Чудесно Бог почива во своите светии и на прекрасен начин Тој ги радува своите верни чеда, преку светите мошти на Божјите угодници. На овој ден, кога Бигорскиот манастир празнува, заради тоа што има дел од моштите на денешните свети маченици, Кирик и Јулита, празнувањето беше посебно збогатено со пристигањето на моштите на големиот руски подвижник и чудотворец Св. Серафим Саровски. Неговите мошти, беа подолго време очекувани, според ветувањето на архимандрит Јован од рускиот манастир на Христово Воскресение на Руската Задгранична Црква, кој за Бигорскиот манастир знае од Драгица Велјановска, која своите први чекори во верата ги направи во Бигорскиот манастир преку својот духовен отец, архимандрит Партениј.
 

По нејзиното заминување во Америка и повеќе годишното служење во скитот посветен на Христовото воскресение, таа на о. Јован му ги пренела своите впечатоци од Бигорската света обител за сѐ она што го прави братството, за нивниот труд, пожртвуваност и љубов, а посебно поради скитот и црквата која ќе биде изградена во чест на Св. Серафим Саровски, о. Јован благоизволи да подари дел од моштите, од овој голем руски Светител, кои таа самата ги донесе во Бигорскиот манастир.

Архимандрит Партениј ги прими моштите пред главната манастирска порта и заедно со братството, сестринството и присутните верници, во свечена литија се упатија до скитот каде ќе се гради храм, во руски стил, посветен на Св. Серафим Саровски. Со голема побожност, благодарност и со молитви упатени кон Светителот за неговото застапништво пред Бога, беше прочитан акатист и сите присутни се удостоија да се поклонат пред неговите мошти. Со литија, моштите беа вратени во манастирот и беа положени на Чесниот престол во црквата.

Сите верници и посетители кои го почитуваат Св. Серафим Саровски, ќЌе можат да се поклонат на неговите свети мошти и да Му заблагодарат на Бога, што овој голем Светител ќе биде наш застапник и ќе се моли за нашата православна земја.

Светиите се секогаш со оние кои го бараат нивното молитвено застапништво, посебно преку нивните свети мошти. Св. Серафим додека сѐ уште бил жив го потврдил ова со своите зборови:

„Кога јас нема да бидам меѓу вас, доаѓајте кај мене на гробот, доаѓајте кога ќе имате време, и колку почесто - толку подобро. Сѐ што ви е на душата, сѐ заради што ви е тешко, било што да ви се случи, дојдете на мојот гроб и наведнувајќи се кон земјата, кажете ми како на жив, и јас ќе ве слушнам и вашата тага ќе помине! Зборувајте со мене како со жив, и јас за вас секогаш ќе бидам жив!” Таков завет им остави на православните, прекрасниот саровски подвижник, подготвувајќи се за своето преселување од земјата во небесното живеалиште.

  

 

 

 


 

 Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица

Посети: {moshits}