svaptim2024 2

Облечен во силата од небото, која на чудесен начин слезе врз учениците и очевидците на Словото, си се јавил како апостол, богомудар Тимотее. Затоа со нив пееш, радувајќи се: Сето создание да Го благословува Господа, и да Го превозноси во сите векови“ (песна од канонот на Утрена на св. ап. Тимотеј).

svaptim2024 1

 svaptim2024 3

svaptim2024 6

svaptim2024 13

              Нашата света православна Црква, на 04 февруари го прославува споменот на светиот апостол Тимотеј, еден од седумдесетте апостоли, кои неуморно го проповедаа словото Божјо, не штедејќи ништо од својот живот, па дури ни самиот живот. Нашата, пак, света Дебарско-кичевска епархија, на овој ден има има и друг голем повод, а тоа е именденот на нашиот духовен водач и неуморен проповедник на словото, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј. Токму овие два големи поводи, прославата на едниот - апостол Христов од она време, и другиот - Христов проповедник од нашето време, не собраа оваа недела достојно и радосно да ги прославиме.

Денот на светиот апостол Тимотеј и на преп. мч. Анастасиј Персиец, како и 35-та Недела по Педесетница, започна да се прославува на 03 февруари 2024 година, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, со Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Александар Димоски, свештеникот Роберт Илијевски, еромонахот Никодим и ѓаконот Марко Спасовски. Торжествата продолжија на 04 февруари, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, каде што беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Овој ден и именден на нашиот Владика добро ќе го запамети свештеникот Горан Ставрески, кој заслужено и достојно беше произведен во чин протоереј од раката на нашиот Митрополит Тимотеј. По завршувањето на Литургијата, со благослов на Владиката, новиот протоереј Горан се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу интегрално ви ја пренесуваме. Од името, пак, на свештенсвото и верниот народ од овој наш храм, старешината на храмот, протоерејот-ставрофор Сашо Богданоски, а по повод именденот, му подари на Митрополитот Тимотеј прекрасна панагија. Од името на свештенството, монаштвото и верниот народ од нашата Епархија, му го честитаме именденот на нашиот Владика, со желби и молитви кон Господа уште долги години да го прославува, а светиот апостол Тимотеј да го води по вистинскиот пат, за наше и за негово спасение. На многаја лета!

svaptim2024 23

Протоереј Горан Ставрески

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух.

Високопреосвештен Владико, Високопреподобен отец, чесно во Христа свештенство, драги браќа и сестри, светиот апостол и евангелист Лука во денешното Евангелие ни зборува за телесната и духовна заслeпеност на луѓето. Секој еден од нас се поврзува за одредени овоземски работи и непромислено се грижи истите да не му бидат изгубени или украдени. Сведоци сме дека оние кои се матерјално богати се грижат да не го изгубат богатството, па истото наместо да го споделат со други, го затвораат во големи сефови. И не само богатите, туку и оние помалку имотните си го чуваат имотот, стоката и други матерјални нешта кои за нив имаат некаква вредност. Дури и оние кои се во сиромаштија имаат за што да се плашат. Тие луѓе се плашат да не го изгубат своето здравје, кое за ние е единствено богатство. Ако го изгубат здравјето тие не ќе можат да работат и да се прехранат, па така ќе западнат во уште поголема немаштија и немоќ.

svaptim2024 26

svaptim2024 27

svaptim2024 25

Слепотија е недостаток кој го лишува човека од можноста да ја види целата убавина која Бог ја создал. Човекот кој е слеп, лишен е и од можноста да ги види своите родители, пријатели; тој е слеп да ги види своите блиски. Сите кои бираат да не видат, страдаат од телесната слепотија.

Телесната слепотија е лоша, но духовната слепотија е уште пострашна и потешка. Тоа е состојба во која човек ги затвора духовните очи поради гревот.Тоа е состојба во која човекот се лишува од следење на вистинскиот пат. Со духовното слепило луѓето не ги гледаат сопствените престапи, па не можат да го најдат патот до покајанието.

Поучувајќи не за духовното слепило, денеска Свето Евенгелие, браќа и сестри, ни зборува за еден таков чуден сведок, за слепиот Вартимеј. Неговото име се зачувало до денешно време како сведоштво за тоа како човек треба да го исповеда Бога и како треба да се покае, за да може да се излие милоста Божја врз него. Вартимеј е човекот кој секој ден седел покрај портите на Ерихон, надевајќи се на милоста од своите сограѓани и чекал некој ситна пара за да може да го помине денот. Дали слепиот Вартимеј е слеп роден или го губи видот поради некаков грев, личен или на неговите предци, Светото Евангелие за тоа ништо не зборува. Но, читајќи го Евангелието гледаме дека се е по промисла Божја, па така да ги отвориме очите за да можеме да ја согледаме сериозноста на духовната слепост. Оваа средба на Бога со човекот не е случајна; напротив, се е подредено според Неговата промисла. Така, Исус Христос за последен пат поминува од Галилеја за Ерусалим. Христос ги подготвил своите ученици за тоа дека ќе биде предаден, мачен, хулен и распнат, па на пат кон Ерусалим, тој им обратил внимание за тоа дека телесното слепило е големо зло. Но, она што има неспоредлива лоша трага врз човечката душа е духовното слепило.

