Излезе од печат третиот број од илустрираната едиција „Библиски Настани“, со работен наслов Големото Бегство,
во кој е обработен првиот дел од расказот за пророкот Мојсеј.
 
-

Предговор на стрипот за Мојсеј       

 

Во расказот за Мојсеј е опишан неговиот живот, од раѓањето, посвојувањето во дворот на фараонот, промислата Божја за избавување на Израилот преку раката на Мојсеја, и конечното излегување на избраниот народ и нивното патување кон ветената земја. Централен настан во овие поглавја е повикот Божји за богослужба. Имено, уште за време на големиот глад во времето на патријархот Јосиф, кој беше поставен за управник на земјата египетска, избраниот народ – Израилот, беше принуден да ја напушти својата земја и да се насели во земјата египетска. Но поминаа многу генерации, и на престолот дојдоа владетели, кои воопшто не го познаваа патријархот Јосиф и неговите добри дела. Па така, тие од избраниот народ направија свои робови и слуги, кои ги работеа најтешките работи во египетската земја. Единственото нешто што го добиваше Израилот во ропство беше храната и пиењето, но за сметка, пак, на тоа слободата му беше целосно одземена. Бог, Кој се грижи за сите свои созданија, особено за Својот избран народ, му заповеда на Мојсеја да го изведе Израилот од ропството на египетскиот фараон, и да ги одведе да му принесат жртва на Бога во пустината, односно, да Му служат на Бога. Но ова не беше ни најмалку лесно, затоа што фараонот имаше жестоко срце и не сакаше да ги ослободи робовите. Многу несреќи го снајдоа фараонот и египетската земја: затруени води, напад од скакулци и други инсекти, кои им пакостеа на посевите, помор на добитокот, страшни болести кај луѓето, па дури и смрт на сите првородени, меѓу кои и синот на фараонот. Дури по овој настан фараонот реши да го пушти Израилот за да изврши служба на Бога. Но и откако ги пушти, тој се покаја за тоа и ја испрати својата војска за да ги врати назад робовите. Но Бог, Кој постојано одеше пред нив, не го остави Својот народ, па со Својата силна десница ги погуби сите непријатели на Израилот.

 Овој историски настан има и своја духовна смисла и толкување. Избраниот народ се сите верни православни христијани кои живеат и веруваат православно и кои се нарекуваат Нов Израил. Фараонот е ѓаволот, кој со јадење, пиење и комфорен живот ги прави луѓето негови слуги и робови. Како што во тоа време Бог го повикал Својот народ на богослужба, така и денес светата православна Црква нè повикува сите нас да отидеме и да Му служиме на Бога. Но за жал сите ние се врзуваме за материјални задоволства, па не можеме да одвоиме време за служба на Бога. За да ја излечи таа нездрава и душепогубна приврзаност, Бог честопати ни испраќа разни болести, несреќи, уништување на нашите посеви, помор на добитокот, смртни опасности или пак смрт на некој наш близок, сè со цел да се отрезниме и да ì се вратиме на нашата Мајка Црква – светата православна Црква. И навистина така се случува. Голем број луѓе, кои откако преживеале некаква несреќа или пак имале смртен случај, поверувале и почнуваат да доаѓаат редовно во Црква и да живеат и веруваат православно. Но не треба да чекаме да ни се случуваат несреќи па за да почнеме да одиме редовно во црква, туку да одиме редовно, секоја недела, секој празник, кога во храмовите се служи Божествена Литургија, и да Му благодариме на Бога за сè што ни дал, и за доброто и за лошото. И тогаш Бог ќе го благослови нашиот живот и труд и ќе ни дава многу добрини, но и трпение во маките, та да можеме со радост да доаѓаме и да Му благодариме за сè. Од седум дена во седмицата Бог избрал само еден ден за Нему да Му го посветиме, а и тој ден Бог не го бара цел за Себе, туку благословил да има богослужба во црква која трае околу два часа. Ако не можеме да бидеме во црква два часа, тогаш да одиме барем еден час – за време на Божествената Литургија. Но ако и еден час во седмицата не можеме да Му посветиме на Бога, тогаш какви христијани сме ние? Со што сме заслужиле да се наречеме избран народ Божји, кога не сакаме ниту еден час од цела седмица да Му го посветиме на Бога?

 Потребна е храброст и цврста одлука во срцето, но треба исто така да бидеме свесни дека, кога човек ќе одлучи да Му служи на Бога, ѓаволот ќе го крене сиот пекол против таквиот. Но со Божја помош, како што ќе видиме и во стрипот, ќе ги победиме сите искушенија и препреки од ѓаволот. Наше е да одлучиме и да не се плашиме. Да поитаме во црква уште наредната недела или празник, да појдеме на Божествена Литургија и да Му благодариме на Бога за сè и тогаш ќе ја видиме и доживееме грижата Божја за нас, како за Свои возљубени чеда.

 Благословот Господов да дојде на вас и да ви ги просветли вашите срца и да ви помогне од срце да Му служите на Бога, та да станеме Негови вистински чеда, Негов избран народ.

 

- Митрополит повардарски г. Агатангел


 

 

Едицијата „Библиски Настани“ содржи 14 изданија, кои се печатат во тираж од 10.000 броја, а излегуваат од печат во определен временски интервал.

Извор:Повардарска епархија

Посети: {moshits}