Полека, молитвено се движиме кон крајот на спасоносната пустина на Великата Четириесетница. Поголемиот дел од патот е веќе зад нас, еве сме среде петтата седмица, гледајќи како таму во далечината сѐ повеќе се наѕира таинствено издигнатата Голготска гора. Сѐ посилно нè пронижуваат воскресенските зраци.

3.angeli.so.truba
Преподобна Марија Египетска

Одеднаш пред нас се исправа еден чудесен лик, лик на една од аскетски подвизи исцрпена жена, која сепак, зрачи со внатрешната убавина на својата низ борби и искушенија облагодатена душа. Светата Марија Египетска – големата подвижничка и неповторлив пример за покајание. Неслучајно светата Црква ни ја поставила овде, предавајќи ни го како пример за подражавање нејзиното свето житие. Кога таа можела, заради Христа, да се обрати од нејзиниот грешен живот и да помине полни 47 години во најстрог пост во пустината отаде Јордан, можеме и ние, Христијаните, да се потрудиме, од љубов кон Христа, да се одвратиме од грешните навики и ревносно да принесеме покајание, поминувајќи ги со подвиг на воздржание, молитва и љубов кон ближните, овие 47 дена среде благословената пустина на Великиот Пост.

Освен ова Божествено писание – Житието на Света Марија Египетска, во текот на покајничкото бдение вечерва, ќе прозвучи, смирено и умилително, покајнотворното поетско творение на Критскиот архипастир, Свети Андреј.

„Од каде да почнам да ги оплакувам делата на бедниот живот мој? И што да поставам за почеток на плачот мој сегашен, Христе? Но Ти, како Благоутробен, дај ми прошка на прегрешенијата“ – започнува молитвениот плач на Свети Андреј, чиишто зборови неизоставно оставаат печат во сечија душа. И така, се редат непрестајно, примери и поуки од Стариот и Новиот Завет, проткаени со неопислив дух на покајание и скрушеност.

„Да не заспиваме, браќа и сестри мои – зборуваше еднаш нашиот Старец, Архимандрит Партениј – да бидеме будни, да ги слушаме овие зборови, напишани не од човечка ученост, туку од лично искуство и доживување на луѓе, коишто преку Божјата благодат станале големи зерцатели на наискажливи духовни тајни. Тие зборови нè повикуваат да се каеме за нашите гревови, ни помагаат да откриеме дека ние, можеби, ја надминуваме и самата Марија Египетска во нашите гревовни дела и помисли. Затоа, да се каеме, мили мои, да се каеме за сопствените гревови, но и за гревовите на сите луѓе. Не треба многу да се трудиме за да забележиме дека светот и целото човештво се во гревови потонати, помрачени, богооставени. А нам, Господ, по Неговата неискажлива милост, ни ги  отворил очите да го гледаме сето тоа, и да ја гледаме и Неговата спасителна Убавина. Нè удостоил да ги слушаме овие Божествени творби, кои со голема благодатна сила го приведуваат човека кон покајание. По молитвите на Неговите прекрасни слуги, Св. Марија Египетска, на Св. Софрониј Ерусалимски, писателот на нејзиното Житие, на Св. Зосим и Св. Андреј Критски, Господ и нам да ни подари такво големо и искрено покајание, што ќе нè удостои да ја видиме славата и светлината на Христовото светло Воскресение“.


    Со оглед на актуелната ситуација со коронавирусот, нашата Свештена Обител вечерва, со почеток во 20 часот, ќе го емитува во живо великопосното бдение со Житието на Света Марија Египетска и со Великиот канон на Свети Андреј Критски, со цел молитвените и покајнички чтенија и песнопенија да им бидат достапни на сите верници коишто имаат желба да се слеат во една заедничка молитва со нашето монашко братство.

 

Извор:

https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/vo-presret-na-pokajnichkoto-bdenie/