(Извадок од беседа изговорена на свештеничката конференција на Светата Митрополија на Кифисија)

Дијалогот на Црквата со епохата не е нешто непознато во историскиот тек на Православието, но напротив, претставува суштински елемент на отечкото предание, зашто отците на Црквата секогаш се наоѓале во непрестаен дијалог со нивната епоха. Многу добро ги познавале философските струења на нивното време и ги исправале со чудесна креативност, за да ја преобразат целосно цивилизацијата на древноста.

Како што во тоа време отците на Црквата требало да избираат и да го преобразат светот на доцната елинска философија, така и ние денес сме повикани да се вклучиме со храброст и чувствителност во решавањето проблемите на современиот свет и да им помогнеме на луѓето да ги надминат современите материјалистички идеологии и евдемонизмот.

Нашата Црква многу добро знае дека ова е еден тежок потфат, кој го бара знаењето и искуството на теологијата на отците. Заради тоа, често пати се колеба да дејствува, плашејќи се дека, без теологија, пастирите наместо да прават конструктивна и творечка критика кон современиот свет, ќе прибегнат кон методот на полемички и непријателски став. Колебањето, пак, е знак на мудрост, а не на виновно молчење…

Нашата Црква се движи во светот со воздржание и разум, зашто знае како во врската со светот секогаш постои опасна можност да се профаниса самата себе си и наместо да го преобрази светот, самата да стане светска. Вистина е дека често пати го забораваме есхатолошкиот карактер, есхатолошката димензија на нашата вера и се затвораме во еден световен дух.

Нашата Црква, пак, живее и се движи во светот, но не е од светот. Вистинската нејзина ипостас не се покажува од минатото и нејзината историја, ниту од сегашноста и нејзиното дејствување и слово, но од иднината, од погледот кон еден свет, не како што беше или како што е, но како што ќе биде крајот на Историјата. Суштинското дело на Црквата е да создаде луѓе кои не запираат во овој свет, но се трудат да го надминат.

Денес, големиот предизвик за нашата Црква е тоа како ќе одговори на кризата на вредностите. Повеќето сметаат дека треба да го свртиме погледот во минатото и ќе ја најдеме безбедноста во преданието. Можеби ова им е по волја, бидејќи ја претпочитаат изолацијата и маргинализацијата на Црквата.

Апостолството на нашата Црква е од нејзината природа: да општи и да води дијалог. Бара средба дури и со оние општествени групи кои ја отфрлиле, зашто не ја запознале. Не се плашиме од општествени размени, бидејќи согледуваме дека тие не се секогаш негативни, но содржат нови можности за стекнување искуство и изразување на Евангелието. Не е случајно тоа што клириците застанале и секогаш стојат близу до народот, ја слушале и секогаш ја слушаат неговата болка и неговата борба. Затоа и народот ги почитува, иако постои, често пати неправедна, борба против нив.

Кирил, Митрополит на Кифисија, Амарусион и Оропос

 

 Извор: http://romaia.blog.mk/