АРХИМАНДРИТ РОМАН БРАГА

Деведесет и тригодишниот архимандрит Роман Брага од манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ (Мичиген, САД), се упокои во Господа кратко пред полноќ во вторникот вечерта на 28 април 2015 година.
Отец Роман е роден во Кондрита, Бесарабија (Романија), на 2 април 1922, како последен од седумте родени деца на Козма и Марија Брага. Израснат од благочестиви мајка и татко, и живеејќи во близина на манастирот Кондрита, се поучувал во православна христијанска средина. Додека се формирал како личност го имал примерот од неговата мајка, која го втемелила на нивните деца христијанскиот живот на добродетелите. Честопати, додека бил дете, се повикувал на неговата мајка, која го носела да присуствува на долгите богослужби во манастирот и иако изморен и поспан, тој секогаш се потпирал кон неа. Овие години на воспитание положиле основа за строга дисциплина на целиот негов живот и му биле од духовна полза сè до последниот ден од неговиот живот.


На седумгодишна возраст се запишал на училиште во родното село. Пет години подоцна бил испратен во манастирот Калдарусани близу Букурешт, од каде потоа го пратиле во манастирската академија Керника, исто така близу до главниот град на Романија, каде стекнал долгогодишно пријателство со некои од најголемите идни романски духовни отци. Таму ги сретнал отците: Софијан Богиу, Феликс Дубнеак, Бенедикт Гиус, Григориј Бабус и Грацијан Раду. Подоцна со дел од нив поминал одредено време во затвор, а повторно се сретнал со нив неколку години подоцна во САД.


Во 1942 се вратил на академијата во Чешињев, Бесарабија и започнал истовремени студии на Теолошкиот институт, Училиштето за книжевност и философија и Педагошкиот институт во Букурешт. Во 1947 година завршил со титулата Magna cum Laude  од Теолошкиот институт, добивајќи диплома за професор по романски јазик и теологија. Следната година се запишал на докторската програма на Институтот во Букурешт. Сепак, не ги продолжил студиите бидејќи бил притворен во летото 1948 година, поминувајќи ја цела година во испитувања, зашто режимот го обвинувал дека припаѓал на антисемитско движење. На крајот бил задржан во Букурешт во затворот Џилава, а подоцна бил пратен во Питешти, озлогласен за спроведување на експерименти за перење на мозоци, каде што бил ставен во самица. Во 1951 година бил испратен на работа во кампот на утоката на реката Дунав од каде што подоцна условно бил ослободен во летото 1953 година. Подоцна се преселил во Јаши, град во кој мајка Бенедикта, негова родена сестра, била монахиња.


Старец Роман бил потстрижан за монах во јануари 1954 година и произведен за ѓакон следната недела во Митрополијата во Јаши, каде што му било дозволено да остане до 1959 година, иако бил под надзор на Државниот секретаријат. За ова време секојдневно служел во Митрополијата и пеел во хорот. Тој, исто така, давал богословски лекции на медицинското училиште и на други универзитети, каде предавал за Исусовата молитва и им го протолкувал Добротољубие на студентите. Ова водело кон неговото повторно затворање и уште една година на сослушување и испитувања во 1959 година. Несигурни за што да го обвинат, режимот го обвинил, заедно со уште петнаесетмина, за учество во движењето „Несогорлива капина“. Поради ова бил осуден на 18 години принудна работа.


Од 1959 до 1964 година, времето го поминал во различни концентрациони логори по делтата на реката Дунав. Под притисок на Запад, бил ослободен во 1964 година со одлука на „Амнести Џенерал“ за сите политички затвореници. Истата година подоцна, бил ракоположен во свештенички чин во Епископијата на Орадеа и на 1 јануари 1965 година поставен е за парохиски свештеник во едно село во северна Романија, каде што организирал веронаука и хор со стотина деца. Властите не гледале со благонаклонетост кон неговата служба и две години подоцна тајно бил префрлен во друга парохија. Сметајќи го за „непожелен елемент“ од комунистичката власт, Патријархатот го испратил на мисија во Бразил. Во 1972 година, по четиригодишна служба во Сао Паоло, бил повикан од Неговото Високопреосвештенство, Архиепископот Валериј (Трифа) на Романскиот православен епископат на Америка, за да се пресели во Соединетите Американски Држави. Таму во следните пет години ја превел Романската литургиска музика (богослужба) на англиски, ги развивал верските образовни програми за децата и извршувал фунција во телото за превод од романски литургиски текстови на англиски јазик. Тој, исто така, свештенодејствувал во многу парохиски цркви низ цела Америка и Канада. На големиот празник Благовештение во 2015 година, Неговото Високопреосвештенство, Архиепископот Натаниел, од името на Светиот синот на ПЦА (Православната Црква на Америка) му врачил „Орден на св. Роман“ како резултат на неговиот труд на полето на литургиската музика.


