(продолжение)

 

vozdvizenie.jpg

Св. Теофилакт Охридски

превод:Братството од Манастирот Св. Леонтиј – Водоча

рецензент:
Игуман Методиј (Златанов)

1997

vozdvizenie.jpg

МАЧЕНИШТВОТО НА СВЕТИТЕ СЛАВНИ ПЕТНАЕСЕТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ пострадани во Тивериопол, сега именуван Струмица за царувањето на злочестивиотЈулијан Отстапник напишано од ТЕОФИЛАКТСветиот Архиепископ Охридски

 

18. И така не било возможно да биде лага кажаното од Господа, дека не може да се скрие град изграден на врв планина (Мт.5,14) т.е. животот на тие свети мажи - поставен на височината на добродетелта и издигнат високо над долината на плачот, т.е. над менливоста на тоа што е земно и се влече доле. Но колку и да се труделе тие да живеат незабележливо, станувале попознати, особено, пак, на љубителите на доброто, кои не можеле да се стрпат, бидејќи многу жедни, да се стекнат до изворот од каде извирал млаз, сладок и прозрачен, затоа се стекнале итајќи при нив. Тоа биле Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор, сите тие го фалеле Господа во презвитерски чин (Пс. 106, 32). Заедно со нив служеле, Василиј и Тома во ѓаконски чин, монаси биле Еротеј, Даниил и Харитон. Сократ, пак, во сè одличен војник, сопственик на достатно богатство и слава, кога се истресол како од прав од сè, станал и тој дел од тој добар лик на отците. И тие, кога се собрале сите заедно, воделе вистински ангелски живот, ден и ноќ поучувајќи се на Божјиот закон (Пс.1, 2) и на нив се однесувало изреченото од Давида: „Ете што друго е подобро и попријатно  од тоа браќата да живеат заедно” (Пс.132,1). Откако  ги просветиле сите тамошни со светлината на познанието и им ги исцелиле нивните душевни слабости, тие не ги оставиле иеисцелени ни оние кои боледувале од телесни болки. Сè што добиле на дар, на дар и го давале (Мт.10,8) на оние кои имале потреба, барајќи само една цена и тоа најскапата, верата во Христа, Семоќниот. Од тоа словото на поуката повеќе успевала, зашто чудата се крилја на словото, го подигаат повисоко од гонителите и му помагаат да се распространи.

19. По некое време веста за нив прелетала со брз полет и преминала на секоја страна, па се говорело многу за нив во Солун. Затоа Валент и Филип, за кој спомнавме погоре дека пребивале во Солун и уредно ги исполнувале заповедите на Јулијан и слушнале тие за таквото живеење на светите мажи, кои со животот се натпреварувале со невештествените ангели, и дека словото им било силно и надарено со благодат и сила да ги привлекува слушателите, и дека не останал никој во Тивериопол и околината кој ќе го почитува идолопоклонството, и дека сите тамошни станале ученици и поклоници на Христа, - биле поразени од ревноста за нивните разурнатите татковски обичаи и непочитувањето на царските повелби. Кога го чуле тоа тираните најпрвин намислиле да испратат во Тивериопол неколку воени заповедници и од нивните прислужници, диви по нарав и жестоки по мислењето, за да ги убедат светите мажи да ја исполнат заповедта на царот и да жртвуваат на идолите, за да задобијат од царот големи почести кои раката на царот може да ги даде кога сака; или ако не се согласат да го сторат тоа, да им одредат големи казни и на крајот да им ги отсечат главите со меч. Размислувајќи за ова им се сторило добро да не пратат други луѓе, туку тие сами да одат за да го покажат сето дивјаштво и да го покажат на дело она што го смислиле.

20. И веднаш стигнаа во Тивериопол, а штом се расчуло за тоа сите се преплашиле од нивното дивјаштво. Тие седнувајќи на високи и застрашувачки престоли, наредиле, и им ги донеле светците пред нив, повеќе за да ги исплаши таквата глетка, а нивниот збор да стане чуен, и им рекле на ожалостените: “Цело царство се потчинува на царската наредба што гласи: да се поклоните на бесмртните богови што ни ги оставија старите мудреци, за да им се прават храмови и за да им се градат жртвеници, да им се принесуваат жртви и други почести да им се оддаваат и да не прифатат никаква нова религија, ниту на ниеден нов бог да се молат. Како само вие се покажавте, наспроти целата екумена, помудри од старите луѓе? Или вие имате поголема сила и мудрост од нашиот цар кој ги надмина мудрите? И вие се осмелувате сведоштвата на боговите, што сите стари од мудреците ги нарекуваат бесмртни да ги нарекувате митови и да ги омаловажувате царските наредби? Еден Човек, пак, што беше роден во Палестина, од една сиромашна жена, која заради нејзината сиромаштија се сложи на брак со столар, кој потоа се изедначи со разбојниците, Нему како на Цар и Бог му се поклонувате и секоја чест му оддавате и мислите дека сте побожни?”

