Blagovestenie.Markov.jpg

Глас четврти:

Денес е почеток на нашето спасение и откривање на вечната тајна: Синот Божји станува Син на Дева, и Гаврил објавува блага вест. Затоа и ние да извикаме кон Богордица: Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе!

07/04/2008

Кога Пресветата Дева наврши единаесет години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и четиринаест од раѓањето - значи кога стапи во петнаесеттата година од животот - свештениците ѝ соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници. Изјави дека Таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого.

    Blagovestenie.Markov.jpg

По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на Св. Јован Крстител, се договори со другите свештеници, па собраа дванаесет безжени луѓе од Давидовото племе за да пронајдат еден на кого што би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува Нејзината девственост и ќе се грижи за Неа. Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто ѝ беше роднина. Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие.

Од дома не излегуваше речиси никогаш ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кого било и никогаш без особена потреба. Најчесто општеше со ќерките на Јосиф. Но кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева ѝ се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг Таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил ѝ се јави во архангелска светлина и ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!“ И сѐ друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. А историјата на Новиот Завет значи радост за човештвото и за сета твар. (Од Верскиот календар на МПЦ)

    Blagovestenie.Markov.jpg


 

Друго:

Иконата на Свето Благовештение

 Иконите во Македонија

Blagovestenie4.jpg

 Придонесот на Богородица во обожението на човекот (07.04.2009)

Господ Исус Христос ни ја дава таа можност да се соединиме со Бог и да и се вратиме на првобитната цел што му ја постави Бог на човекот. Затоа Он (Христос) во Светото Писмо се нарекува Патот, Вратата, Добриот Пастир, Живот, Воскресение, Светлина. Он е новиот Адам Којшто ја поправи грешката на првиот Адам. Првиот Адам го оддели човештвото од Бог со своето непослушание и егоизам. Вториот Адам, Христос, повторно го враќа човекот кон Бог со Својата љубов и Своето послушание кон Отецот, послушание до смрт, „смрт на крст“. И повторно ја насочува нашата слобода кон Бог, така што, принесувајќи Му ја, да се соединиме со Него.

Меѓутоа, делото на новиот Адам го претпоставува делото на новата Ева, Пресвета Богородица, Којашто ја поправи грешката на првата Ева. Ева го наведе Адам на непослушност. Новата Ева, Богородица, се согласува со воплотувањето на Новиот Адам, Којшто треба да го насочи (упати) човечкиот род кон послушание спрема Бог.  Затоа, Пресвета Богородица, како прва човечка личност што стекна обожение - секако на исклучителен и неповторлив начин - ја одигра, не просто основната, туку неопходната и незаменливата улога во делото на нашето спасение. Ако Богородица не Му ја принесеше својата послушност, својата слобода на Бог, и ако, според свети Никола Кавасила (големиот теолог од 14. век), не Му кажеше „да“ на Бог, не ќе можеше да се воплоти Бог, зашто Оној Којшто му ја даде слободата на човекот не можеше да не ја почитува. Не ќе можеше да се воплоти ако не се најдеше една таква непорочна, пресвета душа како Богородица, Којашто целосно му ја принесе Својата слобода, Својата волја, Самата Себе на Бог за да Го привлече кон Себе и кон нас.

Многу сме Ѝ должни на нашата Пресвета Богородица. Затоа Црквата толку многу Ја почитува и слави. Затоа свети Григориј Палама, сумирајќи ја отечката теологија, вели дека Богородица е втора после Света Троица, дека е Бог после Бога, граница помеѓу создаденото и несоздаденото, „претстојател на спасените“, според еден друг убав израз на богословот на нашата Црква. А свети Никодим Агиорит, пак, тој понов вистински светилник и учител на Црквата, наведува дека и самите ангелски чинови се просветлуваат од светлината што ја примаат од Богородица. Затоа и од Црквата се воспева како „почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите“.