Во 1979 година бил поставен за парохиски свештеник во црквата „Света Троица“ во Јангстаун, Охајо, а подоцна бил свештеник во катедралата „Св. Георгиј“ во Саутфилд, Мичиген, во 1982 година. Следната година бил преместен во манастирот  „Преображение“ во Елвуд Сити, Пенсилванија, каде служел како свештеник и духовен отец сè до 1988 година, кога се повлекол во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Ривер Џанкшн во Мичиген. Таму останал сè до крајот на својот живот. Годините поминати во Успенскиот манастир биле исполнети во полн литургиски циклус, духовни совети, поуки и пастирска мисија. Во последните две години од неговиот живот никогаш не пропуштил богослужба, и целосно го одржувал молитвеното правило – станувајќи секој ден во 2 часот наутро, кога го читал утринското правило, подготвувајќи се да биде во црква во 5 часот. Тој продолжувал да го одржува овој ритам и по дијагностицирањето на рак на простатата сè додека го држеле силите. Но, никогаш не пропуштил Литургија, за која однапред се подготвувал, без оглед колку да бил изморен. Никогаш не ги заборавал духовните чеда, иако многу од нив одамна ги немал видено. Отец Роман легнал на постела десет дена пред неговото упокојување, но сепак бил разумен и целосно свесен за неговото опкружување сè до крајот.


Најчитани негови дела се Истражување на внатрешниот универзум и На патот на верата: вера, слобода и љубов. Првата книга содржи есеи: „Несогорливата капина“ и „Романското монаштво во време на комунизмот“, а втората е лично искуство, живеејќи и чекорејќи во Духот, исто така преточена во есеи и сеќавања од Бразил и Америка.


По милоста Божја, во есента 2001 година имав можност лично да го запознам старецот Роман Брага и изворно да ја наситам духовната жед на мојата душа. Динамичниот и механички живот на преживување, како што честопати луѓето го чувствуваат начинот на живеење во „Новиот свет“, му го одзема секој миг на Божјото создание – човекот; и го остава животински да преживува во „Ветената земја“. Отсечен од заедницата со Создателот, чувствував потреба за духовен разговор и совет со старецот. При првата средба со него, уште не изустив ниту еден збор, тој длабоко проникна и ја прочита мојата душа, давајќи ми поуки и совети како да се воспостави кохезија со Бог. Ми рече: „Чедо, зборувај со Бог. Кажи Му кога излегуваш од дома, да те чува и да те заштитува. Зборувај како со пријател. Тој те слуша. Речи Му: Господи Ти ја знаеш мојата цел денес. Благослови ми го патот, средбата со луѓето и не оставај ме незаштитен и солупен од демонските напади.“


Многу верници и луѓе од друга вероисповед наоѓаа прибежиште кај старецот. Секое слободно време го користеа да патуваат со часови со своите возила за да присуствуваат на богослужбите, да се советуваат со својот духовен отец, да бараат негова молитвена закрила, а некои пак го оставаа светот и сите негови задоволства и остануваа во манастирот да Му служат на Бога или само да помагаат со секојдневните активности.
Отец Роман Брага длабоко остана во моето сеќавање и ми ја зацврсти верата во Бога, секогаш имајќи го за вистински пример дека преподобните во Христа живееле и сè уште ги има во овој паднат и отуѓен свет од Бога.
Вечнаја памјат, старецу и угоднику Божјо! Моли се за нас во последниве времиња да не Го заборавиме Бога, Кој ги храни и спасува нашите души. Амин.

Подготвил: Александар Божиноски

 

Извор: Православен пат