21. Светиите без и најмалку да се двоумат, им рекле: “Требаше о, началници, пред неутрални судиите да оговараме на испрашувањата. Зашто така би излегла на јаве вистината. Ама бидејќи вас ве имаме и за судии и за обвинители, јасно ни е, што ќе се случи: лагата ќе ја надвладее вистината. Но ако е и така, нема да замолчиме, зашто се надеваме на Христа, Кој за нас постана премудрост од Бога (1Кор.1,30) и им дава збор на гласниците (Пс.67,11), кога ќе ја отворат устата, и како што ветил, на Своите соборци и маченици им дава уста и слово, и мудрост, на кои не ќе можат да им се воспротиват и противречат сите нивни противници (Лук.21,15). Освен тоа, ниту само ние од сиот род човечки плукаме на вашите богови, ниту само ние прибегнавме кон вистинската православна вера и кон благочестието. Зашто безбројни миријади се по целата вселена, кои ја признаа навистина чистата и непорочна вера во Христа, а науката и религијата на елините, како суетна и лажноименита, ја сметаат за потемев, ја плукаат и се гнасат од неа. По сета земја се пронесе гласот на Христовите ученици, апостолите, и нивните зборови до краиштата на вселената (Пс.18,5). Не е вистина, дека ние не ги почитуваме учените, според ваше мнение. Но, ако и она што ќе го кажеме изгледа чудно, тоа сепак е точно, ние ним повеќе им веруваме, отколку вие. Зашто, кога ќе го чуеш поетот како го опишува Ѕевса, дека е прељубодеец и грабач, дека е измамник, а и самиот е измамуван, дека може да биде врзан и да плаче, и покрај сето тоа му се поклонуваш како на бог, - а јас - кога го слушам сето тоа, што за него се вели, плукам на него и не само што не го нарекувам бог, туку и го сметам за нешто полошо од сè што е гнасно и погано, и од сè презрено. Тогаш, кој од нас двајцата има посогласно мнение со сфаќањата за Ѕевса? Што, пак, треба да се каже за другите богови, кога врховниот им се разобличува на тој начин и за такви дела? Такви нешта кажуваат за вашите богови поетите, кои вие ги сметате за извори на секоја мудрост и за темел иа секое учење Оние, пак, од философите, кои според вас се попобожни, учеа, дека од поетите наречените богови се оган, земја, воздух вода, сонце, месечина, и други ѕвезди. И на нив, исто така, не треба да им се поклонуваме, зашто ако се твари, создадени заради нас, тогаш кој разумен и со ум човек би ги сметал за богови? И кој со здрав разум би и служел на тварта, повеќе, одошто на Творецот? И кој човек со ум и разум ги прави богови, оние коишто немаат разум (Пс.3,9), туку разнообразна промена? Кој би им служел на робовите, како на господари? Сè му служи на човекот и нему му се покорува, зашто сите творби се бездушни и бесловесни, а човекот, како оној кој во себе го има образот Божји, е обдарен со слово и владее над сè. За царот, пак, имаме многу да зборуваме, но ќе дадеме само кус одговор, за да не си го трошиме времето зборувајќи за него како за вистински цар. Зашто тој се откажа од Христа, нашиот вистински Бог, и стана отстапник од верата во него, откако ги наруши Неговите заповеди и Неговите животоносни повеленија. Тој не е достоен да ни забележува, дека не сме му ги почитувале наредбите, и да не заплашува, дека ќе не казни, бидејќи сме сакале истите да ги нарушиме, - зашто тој отстапи од Својот Спасител, и Спасителот се откажа од него, според пророчките зборови, кои велат: “тој отстапи од Бога, и Бог отстапи од него. не посака благослов, и тој се оддалечи од него; го засака проклетството и тоа ќе падне врз него (Пс.108,17). Не посака да ја  познае светлината и оди во темнина. Ние се одметнавме од царот и господарот, којшто не само што не може да не спаси, туку се труди и нас да не погуби со себеси, па не турка кон истата опасност. Но тој нека прави што сака. Зашто ние нема да се откажеме од Христа, нашиот бесмртен Бог, дури и еден ден да е животот наш, никој не може да не одвои од љубовта Христова (Рим.8, 35), оти ние преку Него живееме, се движиме и постоиме (Дела.17,28). Он ни е цар, и кога ќе помислиме на Неговата закана, во ужас стоиме и страв нè опфаќа, зашто рече: “кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен (Мат.10,33), и пред светлите ангели.