Воплотувањето Божјо и обожението на човекот е големата тајна на нашата вера и теологија. Нашата Црква секојдневно ја живее таа тајна со нејзините Свети Тајни, химнологијата, иконите, со целокупниот нејзин живот. Исто така и архитектурата на православните храмови го сведочи тоа. Кубето во храмовите, на коешто е насликан Седржителот, го симболизира слегувањето на Небото на земјата, зашто Бог стана човек и се всели во нас, како што пишува евангелистот Јован (Јован 1, 14). Богородица ја претставуваме на икона како Поширока од небесата, место на Несместливиот, Којашто Го смести во Себе Несместливиот Бог заради нашето спасение.

Понатаму, Црквата ни ги покажува обожените луѓе. Тоа се оние коишто станале богови по благодат бидејќи Бог стана човек. Затоа, во православните храмови можеме и ги претставуваме на икона, не само Воплотениот Бог Христос и Неговата Пречиста Мајка Богородица, туку и Светителите, околу и под Седржителот. На сите ѕидови во храмот ги  сликаме резултатите од Божјото воплотување: Светителите т.е. обожените луѓе. Со други зборови, кога влегуваме во еден православен храм и ја гледаме прекрасната агиографија, веднаш стакнуваме едно искуство (доживување): учиме какво е делото на Бог за човекот, која е целта на нашиот живот.

Сите работи во црквата зборуваат за воплотувањето Божјо и обожението на човекот.

Старец Георгиј Капсанис

 

 Друго:

ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦЕ, спаси нѐ!
Севкупниот Домострој на нашето спасение е дело на нашиот Бог – Света Троица, од Отецот, низ Синот, во Светиот Дух. Овој Домострој е Христоцентричен (исто како и нашиот живот во Црквата) поради воплотувањето на Синот Божји од Дева Марија и Светиот Дух, Кој стана и Човек – Богочовек, како и поради сето она што Он го направи за нас и нашето спасение. При сето ова, најбитно за нас е дека човечката природа, воипостазирана (прифатена) и обожена во Синот Божји – Исус Христос, не е потисната од Неговата Божествена природа, туку напротив, Бог преку обожението го гарантира нејзиното сопствено човечко совршенство и полнота, како и нејзината едносушност со севкупниот човечки род.
Обожението на човековата природа во Синот Божји – Богочовекот Исус Христос, е основа на обожението на секој човек кој тоа го сака, во Црквата како Тело Негово – со учество во нејзините свети Тајни и Добродетели. Треба да го знаеме и тоа: иако велиме дека, во процесот на обожението, нашата и Божјата природа заемно се проникнуваат, ние сепак знаеме дека проникнувањето бива од страна на Бог, Кој со Своите несоздадени енергии ја проникнува и обожува човечката природа. Затоа Бог е единствениот наш Спасител и никој друг. Човек не може да спаси човек.
Но, битен е и начинот на нашето спасение. Нас не би нѐ спасил Богочовекот Исус Христос доколку после целиот Домострој на нашето спасение само се вознел на небесата и седнал оддесно на Отецот, во тело, туку Он нѐ спасува, како што веќе спомнавме, во Црквата како Тајна на Неговото Тело, чија Глава е Он, а ние – органски делови на тоа Тело кои ја содржат целината. Сето тоа, пак, ни го овозможува своеволното симнување на Светиот Дух Господ врз Неговите ученици – посебно врз Апостолите, кои први го сочинуваат тоа Тело. Ова е јасно.
Секогаш треба да се внимава на сотириолошките (спасителните) последици на она што се тврди во теологијата. На пример, дали погоре реченото го нарушува основниот православен принцип на  Божјата и човечката слободна синергија во Црквата? Односно, дали ја нарушува нашата Боголикост, нашата слобода? Одговорот е – не! Точно е дека Бог сѐ направи – за нас и наше спасение, но ништо од тоа што го направи не ќе беше возможно без Нејзиното „да“, без Нејзината согласност. Ова тврдење го отвора прашањето и за местото и улогата на Пресвета Богородица во процесот на нашето спасение. Секако, нашето спасение не е можно и без нашата лична и слободна согласност, колку и да сакаат Бог и Богородица да нѐ спасат, но тоа е друга тема.
Секогашдева Марија зачнала Ипостас (Личност) – на Синот Божји, сочинета од две природи, Божја и човечка. Пресвета Богородица и Секогашдева Марија раѓа токму ваква Ипостас, во нејзината нова состојба на сложеност. Богочовекот Исус Христос е единствен субјект на раѓањето – се раѓа Некој, а не нешто. Не постојат два сина, туку само две раѓања на истиот Син. Едното – предвечно и бестелесно од Отецот, како начин на постоење; другото – од Пресвета Богородица, во тело и во време. Оттука произлегува и вистинитоста и значењето на името Богородица. Ова име ја содржи целата тајна на Домостројот на нашето спасение – ако мајката, од човечки род, е Богородица, тоа е затоа што Нејзиниот Син е сигурно Бог и сигурно Човек. Одбивањето да ја наречеме Секогашдева Марија – Мајка Божја, и одбивањето да ја почитуваме правилно, значи отфрлање на тајната на воплотувањето – и на сите последици од него. Меѓу кои и нашето спасение.
Од погоре напишаново гледаме дека местото и улогата на Пресвета Богородица во Тајната на нашето спасение е толку битна што кога би се обиделе мисловно да Ја изоставиме Богородица од Црквата, како Богочовечки организам во кој се спасуваме, ќе видиме дека ништо нема да остане од него и од нашето спасение. Истово не важи за кој било друг човек или ангел, не важи за никој создаден.
Какво тоа место и улога, преку својот слободен и љубовен подвиг, си обезбеди Пресвета Богородица во Божјиот Домострој на нашето спасение? Прво, Она стана нашиот единствен совршен дар на Бог; второ, нашата слободна и љубовна синергија со Бог совршено се оствари во Неа; трето, со Нејзиното „да“ на Бог го овозможи и нашето спасение; четврто, Светиот Дух Господ само поради Неа се симна меѓу нас; петто, Нејзината позиција како Богородица е таква што само преку Неа го добивме на дар нашиот Спасител – Богочовекот Исус Христос, како и секој совршен дар Божји потребен за наше спасение, но и секој наш дар за Бог, Он само преку Неа го прима; шесто, ние сме Нејзино тело и крв, односно Христови браќа по благодат, и Нејзини и деца Божји; и седмо, Она е Негова Мајка, Која Он заповедал да се почитува, а најголем израз на тоа почитување е Неговата љубов кон Неа, односно Неговото послушание кон Неа, итн. Затоа и веруваме дека ако и најголемиот грешник (Нејзино дете) искрено Ѝ побара да го спаси, ќе биде спасен поради Нејзиното барање пред Христос Бог.
Оваа наша доверба кон Богородица, како што видовме и како што знаеме, е поткрепена од севкупното Предание на Црквата, покрај догматското, и од Житијата на светиите (колку само примери во нив може да најдеме), делата на светите Отци, животниот опит, како и богослужбената пракса на Црквата насекаде во светот, на Света Гора и кај нас.
Вообичаено кон Бог се обраќаме со зборовите – помилуј ме, како единствен нормален однос меѓу создадените и Несоздадениот; и илјадници маки да претрпиме, во Негова слава, не нѐ прават достојни за спасение – само Неговата милост нѐ спасува. Вообичаено кон светителите Божји се обраќаме со молитвата – моли Го Бог за нас! Само кон Богородица, во свеста и совеста на Црквата, а поради Нејзиното посебно место како Мајка Божја, вообичаено и благочестиво останало да Ѝ се обраќаме со зборовите – спаси нѐ! Кога и каде се обраќаме, веќе не е битно.
Ова е пример за целовито гледање на светото Предание, а не парцијално – за што говоревме во минатата беседа. Ова е дело на Духот што оживува, а не на словото што убива. Нема благочестива негациска споредба меѓу двајца кои еден без друг не би биле тоа што се – меѓу Богочовекот Христос и Неговата Мајка, Богородица. Битно е Кој нѐ спасува, но битен е и начинот на нашето спасение. Христос е Љубов, но и Пат.
Пресвета Богородице, откако веќе единствената Ти овозможи спасението да е достапно за сите нас, сега и спаси нѐ – без Тебе изгубените! И прости...
Митрополит Струмички Наум

 

Посети: {moshits}