pokrov2019 1

„Соломон некогаш те опиша како постела и одаја на Царот небесен, придружувана од серафимите, како што беше речено за тебе, Богородице. Затоа сега те молиме, сесвета Мајко Божја: Заштити нѐ од сите неволји“ (песна од канонот на Утрена на Покров на Пресвета Богородица).

 pokrov2019 2

На 14.10.2019 година, денот кога го прославуваме празникот Покров на Пресвета Богородица, во капелата во Митрополитската резиденција, којашто е посветена на овој празник, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 pokrov2019 3

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Светата православна Црква денеска прославува еден од Богородичните празници. Поточно го прославуваме Покровот на Мајката Божја и Царицата небесна. Секој ден светата Црква со многубројни песни ја прославува и велича застапницата и молитвеницата пред многубројните нејзини свети икони и по нашите цркви и манастири. Уште во Стариот завет знаеме за неколку нејзини праобрази, кои се јавуваат како суштествени за спасението на родот човечки. Така, ја знаеме како несогорлива капина, неисечена гора, сместилиште на Несместливиот, небесна манна, ковчег на заветот и жезол кој процветал. Сите овие претстави и јавувања сведочат за Царицата небесна, за онаа која со нејзиниот свет, непорочен, подвижнички и послушен живот кон Словото Божјо се удостоила да го смести Несместливиот. Оној Кој престојува над ангелските сили, таа ќе Го смести во нејзината утроба и ќе Го храни со нејзините гради, покажувајќи мајчинска љубов кон Создателот и Спасителот на родот човечки.


Пресвета Богородица како Дева Марија се јавува како Мајка на сиот христијански род. Сите ние сме посинети од страна на нејзиниот Син, нашиот Господ Исус Христос. Таа, пак, како семилостива нѐ заштитува и ни дава покров, па така ние да можеме да се ослободиме од сите непријатности, да се сочуваме во духовната борба и да се запазиме од сите соблазни и искушенија кои не придружуваат и следат во овој огревовен свет. Затоа, најчесто ѝ се обраќаме со молитвите: Пресвета Богородица, помогни ни и Пресвета Богородица, спаси не. Со вакви и слични молби постојано и се обраќа христијанскиот народ во нејзините цркви, а особено пред нејзините чудотворни икони кои се наоѓаат насекаде во православниот свет.


Денешниот празник е поврзан со еден исклучителен страдален период од X век во Цариград, кога градот бил опколен со силна и жестока војска и немал никакви сили, ниту економски, ниту воени за да се спротивстави на надмоќниот непријател. Тогаш целиот град на чело со Патријархот се собира во црквата Влахерна на молитва и по молитвите на страдалниот народ, Богородица се појавува со нејзиниот омофор и така го избавува од пропаст Цариград. Во чест на ова избавување и појавување на Богородица е воспоставен и денешниот празник кој посебно се прославува кај словенските народи.


Света Богородица како Мајка на Господа Христа, претрпела секакви маки за време на нејзиниот живот, па како секоја мајка што има посебно чувство за разбирање и оправдување на своите чеда, така и Богородица има посебно чувство за сите наши маки и страдања и назависно колку ние со нашето недоволно размислување и погрешни постапки ѝ нанесуваме болки и јадови, сепак, таа како мајка има разбирање и секогаш е подготвена да се застапи за наша помош и избавување.


И ние, кое денеска сме собрани на молитва во нејзина чест, да се обратиме со искрена молитва, таа да биде наша застапница пред нејзиниот Син и наш Бог и да ги пренесе нашите молби и прозби, па да добиеме Царство небесно, сега и во сета вечност. Амин.

pokrov2019 4

pokrov2019 5

pokrov2019 6

pokrov2019 7

pokrov2019 9

pokrov2019 10


Параклис „Покров на Богородица"
Резиденција на Дебарско-кичевска епархија
14.10.2019 год.

 http://www.dke.org.mk/index.php/3217-2019-10-14-12-49-04