22. “И тоа го исповедуваме и ќе исповедаме така до последниот здив и нема да отстапиме, зашто Него Го признаваме и познаваме за вистински Бог и Господ, и роден од Бога и Отецот пред сите векови бестелесно и бестрасно, како што знаеме, како што од умот се раѓа зборот. Потоа, откако виде дека човечката природа, којашто од добра волја ја беше произвел, се предала на срамни страсти (Рим.1,26) и според бесловесниот живот станала слична на животните (да не кажам дека ги надмина и тие последните по своите срамни дела) така што паднала толку долу, па се поклонува на лазачи и црви. Он од милост посака да ја прими таа природа, да ја освети и со Божеството да ја направи светла. Затоа Он се родил од Светата Дева и Сенепорочната Марија, беше повиен, доен, хранет, и откако прими сè, што ја сочинува нашата природа исполни сè освен гревот. Зашто грев не стори, ниту се најде измама во устата Негова (1Пет.2,22), зашто гревот не е својствен на природата, туку неразумните во невнимание паѓаат во него против природата. И кога наполни триесет години, ни го посочи како краток пат на спасение - Божественото и духовното крштение, коешто прв Сам го прими и при коешто беше посведочен од Отецот од небесата, дека е Син Божји според Евангелската порака. која вели: “Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!” (Мт.3,17). А ни даде повод и нам да веруваме, зашто и ние стануваме синови Божји преку крштението, зашто го добиваме по благодат она, што е Он по природа. Потоа, откако проповедал и откако преку чудеса ги облагодатил луѓето, и омразен од непријателите на вистината бил распнат на крст, и, како мртов бил погребан, - тогаш како вие, нè навредувате нас кои Го почитуваме? Но не останал долго време мртов, туку по три дни воскресна, четириесет дена беше со Своите пријатели и ученици, ги научи на поголеми и посовршени нешта, и најпосле се вознесе на небесата, од каде што и беше слегол”.

23. Тука, кога светиите се подготвувале да продолжат и да раскажат поопширно за слегувањето и присуството на Духот и за благодатта дадена на апостолите и силата, и воопшто за сè друго во што веруваме, тираните го прекинале текот на нивното кажување и рекле: “Што е тоа? Вам ви е дадена волја веднаш да одговарате на зададените прашања и вие се покажувате пред нас како говорници коишто Ја покажуваат силата на своето слово во театар, а не како обвинети коишто седат пред судии. Зошто многу зборови? Согласни ли сте да им принесете жртва на боговите или не? Одговарајте!” - “Никако, рекле мачениците, нема да принесеме жртва на  демоните и на нивните идоли, ние, коишто Христос Бог нè избави од ропството на демоните. Кога светиите дале таков краток и во исто време отсечен одговор, ѕверот на гневот во Валента и Филипа се разгорел, и бидејќи немале време да се задржуваат во Тивериопол, зашто државните работи ги терале да побрзаат и да се вратат во Солун, веднаш ги осудиле светиите на смрт, отсекувајќи им ги главите.

24. Водени биле по последниот и блажен пат, којшто води кон небесата и кон живот вечен, незавршлив и бескраен, но тие се радувале со неискажлива радост (1Пет.1,8) и внатрешната состојба ја искажувале со надворешна веселост, зашто, откако ќе го остават царот злосторник и неговите џелати, ќе отидат пред Царот човекољубив и неопфатен, во Црквата на првородените запишани на небесата и при десетиците илјади ангели кои празнуваат. За само едно нешто тие жалеле, имено за самоволното слепило на тираните кон светлината на вистината и, за тоа што поради начинот на судењето мнозина од послабите се расколебале во верата. Зашто беззаконски извршеното испрашување служел доказ на неправда и насилство. Но судените да се изведуваат пред божемни судови и да се судат по закон, тоа служел за соблазна на послабите. Зашто тие мислеле дека се осудуваат на казна и на смрт луѓе, коишто вистината ги нашла реално виновни. Затоа еден од светиите по име Петар искрено обземен од Божествена ревност, се спротивставил на тираните и извикал: “О, престапници, непријатели на вистината, како смеете, откако си ставивте маска на судии и си зададовте изглед на суд,  да пролевате невина крв на праведни, во коишто нема ништо достојно за смрт, туку напротив сè е достојно за почести и венци?” Откако ги чуле тие зборови тираните пламнале од гнев и заповедале да го соблечат светецот, да го легнат на земја, да го бијат со стапови, да му ги отсечат рацете и најпосле со меч да го убијат. Кога се извршило сето тоа рацете биле фрлени на кучињата да ги изедат. Но една жена слепа од раѓање кога осетила дека десната рака на преподобниот Петар случајно и паднала крај нозете ѝ ја зела, и ја завиткала во шамијата и поитала дома и не знаела за што да го употреби тоа што го нашла. И што сè не правела? Ја целивала, ја прегрнувала, и си ја полагала на очите, и во еден час (о, велики чудеса Христови (Псалм.135,4) Спасителу Христе!) ѝ се отвориле очите и кога ја видела светлината со висок глас ја објавувала силата на Христа и на Неговите светии и на секој што Го прославува Бога, Којшто чини, како што е напишано, прекрасни и чудесни знаци (Псалм.71.18), коишто немаат број. Откако изминале неколку дена, жената достојна за светлина, ја зела раката и отишла во великиот Солун. Таа имала намера оваа скапоценост да ја положи на чесно место. Го нашла сечесниот храм на добропобедната маченица Анастасија, и таму ја положила раката. Тоа се случило со чесната рака на светецот.

