ОД УТРЕ ДО 9 МАРТ ВО ИСТАНБУЛ


Средба на поглаварите на православните цркви



Цариградската патријаршија е подготвена за средбата на поглаварите на помесните православни цркви во Истанбул, која ќе почне утре и ќе трае до 9 март. Таму ќе се разгледуваат важни прашања од животот на црквата. Главната тема ќе биде организација и свикување на Сеправославен собор. Оваа средба треба да биде потврда за единството меѓу признатите православни цркви, но тоа, се чини, нема да се случи поради нивото на претставниците кои ќе партиципираат.

Пред средбата на поглаварите на помесните православни цркви во изминатите два дена заседавала и подготвителната комисија, на која бил разгледан цел пакет важни прашања, како што се прогонството на христијаните на Блискиот Исток, развојот на настаните во Украина, како и напуштањето на христијанските принципи од страна на Западот. Во овој контекст спаѓаат и темите на биоетиката, пред се, за сурогат-мајчинство и трансплантација на органи.

Како што се очекуваше, доминантна тема бил претстојниот Сеправославен собор, чии подготовки траат повеќе од половина век. На оваа тема исцрпно излагање имал митрополитот волоколамски, г. Иларион, кој ја потенцирал важноста и потребата за свикување на ваквиот собор. Тој забележал дека е потребно да се ревидираат определени документи кои биле создадени во определени етапи од подготовките за свикување на Сеправославниот собор, кои, според него, треба да се редактираат со цел да ја отсликаат денешната реалност. Вчера, пак, подготвителната комисија го подготви посланието кое оваа недела, неделата на православието, поглаварите од патријаршиската црква Св. Георгиј" ќе го упатат кон Светата црква и кон светот.

(Е.А.)