Делегација на МПЦ ќе присуствува на погребот на Романскиот патријарх





Романскиот Патријарх Теоктист ќе биде погребан во петок, 3 август 2007 година во Патријаршиската катедрална Црква во Букурешт. Во опелото ќе земат учество архиереи, свештенослужители и верници од Романската Православна Црква, делегации од сестринските Православни Цркви, како и претставници од државни институции и меѓународни христијански организации. Се очекува на погребението да присуствува и делегација од Ватикан. Неговата Светост Патријархот Теоктист ќе биде погребан во Патријаршиската катедрална Црква, до гробот на Патријархот Јустин Мојсеску, кој е погребан пред 21 година на истата дата.
Денот на погребението во Романија е прогласен за ден на жалост. Вчера претседателот на Романија Трајан Басеску посмртно го удостои Патријархот со националниот орден “Романска ѕвезда“. Неговата Светост Патријархот Теоктист е првиот романски граѓанин, кој добива такво одликување.
На погребот на Поглаварот на Романската Православна Црква, Неговата Светост Патријархот Теоктист, ќе присуствува и делегација на Македонската Православна Црква, предводена од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во придружба на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г.Петар.



подготви: М.З.