25. И кога светиите го завршија својот благочестив живот на дваесет и осми ноември, нивните чесни тела многу денови стоеле зафрлени бесчесно, за да бидат изедени од кучиња, ѕверови и птици, без да добијат озаконето за општата природа погребение. Но Божјата седржителна десница на Оној, Кој сè гледа, и осенувањето со сетворечкиот и сесвет Дух, ги запазил недопрени и неповредени. Затоа оние коишто ги гледале се восхитувале на Христа Бога. Но никој не се дрзнувал да пристапи и да ги удостои со погребение, зашто ја имале предвид жестокоста на Валента и Филипа. Но откако овие се вратиле повторно во Солун, христијаните, кои се здобиле со малку слобода, се собрале, ги подигнале со почести чесните тела на мачениците, како што прилегало, ги завиткале во чисти плаштаници и, откако ги извршиле сите служби, коишто ги налага законот на христијаните, со свеќи и кадење (за да се означи со првите невечерната светлина која ги очекува, а со второто - радоста на благоуханието на рајот) ги положиле во Тивериопол, секого во посебен ковчег, на кој било напишано името на секој од нив, каков живот водел и каков чин имал во Христа.

26. Но мачениците, бидејќи неограничени по силата на Христа, чинеле чудеса изобилно не само на месните жители, туку веќе ги распространувале надвор од границите. Зашто сите, што биле обеспокојувани од демони и измачувани од други телесни слабости, кога пристапувале до ковчезите на светиите веднаш добивале исцеление, така што мнозина од елините, водени од тие чудеса, ја познале вистината, пристапувале кон верата Христова и примале Божествено крштение, и на тој начин ниту во Тивериопол, ниту во околината не останал ниту еден безбожник. Уште и повеќе, со силата на чудата верата се беше распространила и во останатите западни краишта, како што кажавме понапред, така штоТивериопол достигнал да стане како некоја кула од секаде видлива, која ја раздавала и на другите градови на запад светлината на верата и ги враќала од мракот на заблудата оние, што се наоѓале во длабокото море  на неверието. И така, додека работите се одвивале во мир, во совршено спокојство и ред, секој град и крај се наоѓале во постојана тишина и ја запазувале, како што приличело, почитта кон Христа.

27. Но кога по изминувањето на долга низа години еден варварски народ, наречен Обри (Oμβoι), кои доаѓајќи од југ во Тивериополските краишта, опустошил и многу други градови, па и самиот Тивериопол, и од жителите едни со меч погубил, други заробил, а пак, како и другите убави зданија, така и Божјите храмови ги срамнил со земјата, тогаш и ковчезите на светиите останале затрупани заедно со разурнатиот храм, во кој се наоѓале, така покриени со земјата останале непознати за сите.

28. Но после тоа, кога си заминал тој народ, друг најбеззаконит и најсвиреп меѓу народите наречен Бугари, навалил од страните на Скитија и кога поминал низ т.н. река Истар, се јавил како силен камшик испратен од Бога на западните страни. Тие не го знаеле Христовото Име, служеле на скитското безумие, како и на сонцето, на месечината и на другите ѕвезди, а некои пак принесувале жртви на кучиња. Нивното помрачено срце било неразумно, бидејќи тие повеќе се поклонувале на тварта отколку на Творецот. Откако го покориле целиот Илирски крај, древна Македонија до градот Солун, притоа и древна Тракија, околината на Верија, Филипол, и погорните места, ги задржале овие краишта со постојните жители, а пак жителите на секој град ги разменувале, преселувајќи ги од едни градови во други и едни што живееле од едно место ги населувале во друго и, воопшто, сите ги употребувале како робови бивајќи и самите робови на секоја бесрамност и отпадници од вистинскиот Господ. Но некои од покорените Христијани кои ја чувале својата пречиста, праотечка вера, во разговорите со нив им зборувале за Христовото учење и им ја откривале доколку било можно Евангелската светлина. Но тие си ги затварале очите за да не видат и со ушите тешко слушале (Мт.13,15) според пророчкото слово што вели: “Зашто со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видете; срцето на овие луѓе закоравело и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат та да не се покајат и да ги исцелам” (Мт.13,14-15). Затоа ниту ја беа познале, ниту пак ја разбрале вистината, туку лутаа во мрак.

