминуваат линијата. Тој ја продолжил својата молитва до муграта, а ни една скорпија не го прекршила зборот на Божјиот човек. Друга ноќ отец Јаков, совладан од умор, заспал. Преподобен Давид му се јавил и откако го утешил, му рекол да одмори. Кога се разбудил, старецот се исполнил со љубов кон Бога и Неговите свети, восхитувајќи се на нивната љубов и грижа. Некогаш отец Јаков се враќал во манастирот за утринската служба. Тој ќе го измиел лицето со вода и ѕвонел на црковното ѕвоно. Целиот свој живот отец Јаков останал верен на својот аскетски устав//типик, засилувајќи го своето подвижништво кога се засилувале искушенијата. Освен воздржанието во храна и јадење, тој правел илјада земни поклони секој ден. Ѓаволот, не можејќи да го спречи духовното растење на Јаков, прибегнал кон крајни мерки. Во октомври 1952 г., кога отец Јаков го средувал деспотиконот (келија на владика), му се нафрлиле ужасни демони со ѕверски изглед. Тој се обидел да се осени со крстниот знак и да повика кон Божјата Мајка, но секогаш демонот го попречувал. Го биеле немилосрдно. Најпосле успеал да ја ослободи едната рака за крстниот знак и демоните веднаш исчезнале низ прозорецот. Поминало некое време пред Јаков да може да стане, накривнувајќи во својата келија. Така му случило уште неколку пати и тоа сѐ повеќе го ослабнувало здравјето на монахот.

Тој многу страдал физички. Од младоста неговиот ‘рбет не бил во ред, боледувал од крајниците, бубрезите, простатата. Крајното подвижништво и нападите од демоните ги заостриле сите тие болести. Но, долго време старецот не барал помош од лекари. Кон крајот на 1967 г. (тогаш имал 47 години) еднаш од болка се онесвестил. Го однеле во болница, каде што доктори и свештеници го убедувале да се согласи на операција, како што тие мислеле, од слепо црево, но сепак, се покажало многу посложено и полошо. По молитвите на свети Давид и Јован Руски, отец Јаков го сместиле во салата за операции. Пред да заспие под дејство на опојните средства, тој ги видел двајцата свети како влегуваат во собата. Тоа била една од многуте посети, со кои тој бил удостоен во болницата, во периодите меѓу бескрајните операции. Негова најсериозна болест била болеста на срцето, која му причинувала мачна болка во градите. Времето минувало, а неговата состојба се влошувала. Докторите и младите монаси кои во манастирот дошле после отец Јаков, го убедувале да го ублажи подвижништвото, за да закрепне телесно. Иако ја ценел нивната љубов и грижа, сепак не го прифаќал предлогот. Старецот продолжувал да јакнее во добродетелите, а луѓето сѐ повеќе се приклонувале кон него, како кон извор на жива вода во пустина. Во тоа време тој веќе имал благослов за служба како духовник и за исповед. [Во Грчката Црква има традиција архиерејот да дава особен благослов за некој да биде духовник.] Тој на луѓето им служел неуморно, до целосно истоштување.

Кон него постојано прибегнувале луѓе кои сакале да се исповедаат, барале совети, исцелување и изгонување на демони. Тој се молел над болниот и го осенувал крстообразно со главата на преподобен Давид. Болниот заминувал и набргу неговата болест поминувала. Старецот се чувал себеси од искушението на гордоста, припишувајќи ги чудесните исцелувања на благодатта на светиот и неговите свети мошти. Општењето на отец Јаков со свети Давид било многу присно. Кога барал застапништво за болните и очајните, тој говорел со него како со постар брат.

Откако го востановил манастирот на свети Давид, избрал старец за свој духовен наследник, дал исцелување и мир на илјадници страдални души, отец Јаков се подготвувал да премине од овој свет. Се молел на свети Давид, тој да ја придружува неговата душа на тој пат, а на едно свое чедо му рекол дека „ќе одлета како птица.” На 21 ноември 1991 г., откако отслужил на празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица и примил многу духовни чеда на исповед, мирно ја предал својата душа во рацете на Господа. За неговото упокоение преку телефон им било соопштено само на неколку луѓе, но веста се распространила бргу како пожар и верните низ цела Грција го оплакувале упокоението на духовниот отец во Христа. Илјадници христијани присуствувале на погребот на отец Јаков. Сите патишта кон манастирот биле исполнети со коли. Пристигнала и полиција за да одржува ред. На крајот на погребот толпата луѓе смело извикувале: „Свет, ти си свет!” И по своето упокоение блажениот старец Јаков продолжува да претстои за верните и да пројавува небесни знаци за својата смелост што ја нашол пред Божјото лице.

Герман Мидлтон

https://crkvaveles.wordpress.com/2013/11/18/zitie-jakov-calikis/

 

Drugo: