haralampij


Светиот свештеномаченик Харалампиј

Овој голем светител беше епископ во Магнезија и во својата сто и тринаесетта година пострада за Христа. Кога настана страшното гонење на христијаните во времето на царот Септимиј Север, старецот Харалампиј не се криеше од гонителите, но слободно и јавно ја проповедаше Христовата вера. Сите маки ги претрпе како во туѓо тело. А кога уште жив му ја дереа кожата, незлобливиот светител им рече на царските војници: „Ви благодарам, браќа, зашто ми го иструживте старото тело, а ми го обновивте духот за нов, вечен живот“. Изврши многубројни чуда, во верата обрати многумина. Дури и царската ќерка Галина го напушти незнабоштвото на својот татко и стана христијанка. Осуден на смрт и изведен на губилиштето Св. Харалампиј ги воздигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога за сите луѓе, за да им даде Бог телесно здравје и спасение на душите и да ги умножи земните плодови. „Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и крв; прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат врз сите!“ После молитвата овој свет старец ја предаде својата душа на Бога пред да го спушти џелатот мечот врз неговиот врат. Пострада во 202 година. Неговото тело го зеде Галина и чесно го погреба.

Според Преданието, на местото на казната му се јавил Самиот Господ со мноштво ангели и му рекол, дека светителот може да побара од Него се што ќе посака. Харалампиј Му одговорил на Христос, дека самото тоа што Го видел – е веќе преголема милост, но ако Му е угодно на Бога, тогаш, во местото каде ќе почиваат неговите мошти и ќе го почитуваат неговиот спомен, да нема ни глад, ни епидемии, и да се зацари мир и благосостојба.

Господ му одговорил на светителот: „Нека биде според прозбата твоја, храбар Мој воину!“ И тогаш, Харалампиј го испуштил духот свој, а неговата душа се вознела на небото.

mosti sveti haralampij

По молитвите на светиот страдалник Харалампиј, Господ да им подари мир и благосостојба на сите кои го почитуваат неговиот свет спомен!

Извор: Преспанско- пелагониска епархија