29. И кога некојси бугарски кнез Крув ги пљачкосувал многуте ромејски градови и го презел и чудесниот Одрин и неговите жители ги заробил и ги преместил во други подалечни градови кои порано ги беше завладеал, тогаш помеѓу преселените имало и еден маж по име Кинамон, великолепен и убав по надворешниот лик, а по духовната своја убавина пославен и побожествен од своите современици. По поделбата на пленот, тој со жрепка му паднал на Крувовиот син Обритак. Возљубен од својот господар и од сите други, зашто во сè од никој не бил надминат, тој само со едно му причинувал жалост на својот господар, што не бил согласен со нив во верата. Затоа варваринот правел секаква усилба да го отстрани од Христа. За таа цел најпрвин го направил следниот испит. Откако направил една торжествена жртва и по тој повод подготвил богата трпеза, му заповедал на доблесниот Кинамон да седне на трпезата и да се нахрани заедно со другите началници. Но тој поучен од Павла, или подобро да кажам, откако запомнил однапред добро дека нема никаква согласност меѓу Христа и Велијар (2Кор.6,15) и дека не можат оние кои веруваат во Христа да пијат и од Господовата чаша и од бесовската (1Кор.10.27), откажал да седне на трпезата.

30. Но откако варваринот продолжил да го принудува да вкуси од идолските жртви, човеков обземен од божествено дерзновение велегласно исповедал дека тој, како христијанин, му служи на Христа, вистинскиот Бог Кој го создал небото и земјата и сè видливо и невидливо. Тој го создал човекот со своите сопствени раце, го почнал со слово, а подоцна кога беше паднал, човекољубиво го исправил и ни подарил вистинско богопознание нам, почестените со словото. Он ќе дојде пак, да им суди на живите и на мртвите, да му воздаде секому според неговите дела (Рим.2,7) и да го бара од секого она што му го доверил. Во тоа верувам и се трудам да го запазам залогот на верата. А оние разните, кои вие ги почитувате за богови, ги сметам за вистински демони, како што се научивме од Божјото писмо, кое вели дека сите богови на незнабошците се демони (Пс.95,5). А ако и ги величаш сонцето и месечината и ме принудуваш да им се воодушевувам од велелепието, тогаш слушај: и јас им се чудам, но ги сметам за созданија и слуги и под власта не само на Бога туку и на нас луѓето. Зашто Создателот ги привел од небитие во битие, за да ни служат нам, и раководени од нивната убавина да се воздигаме до Оној, Кој ги создал. Зашто од величината и убавината на созданијата по соответност се согледува и нивниот Создател, и Неговата вечна сила и божественост од создавањето на светот стана јавна низ созданијата (Рим.1,20). Зашто ако тие се такви, тогаш каква ли ќе е Неговата убавина! Значи, ним нема да им се поклонам, тоа нема да биде! Но ќе се поклонам и ќе го почитувам на секој начин Оној, Кој нив ги создал и Кој е Христос, Кому заедно со Отецот и Духот ние Му служиме.” Обритак не можел да го поднесе сево ова спокојно, и разгневен (зашто што друго можеше да се очекува од една варварска и крвожедна душа) заповедал да го бијат безмилосно. “Не ги понижувај - кажувал тој, нашите богови. Зашто голема е нивната сила, а за доказ нека ти служи тоа што ние, кои им се поклонивме, ја покоривме целата Ромејска држава. Зашто ако твојот Христос беше вистински Бог, како што ти велиш, бездруго би влегол во сојуз со вас и би ве запазил од ропство, зашто Му служите и Му се поклонувате.” Откако тоа го рекол заповедал да го затворат во затвор и тој, Христовиот слуга бил затворен до смртта на Обритак.

