Втор ден Духовден. И оваа година се остварува долгогодишната традиција. Литија до црквичката посветена на Св. Троица. Но ова не е обична литија. Малку е поинаква од вообичаените литии. Разликата е во тоа што оваа се одвива на 1900 метри надморска височина.
Часовникот покажува неколку минути пред пет часот наутро. Народот се собира пред црквата во Горна Белица. Ова село е сместено високо на Јабланица. Толку високо, што од тука се гледа целото Охридско езеро како на дланка. Но и вака високите места имаат небо и места повисоки од нив. За Горна Белица тоа место е Парумба. Гулабица, на Влашки.

Од искони на Парумба има извор на кој му се припишуваат лековити својства. Народот доаѓал, и не престанал да доаѓа.
Но литиите, како оваа станаа годишна традиција откако е изградена црквата. Речението за градење на оваа светија е предадено преку сон.

Ѕидовите на црквата се живописани од зографот Лазар Лековиќ,  a e осветена од Митрополитот Дебарско-Кичевски, г. Тимотеј.
Иконата на Св. Троица е носена во Литија која се упатува по стрмната планинска патека. Не очекува напорно искачување од два и пол часа. Доживувањето е духовно. Како да го одсликува созерцанието на Света Троица. Отпрвин почнува благо и лесно. Колку повеќе се искачуваме, станува поубаво но и потешко. Патот почнува во планинска шума, која подоцна е заменета со стрмна голина. На места е толку стрмно, што ако не се внимава може и да се настрада.
Стрминината станува напорна па престануваме дури и со разговор. Сите потонуваат во своите мисли и молитви. Се штедат силите за преостанатиот пат, кој само станува се потежок и потежок. За среќа, традицијата налага, кога ќе се стигне до одредено место обележано со еден камен, да престане секакво зборување.
И како во описот на псевдо Дионисиј Аеропагит кој вели дека кога во созерцанието на Света Троица ќе стигнеме во близина, настапува апсолутен молк...па дури и внатрешната молитва престанува, така и со последните неколку стотини метри до Парумба. Се гледа црквата таму високо, како цел, како надеж, а силите се при крај. И сепак нешто те тера да го довршиш тој пат дури и пободро од кога си тргнал, таму некаде доле...
Глетката е величенствена. Се другарува со облаците. Буквално. Не се опишува, само се доживува. Дури и сликиве се недоволни да го опишат она што се чувствува.
Литијата се приближува до црквичката. Веќе неколку години по ред, монаси од манастирот Св. Јован Бигорски се со нас. Луѓето палат свеќи на камењата околу црквата. Храмот е мал да ги прими сите. Но на Парумба чиниш дека и надвор, си под најголемата Божја купола.
 
Се служи Литургија, а потоа се свети вода. Водата од изворот им помогнала на многумина. Безродни - родиле, болни - оздравеле. Водата и верата.
Никогаш нема да ја заборавам сликата кога една млада Албанка која на раце го носеше своето болно чедо. Сама. До Парумба. Секоја година, во литијата има и Албанци.
Вера. Не е тоа пикник. Тоа се солзи. И молитви. Гулабицата е сведок за тврдата вера кај луѓето. Парумба е една.

А догодина...Догодина повторно ќе се собереме на Втор Ден Духовден пред црквата во Горна Белица, и повторно ќе ги искачиме суровите и прекрасни стрмнини на Јабланица. Затоа што таму високо, во облаците, над езерото, над Струга и Охрид, над сите нас...не чека Парумба.

ТГ