Одговори на Вашите прашања    

Одговара: отец Горан Стојчевски

 

15.11.2012 год.

Прашање од  Емилија : Многу сум збунета во врска со слегуванјето на светиот дух во цовекот. Ве молам понизно Ве молам доколку не Ви е тешко да ми напишете се што знаете од Вашето искуство и од Вашето познавање во врска со оваа тема. Ви благодарам од се срце.


Одговор:  

Ветувањето за испраќањето на Светиот Дух е дадено од Самиот Спасител Господ Исус Христос, тоа може да го прочитаме на повеќе места во Новиот Завет, но еве едно, во 15 глава од Светото Евангелие според Јован стих 26. А, Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите познато како Духовден или Педесетница е опишано во 2 глава од Делата Апостолски во Новиот Завет. Тој ден се смета за роденден на Црквата, бидејќи низ краткото исповедање велиме дека се е од Отецот, преку Синот во Светиот Дух, Тоа еве како да го разбереме:


Светотроичното толкување на сите Божји дела го подразбира учеството на Светиот Дух во чинот на создавање: „Духот Божји лебдеше над водата“ (Битие, 1,2). Делувањето на Светиот Дух треба да се гледа како дел од творечката Божја активност. Светото Предание Го објаснува Светиот Дух како ипостас која се’ одржува, а посебно човекот, кому Бог „му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.“ (Битие 2,7). Токму Овој „дух животен“, кој е поистоветен со Светиот Дух е она што го прави човекот да биде икона Божја. Ова дејство на Светиот Дух го наговестил и ветил на своите ученици и самиот Господ Исус Христос. Тој всушност објавува дека не само што Светиот Дух Го сведочи и прославува (Јован 15,26), туку дека и Светиот Дух, на Светата Педесетница во апостолите ќе ја актуелизира реалноста на спасоносниот подвиг и неговите дела (Јован 14,26).

Господ Исус Христос пред Своето Вознесение нагласил пред своите апостоли дека нема спасение додека не се исполнат со силата на Светиот Дух (Лука 24,29). Светиот Дух е Дух на мудрост и на откровение (Ефесјани 1,17), Кој го исполнува човекот со божествена мудрост и му ја открива тајната на Богочовекот Христос; преку силата на Светиот Дух литургиски, евхаристиски и теофаниски се јавува тајната на спасението во Царството Божјо уште во времето и просторот на овој век и свет. http://mk.orthodoxwiki.org/

Човекот го стекнува Светиот Дух, со Крштевањето поточно со светото Миропомазание кога се става печатот на добиените дарови од Светиот Дух. Но, бидејќи сме подложни на гревот, иако од него сме исчистени во Крштевањето, сепак за понатамошните гревови направени по крштевањето дадено ни е Покајанието (Исповедта), каде исповедувајќи се за своите сторени гревови се измируваме со Бога, и продолжуваме низ духовно раководство од свештеникот каде се исповедаме, да живееме еден духовен живот, исполенет со молитва, пост и причестувањето со Телото и Крвта Христови кои ги очистуваат нашите гревови.Овој литургиски живот во Црквата не можеме да го имаме без Светиот Дух, а целта на нашиот живот во Црквата е токму тоа, како што вели свети Силуан Атонски, да го стекнеме Светиот Дух.

Преминпортал

Лето Господово 2012