31. Кога исчезнал од земјата тој го завршил својот живот со трите синови од кои постариот се викал Енравота, другиот Звиница, а последниот Маломир. Овој последниот ја наследил власта од татка си. А пак Енравота, кој бил наречен и воин, по Божја најверна промисла си спомнал за најдобриот христијанин Кинамон и затоа испратил да брата си Маломир, посакувајќи да се погрижи за Кинамон, бивајќи со намера истиот да му се испрати, и овој без да ја занемари порачката на брата си го побарал човекот и го нашол во затворот гладен, раносан, пожолтен и стопен, сиот како сениште, така што не личел на претходниот Кинамон. Кога го извадил од затворот се погрижил за него, колку тоа било возможно, и го испратил при својот брат Енравота, кој откако пристигнал и го видел дека е со променета телесна состојба требало да помине време за да го препознае, го прашал која е причината за таа промена. И тој откако објаснил дека тоа е последица од страдањето во затворот и железата, почнал да философствува за ништожноста на телото. “Што е чудно - кажувал тој - ако распадливото се распаѓа и е извор на гниење и црви, зашто, колку повеќе гние надворешниот човек, толку повеќе внатрешнот се обновува и лета лесно кон небесата”. Запрашан од Енравота, зошто и на кој начин пострадал со тие страдања, Кинамон му одговорил: “Причината за тие страдања е верата во Христа, а тоа што го претрпев за неа јас не го сметам за страдање туку го имам за големо задоволство и радост. И како не би го сметал за такво, кога гледам колку маченици пред мене ги презреле сите видови орудија за мачење и кон огнот, мечот и ѕверската свирепост се однесувале како кон плашила и играчки за дечињата, само за да ја запазат верата во Христа неповредена. Затоа тие по умирањето преминале во вечен и бесмртен живот.” 

32. И така Енравота, застрелан од слатката стрела на љубовта кон најслаткиот Христос, со внимание ги примил зборовите на премудриот Кинамон и ги грабнал како мамка задената на јадица: тој започнал да копнее и гори за Христијанската вера. И откако ја изучил големата тајна на благочестието (1Тим.3,16) и ја споредил чистотата со скверната религија на Бугарите и јачината на Божјото слово со гнилоста на бугарското безумие, погнасувајќи се од безбожието, го пригрнал богопочитувањето, поверувал, се крстил и оттогаш се предал на пост и на молитва и на сè друго по кое се оцртува и се препознава искрениот христијанин.

33. Кога дознал брат му Маломир, го примил тоа како голема несреќа, та затоа го повикал брата си Енравота и обземен од ревност за татковските богови се однесувал кон него не како кон брат, туку како кон отпадник од прататковската вера. “Или вети, дека ќе се оддалечиш од туѓиот Бог, или знај, рекол, дека на овие ( и покажал на џелатите и на мечот) ќе бидеш предаден уште денес”. А тој, веќе ја беше избрал смртта за Христа и копнеел по неа повеќе од брата му за крв, за час одговорил на брата си и му го рекол ова: “Никој не може да ме одлачи од Христовата љубов, ниту оган, ниту меч, ниту камшици, ниту некоја друга тешка мака (Рим.8,39). Подобро ми е да умрам за името Христово, отколку да живеам срамно и беззаконо со беззаконици, или пак да не го слушам пророкот Давид, кој велегласно повикува и говори: “Го презрев собиралиштето на злонамерните, со нечестивите нема да седам” (Пс.25,5). И пак: “повеќе би сакал да бидам исфрлен од домот на мојот Бог, отколку да живеам во домот на грешниците” (Пс.83.11), т.е. да сум во општење и врска со безверници. Но и Соломон кажува: “жртвите на бесчесниците, се гнасни пред Господа, зашто ги принесуваат беззаконо” (Прик.21,27). “Каква сличност има меѓу светлината и меѓу темнината?  Што има заедничко Христос со Велијар? Која е  врската меѓу верниот и неверен, и меѓу чистиот и  нечист” (2Кор.6,14) Но зошто многу да зборуваме! Со еден збор ќе кажам, - од статуите на елините се  гадам, зашто се безбожнички и нечисти и се  одвраќам од нив и од сето служење ним. А го уважувам и почитувам Христа, како вистински Бог и создател и Му се поклонувам!” Откако го чул ова  неговиот безбожен и незаконит брат, веднаш дава  заповед да биде исечен со меч. И за тоа време додека го воделе на местото на погубувањето тој исполнет  со Божествениот Дух пророкувал за иднината: “Таа  вера за која јас умирам денес ќе се распространи и  умножи по целата бугарска земја, иако вие мислите  дека ќе ја ограничите со мојата смрт. Знакот на  крстот ќе биде поставен насекаде, Божјите домови  повторно ќе се подигаат и чисти свештенослужители  ќе му служат на чистиот Бог. И жртви благодарни и  исповедни ќе се принесуваат на животворната Троица. А идолите и нивните олтари и нивните  скверни храмови ќе се разурнат и ќе се уништат како  никогаш да не биле. А и ти самиот по изминувањето  на не многу години, лошо ќе ја испуштиш  неблагочестивата душа без да се ползуваш со нешто  од твојата жестокост.” Откако го изрекол ова велегласно, Христовиот страдалник ја принел главата на џелатот и ја примил живоносната смрт со меч, а својата чиста душа ја предал во рацете на Бога. По ова животот на Маломир кој продолжил три години бил пожнеан безвремено од српот на Божјата правосудност и бугарската власт ја наследил синот на Звиница.