Што бил животот на слепиот Вартимеј до средбата со Бога? Неговиот живот бил само лелек и ужас. Човек слеп, парталав, напуштен од сите. Човек на кого и ноќта и денот и целиот живот му поминувале така. Но, ете го Витлеемскиот младенец кој доаѓа во светот за да ослободи од секаков грев и секаква телесна немоќ. Оваа вистина Вартимеј добро ја знаел, но не бил во состојба да може да тргне и да го најде исцелителот и месијата Христос. Затоа, кога се доближила толпада до градските порти тој прашал што се случува и кој доаѓа. Му одговориле дека доаѓа Исус Назареецот. Во тој момент надежта во него оживеала и знаел дека го дочекал денот кога покрај него ќе помине Оној Кој лекува болни и им ги отвора очите на слепите. Затоа Вартимеј почнал да вика: Исусе, сине Давидов, помилуј ме! Некои од оние кои го следеле Христа, се обиделе да го замолчат, но тој уште посилно викал. Колку да се труделе да го замолкнат, неговиот глас станувал се посилен и помоќен. Кога Христос ја слушнал очајната молба заповедал да му го доведат и запрашал: „Што сакаш да ти направам?“ Тој рече: „Господи, да прогледам!“ Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Верата твоја те спаси.“ И одеданаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. (Лк. 18:41-43)

Верата е силно верување кое ја мотивира личноста да дејствува. Верата која води до простување на гревовите е во центарот на Исус Христос, чие Помирување го овозможува простувањето. Верата Во Христа е повеќе отколку пасивно верување во Него. Тоа значи да се верува дека Тој е Син на Бога и дека Тој страдаше за нашите гревови, маки и слабости. Верата во Синот Човечки не води да го љубиме Него, да му веруваме и да му се покориме на Неговите заповеди. За таква вера во многу наврати ни зборува и Светото Еванглие, на пример: за верата на стотникот (Мт. 8:10), за исцелението на двајцата слепи (Мт. 9:29), верата на една Хананејка (15:28), оживувањето на Јаировата ќерка (Мк. 5:34) и многу други примери.

Бог, браќа и сестри, нека ни дарува силна вера како на слепиот Вартимеј, та и ние да повикаме „Исусе, сине Давидов, помилуј ме!“ Бог да ни ги отвори духовните очи за да можеме да го познеме вистинскиот пат, пат кој ќе не однесе до Царството Небесно.

Денеска Светата православна црква го празнува и споменот на св. ап. Тимотеј. Еден од Седумдесете апостоли Христови. Роден во Листра Ликониска од татко Грк (идолопоклоник) и мајка еврејка. Верата во Христа ја наследува од својата мајка Евника и бабата Лоида, за кои апостолот Павле има пофални зборови за нивната нелицемерна вера (2 Тим. 1:4-5). Уште од младина Тимотеј се покажал како остроумен и со здраво расудување со тоа што повеке се приврзал кон мајка му отколку кон татко му. За него било вистински благослов да се поучува од млади години на Господовото слово. По нарав бил смирен, кроток, благопријатен, кон секого се однесувал со почит, не враќал зло за зло и непрестајно се молел за сите што страдале, како вистински следбеник на својот учител, светиот апостол Павле (2 Тим. 3:10-12). Го придружува во Ахаја, Македонија, Италија и Шпанија. Голем ревнител за верата, извонреден беседники благодушен, Тимотеј многу придонесува за распространување на христијанската вера. По маченичката смрт на Светиот апостол Павле, Тимотеј го имаше за свој учител Светиот Јован Боголов. Кога царот Дометијан го прогонува Јован на островот Патмос, Тимотеј останува да епископува во Ефес наместо него, каде и го завршува својот живот со маченичка смрт за време на еден идолопоклонички празник околу 93 година.

svaptim2024 28

Токму денеска кога црквата го чествува споменот на светиот апостол Тимотеј, Владико, голема радост ни претставува што Боженствената литургија ја отслуживте во овој свет храм. Од името на братството, свештенството и верниот народ при храмот св. вмч. Георгиј, Ви го честитаме името. Со молитви кон светиот апостол Тимотеј тој да биде Ваш молитвеник и застапник пред Бога, а Бог да ви дарува многу денови во здравје, благосостојба во архиерејската служба и водење на повереното од Бога духовно стадо. Честито име Високопреосвештени Владико и на многаја лета!

svaptim2024 28

св. ап. Тимотеј

04.02.2024 год.

храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Охрид

 

 https://www.dke.org.mk/index.php/3634-sveti-apostol-timotej