од житието на св. праведен Алексеј Мечев, руски свештеник

Еден работен ден, по Литургија, кон отец Алексеј пристапи еден пијан, парталава човек. Беше растреперен, и речиси со мака прозборе: „Загинав, се препив. Душава ми исчезна… спаси ме, помогни ми… не се сеќавам кога последно бев трезен… не сум човек повеќе…“ Не обрнувајќи внимание на овие негови зборови и одвратен изглед, отецот му се приближи, радосно го погледна во очите, и го потапша по рамо: „Мил мој, време е да престанеме со пиење вино.“ – Но, помогни ми, драг батјушка, помоли се за мене, – му одговори човекот.

Отец Алексеј го зеде за рака и го доведе до амвонот; потоа влезе во олтарот, оставајќи го на самата солеа. Ги отвори дверите, и започна да служи молебен, објавувајќи со громок глас: „Благословен е нашиот Бог…“. Потоа го зеде нечисткиот парталко и двајцата застанаа на самиот влез од олтарот. Паѓајќи на колена, започна усрдно и со солзи да се моли на Господа. И парталкото се го следеше во сите движења; правејќи земни поклони, речиси целото тело му се гледаше под искинатите и нечисти партали. На крајот од молебениот, отец Алексеј трипати го прекрсти, му даде една просфора, и трипати го целиваше. О. Алексеј Мечев

О. Алексеј Мечев

Не долго потоа, еден среден човек дојде во црквата. Купувајќи свеќа, праша каде може да го најде свештеникот. Кога дозна дека отецот е тука, радосно воскликна и замоли да му пренесат дека сака да се отслужи благодарствен молебен. Излегувајќи од олтарот, батјушка извика: „Василиј, ти ли си тоа?“ Поранешниот пијаница липтајќи се фрли под неговите нозе, а о. Алексеј го започна молебенот, благодарејќи Му на Бога за сè.

+ + +

Другпат, за време на утрената богослужба, во црквата влезе толпа разјарени студенти. Батјушка беше во олтарот, но можеше да ги слушне како гласно разговараат и пеат. По неколку мигови, дури ни Шестопсалмието не беше завршено, тие се втурнаа во олтарот, каде ги пречека о. Алексеј со зборовите: „Колку е добро да се види како млади луѓе денот го започнуваат со молитва… Дојдовте да се помолите за вашите упокоени родители, така?“ Изненадени од ваквиот неочекуван срдечен однос, младите се збунија и пропелтечеа: „Дддаа….“. На крајот од утрената, о. Алексеј се обрати кон насобраните млади луѓе, потсетувајќи ги на нивните родители кои ги љубеле, кои се надевале на нивната помош… Зборуваше од срцето, толку искрено и љубовно, што дел од нив започнаа да плачат; потоа, некои си заминаа, а другите останаа да се молат на Литургија, се зближија со него, и подоцна станаа дури и негови духовни чеда. Дури тогаш му исповедаа дека всушност, во олтарот се втрчале за да го претепаат.

+ + +

Св. праведен Алексеј, моли Го Бога за нас.

Извор: http://pravoslavie.mk.

Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/da-se-pobedi-zloto-so-dobro/ .