34. Забележи ја тука безмерната мудрост на Бога, Кој многупати ја потопува човековата душа со страдања и небиднини, за да ја вознесе, како водопроводникот што ја тера водата да блика, поради теснотијата на грлото. Види го исто така и благоразумието на добрата душа, која ја позна божествената волја  Божја.  Зашто кога веќе спомнатиот прекрасен Борис ја наследил власта. Облак од Франки ја покрил цела Бугарија. Кон тоа се приоучила и страшна глад. Бугарскиот народ се наоѓа во тешка положба што од една страна бил погубуван од непријателски меч, а од друга од глад. Но Борис иако беше млад разбрал дека тоа е камшик Божји и дека Оној, Кој удира, Таткото и Владиката го налага тоа од желба да ги поврати кон вистината Своите синови и чеда (за кои синови Богоотецот Давид вели: “Јас реков, вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот” (Пс.81,6). И така испраќа послание до ромејскиот цар и до сенатот (тогаш царувал Михаил, синот на Теофил), дека ќе склучи договор за мир, за да поживеат во тивок живот, безметежен, спокоен и мирен во секое благочестие и чесност. Зашто, што друго би можело да стане, ако заживеале навистина братски во согласност и љубов? И како здрава гаранција го давал тоа, дека и тој ќе го прими Божественото крштевање. Во исто време молел да му се испратат свештеници за да им го предадат христијанството во полнота. Ромеите, кога ја примиле со радост веста за мир, која никогаш не ја очекувале од Бугарите, сè извршиле набрзина. И така Борис се крстил и во бањата на светата купел се нарекол Михаил, чинејќи му така на Ромејскиот цар чест да се именува со неговото име, та како да тој го крстил, иако самиот не присуствувал телесно. Заедно со него биле покрстени и многу други меѓу Бугарите, кои се одликувале со род, значење и богатство. Потоа и сите останати го примиле и светоносното очистување, со исклучок на некои сосема ѕвероподобни, кои, откако собрал меѓу нив војска не толку многубројна, зашто Христос му помагал, тој лесно ги поразил и ги натерал и тие да го примат.

35. Оттогаш се поставуваат и епископи, мнозина светци се ракополагаат а и свети бошественото крштевање. Храмови се воздигаат и некогашниот не народ, туку варварско племе, сега станува и се нарекува народ Божји (Оси.1,9) и не помилуваното бугарско наследство - помилувано (1Пет.2,10) го нарекува Бог, Кој го именува она што не суштествува како да суштествува (Рим.7,17) (да проговори Павле согласно со Осиј, и народот кој порано престојувал во мракот на незнаењето, ја видел сегашната голема (Ис.9,2) и вистинската светлина на познанието, којашто го иросветлува секој човек што доаѓа на свет (Јн.1,9). И така можел од сега човек повторно да види како се умножуваа Црквите и Божјите храмови, кои гореспоменатите Одри и Бугари ги разурнувале. Последните повторно стоеле добро и од темел подигиале Божји Храмови и целата овдешна земја ја исполниле со слава и благодарност Господова (Ис.6,3). Се исполнило кажаното од пророк Иезекиил: “и полн е со слава домот Господов” (Ез.43,5), и пак истиот: “полна е целата земја со славата Господова“ (Ис.6,3). Но и Давид кажува: “фалете го во соборот на преподобните” (Пс. 149.1). И пак: “во соборите благословувјте Го Господа. вие кои сте од племето Израилево (Пс.67,27), или од бугарското племе. Станаа и тие според кажаното: “царско свештенство, народ свет, луѓе угледни (1Пет.2.9), наследство неотуѓиво. Една вера, едно крштевање, еден Бог над сите и низ сè (Еф.4,5).

36. Царувањето на Борис преминало во вечно спокојство и не малку народи му се покориле. Сиот се надевал на Оној, Кој ги крши оружјата, ги крши лаковите и ги гори со оган штитовите (Пс.45,10). Кој дозволува човекот вистински да дознае, дека само Он е Бог (Пс.45,11). Живеејќи триесет и шест години и верата поткрепувајќи ја, тешко се разболел, но и за тоа му благодарел на Господа изговарајќи ја онаа пророчка мисла: “добро ми е што пострадав, за да се научам на Твоите наредби“ (Пс.118,81). Потоа откако примил потстриг и го предал умот на Бога, царството го доверил на својот прв син по име Владимир. Откако поживеал не малку години во монаштво преминал во бесконечен живот и бил прославен од Господа со чудеса и исцеленија кои боголепно се извршувале преку неговите мошти.

