15/06/Лето Господово


 

Duhovden1.jpg

Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат.

За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство.

Aпостол  Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта. (Од Верскиот календар на МПЦ)

Duhovden2.jpg
 
 
 

Фрескопис- Марков манастир,(скопско)

 

За да може да се служи Тајната Божествена Литургија, Господ на апостолите и нивните наследници им ја подарил „Силата со која тоа ќе го прават“, односно Светиот Дух. „Во тоа е делото на слегувањето на Светиот Дух. Бидејќи, Тој не слезе само еднаш за потоа да нѐ напушти, со нас е, и така ќе биде засекогаш... Тој преку рацете и зборовите на свештеникот, ги осветува Светите Тајни“ (Св. Никола Кавасила).

Слегувањето на Светиот Дух на нас и на... предложените Дарови е Божји одговор на усрдното молење на Неговите деца. Тоа е потврда дека Господ нѐ смета за Свои деца и дека нашите дарови се примени од страна на Неговата љубов. Светиот Златоуст пишува: „Кога ќе видиш дека Светиот Дух преобилно слегува, не се сомневај во нашето помирување со Бога“.

Благодарение на Божествената Литургија „секогаш е Педесетница“(Св. Јован Златоуст). Слегувањето на Утешителот е Евхаристиска Педесетница: „Овој момент (Светата Тајна) го изобразува оној настан (Светата Педесетница)“ (Св. Никола Кавасила).

Присуството на Утешителот го собира Божјиот народ околу Трпезата. „Да не беше присуството на Светиот Дух, немаше да биде основана Црквата: но, штом Црквата постои, јасно е дека Светиот Дух е присутен“ (Св. Јован Златоуст).

Преподобен Симеон Нов Богослов, криејќи го сопствениот опит, кажувал дека некој друг го чул следново: „Никогаш не сум богослужел без да Го видам Светиот Дух, онака како што Го здогледав кога слезе над мене додека архиереот ме ракополагаше во чин на свештеник... Го видов без облик, како Светлина. И додека бев сѐ уште вчудовиден... Светиот Дух ми рече: ’Така Јас слегувам над сите пророци, апостоли, светители и Божји избраници, кои и денес живеат. Бидејќи Јас сум Светиот Дух Божји “.

Извор: МПЦ-ОА