ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп во периодот од 08 до 30 јули, годинава, реализираше археолошки истражувања во манастирскиот комплекс Св. Јован Претеча кај с. Слепче, Демирхисарско. Истражувањата се во склоп на секцијата за археологија на III Демирхисарска летна школа, финансиски помогната од Министерството за култура на Р Македонија, Општина Демир Хисар и Манастирот Слепче. Истражувањата се организирани од ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп во соработка со НУ Музеј и завод Битола, а покрај вработени од овие институции, учествуваат и колеги од НУ Завод и музеј Прилеп, Национален музеј на Босна и Херцеговина (Земаљски музеј), и Универзитетот Адам Мицкиевич од Познан, Р Полска. Во процесот на ископување и документирање на движните и недвижни остатоци вклучени беа студенти од Универзитетите Св. Кирил и Методи од Скопје, Гоце Делчев – Штип, како и студенти од Универзитетот Адам Мицкиевич од Познањ, Р Полска.

                Археолошките ископувања во манастирскиот двор имаат за цел да се одреди хронологијата на манастирскиот комплекс преку фазите на градба и доградбите на објектите кои го сочинувале, а воедно да се утврди постоењето на постара црква и нејзиниот габарит и локација.

            Археолошките истражувања беа спроведени во опфатот на дворот на манастирот Слепче, и тоа беа истражени 5 сонди со вкупна површина од околу 140 m2, истите беа поставени северно, јужно и источно од манастирскиот католикон. Дополнително беа направени и мали сондирања во внатрешноста на објектот магерница.

            Во рамки на истражениот простор се наиде на архитектонски остатоци од постари градби од коишто може да се дефинира постара градба од сакрален објект – црква, како и придружни простории источно од овој објект. Според сегашните сознанија, постарата фаза од црквата била со поголеми димензии во основа од базиликален тип. Покрај архитектонските остатоци, на источната и јужната страна од новата црква откриена е некропола со скелетни погребувања.

            Во археолошките слоеви откриен е и движен археолошки материјал сочинет од грнчарски производи, накит, монети, фрагменти од стаклени садови и др. Движните наоди датираат од крајот на XII се до почетокот на XX век.

            Со оглед дека на просторот на манастирот е забележан континуиран живот од неколку века, просторот е прилично девастиран од страна на активностите спроведени овде во подалечното но и поблиското минато. Архитектонските остатоци сочувани се само во долните партии од темелите на градбата а во делови сочуван е само негатив од темелите на постарата градба. При градењето на католиконот на манастирот во 1862 во најголема мера е уништена некрополата која што овде се наоѓала, при тоа откриени се групации на остеолошки материјал закопан во јама покрај јужниот дел од црквата.

            Истражувањата на овој значаен културен центар ќе продолжат и во текот на наредните години преку реализација на разни научни и стручни проекти.   



Извор: https://isk.edu.mk/news/%d0%b3%d0%be%d0%b4%d0%b8%d1%88%d0%b5%d0%bd-%d0%b8%d0%b7%d0%b2%d0%b5%d1%88%d1%82%d0%b0%d1%98-%d0%b7%d0%b0-%d0%b0%d1%80%d1%85%d0%b5%d0%be%d0%bb%d0%be%d1%88%d0%ba%d0%b8-%d0%b8%d1%81%d0%ba%d0%be%d0%bf/

 

Преземено од:

https://www.manastirslepche.mk/novost/godishen-izveshtaj-za-arheoloshki-iskopuvanja-na-manastir-sv-jovan-preteca-kaj-s-slepce-2019-godina/