37. Во тие времиња се јавил во бугарската земја и свети Герман. Исто така се појавиле и овие светии чиј живот го поставувме за предмет на нашиов расказ. Тие најјасно се покажувале во Тивериопол, јавувајќи се на местото каде што биле положени, и ги гледале како одат ноќно време по бедемот разделувајќи им на сите што потребуваат
богати исцеленија. Тие биле од сите прославувани. Така глас за нив стигнал и до ушите на бугарскиот цар Михаил. И тој бидејќи бил горазд во Божествените работи, заповедал да се изгради храм на овие светии во Брегалничката епископија (нешто коешто и се случи) и таму да им се пренееат светите мошти. И тоа не било занемарено. Таа заповед била дадена на бугаринот, болјарин Таридин, човек, не само најблагороден, туку и на дело посведочен. Таридин не се однесувал небрежно кон работата, туку заради својата природна темпераментност, запален и од верата кон чудотворците, со голема брзина го изградил храмот употребувајќи за работа многу работници. И кога застанале на местото, врз кое се јавувале светиите и откако се помолиле долго и со многу солзи, почнале да копаат и да изнесуваат пластови. Откако копале долго време, најпосле стигнале до ковчезите на светите. Ковчезите биле покриени со мермерни плочи и потпишани со натпис врз кој било изложено името на секој од светиите, надворешниот изглед, начинот на живот, чинот и цртите на лицето. И тие кога ги дигнале тие мермерни плочи дале да ги однесат во Брегалничката епископија, за повторно со нив да се покријат нивните свети мошти, кога ќе се пренесат таму и ќе се постават на светото место. И откако ги завиткале моштите во чисти плаштаници и ги положиле во чисти и нови сандаци кои биле посебно направени за преносот, повторно направиле долга и усрдна молитва кон прекрасниот во светиите Бог (Пс.67,36) и испросиле од Него милост.

38. Додека го вршеле тоа и се подготвувале да ги дигнат сандаците, еден од чтеците, чијшто јазик заради една болест бил врзан, така што останал сосема без глас, се присоединил кон множеството за да го гледа она, што се случувало, и откако му се разврзале јазлите на јазикот (О, големите Твои чудеса Христе - Слово!) притекнал како полуден и потплашен кон божествените ковчези со моштите и со висок глас разгласил за доброчинството, велегласно извикувајќи според својата сила и благодарејќи со истиот орган со кој му помогнаа светиите, воздавајќи им низ говорот награда, бидејќи можел сега и да говори. А народот, кога видел што станало и слушнал како чтецот, кој долго време бил безгласен, по чудото проговорил, и, дека низ светиите се пројавила Божјата сила, се нафрлиле на ковчезите на светиите целивајќи ги, прегрнувајќи ги и не сакајќи да се оддалечат од нив.

39. Тивериополците, пак, се растревожиле кон болјаринот и кон епископите велејќи: “Нема да го оставиме нашето богатство. Дури и кога нашиот живот би бил еден ден, кажале тие, повторно не би можеле да се лишиме од Божјиот дар, кој вишната промисла ни го даде за спасение на душите. Нема да дозволиме да се граба од нашите раце, ниту да се одзема од пазувите на неуништивата и неограблива ризница. Ете, ние сме спремни да бидеме и врзани, и казнети, и на оган предадени, и смрт да претрпиме. И таа наша смрт нема да биде беславна. Или, откако ќе застанеме околу ковчезите, таму телата ќе си ги жртвуваме и душите ќе ги предадеме. Нека не ни ослабат нервите на усрдноста и да не се покажеме навистина недостојни за толкава благодат, а ќе се покажеме такви, ако го отстапиме ова на други. Колкумина паѓаат во опасност за распадливи блага, на кои многупати тие не се господари туку други, на кои тие им служат за плата, што се надеваат да ја добијат, влегуваат во војни и опасности, - а не е така во овој случај. Зашто нашето богатство е нетлено и вечно. Каква млакост би била, да ги оставиме светиите на оние, што сакаат да ги земат. Кое друго посвето место би можеле да го имаме за гроб од ова, кое е покривка на светиите за кои, да се изложиме и сега на опасност.

(продолжува)

Проект Растко- Македонија

 

 
  Друго:

Житие на Св. 15 Тивериополски маченици (I дел)

Житие на Св. 15 Тивериополски маченици ( III дел )

11.12.2010 http://preminportal.com.mk/content/view/7450/1/