Црквата на Сите Светии на Аљаска во градот Кодиак- Аљаска



    

Во четвртокот на 7 Јуни кога Православната Црква го прославува празникот Трето наоѓање на главата на Св. Јован Крстител во црквата на Сите Светии на Аљаска во градот Кодиак, Аљаска, беше отслужена Божествена Литургија. Со Литургијата чиноначалствуваше новопроизведениот свештеник о. Иван Берескин, родум од Аљаска.

На голема радост на сите наши верници каде и да се, од певницата се слушаше милозвучната мелодија на македонското црковно пеење, поточно мелодијата од манастирот на Пресвета Богородица-Елеуса од Струмичката епархија. Му благодариме на Бога што и македонскиот јазик и црковнославјанскиот беа користени скоро преку целата Богослужба. Бог ни е сведок, кога се пееше песната на Достојно се почуствува емоционалната реакција на свештеникот.


Солзите на радост и чувството за вечност кај свештеникот беа присутни од тој момент се до крајот на Светата Литургија.



Стилот на градба на црквата која е посветена на Сите светии на Аљаска е реплика на првата црква што била изградена во далечната 1794 од страна на Св. Герман Аљаскин заедно со уште неколкумина мисионери кои го прповедале Евангелието за Христа и на ова парче земја. Долгиот пат од речиси една година што го изодел Св. Герман од Валаамскиот манастир од Русија до островот Кодиак на Аљаска несомнено зборува за неговата голема жртва, љубов и ревност да проповеда за Христа.


Тука се и многубројните чуда кои се поврзани со овој светител. Најголемото од сите е кога Св. Герман го запрел морскиот бран-Цунами поставувајќи ја иконата на Пресвета Богородица на брегот и просејќи ја нејзината заштита.

подготви:  Александар Божиноски

Goran.sv.Erotej.jpg