логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 „Исполнети изобилно со врвната мудрост Христова, трите ќерки на Софија и избраната и благоумна мајка, ја посрамија свирепоста и неподнесливото лудило на мачителите, изложувајќи ги божествените учења“ (песна од канонот на Утрена на празникот на св. мч-чки Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија).

 svsofija2019 1

svsofija2019 6

На 30.09.2019 година, на празникот на св. мч-чки Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Сашо Богданоски, протоерејот Кирил Јованоски, свештениците Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 svsofija2019 8

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

Молитвата е големо благо кое е дадено на родот човечки. Особено кога таа се упатува со чист разум и со силна вера. Секој што се моли со вера сѐ добива од милостивиот Бог. Ние, пак, како христијани и кога се молиме, а не добиваме тоа што бараме, не треба да се гневиме, ниту на себе, а уште помалку на Бога, затоа што Бог знае што ни е потребно за спасение на нашите души, па често пати нашите молби и нашите очекувања не ги исполнува, бидејќи честопати ние бараме работи кои не ни се корисни и спасоносни. Бог тоа не ни го дава, па дури и ако сме справедливи и праведни, како што вели апостолот Јаков (4, 3). Ние знаеме дека свети апостол Павле се молел три пати за нешто што не е полезно и Господ не го услишал, туку му одговорил: „доста ти е Мојата благодат" (2 Кор. 12, 9). Исто така и пророкот Мојсеј во Стариот Завет Го молел Бога да влезе во ветената земја, но Бог не ја услишил неговата молба, затоа што тоа не било корисно за него. Секое неисполнување на нашите молби и барања не треба да нѐ одврати од молитвата и барањата кон Бога, туку напротив. Тоа треба да ни послужи како мотив и инспирација, постојано да упатуваме молби и моленија кон Бога. Затоа, ни една работа не треба да ја започнуваме без обраќање со молитва кон Бога, како и пред секој наш оброк, легнување и сл. Нашата молитва не треба никогаш да запира, според зборовите на светиот апостол Павле: „постојано молете се" (1 Сол. 5, 17).

И денес на светата Литургија, од евангелското четиво слушнавме за еден ваков пример. Имено, една жена Хананејка усрдно се молела на Христа да ја излекува нејзината ќерка која била опседната од зли духови. Господ Христос на прв поглед кон неа употребува тешки зборови, но тоа неа не ја оддалечува од Христа, туку напротив – ја засилува нејзината вера и надеж во добрината на Бога, дека Тој ќе се смилува и ќе и помогне на нејзината ќерка. Од евангелското четиво ние се учиме за трпението и смирението кои ги покажала оваа жена, заради што таа добила голема награда. И ние треба да се молиме со ваква истрајност, токму како жената Хананејка. Таа ги изговорила само зборовите: „Господи, помилуј ме". Тие сами по себе се малку, но Божјата милост која ги лекува сите гревови, пристигнува таму каде што се бара со вера и разум. Денес многумина одат во црква и изговараат безброј молитви и прозби, но само со уста. Но, тие не примаат дар Божји, бидејќи се молат само со јазик, а умот им е расеан по разни светски размислувања, па и самите не знаат за што се молат. Дури има и случаи кога и самите не се слушаме за што се молиме, па како ли да очекуваме Бог да не сослуша и да ги исполни нашите молби. Се поклонуваме пред Бога, а нашиот ум патува на други места. Со устата се молиме на Бога, а со умот не сме присутни пред Него. Како тогаш да очекуваме Бог да нѐ услиши, кога се молиме без вера и соодветна сосредоточенст. Да си го поставиме прашањето: со каква вера стоиме пред Бога во храмот, со каков ум и со каков страв? Немаме страв и срам од Бога, дури ни толку колку што слугата има од својот господар. Слугата стои со големо уважување пред господарот, а ние бараме прошка за нашите престапи и стоиме пред Бога без страв и без разум. Како тогаш да очекуваме оправдување од Бога, кога пред Него стоиме со злоба и пакост и со сите пристрасности и лошотии кои се во нас?

Денеска ја прославуваме света Софија, заедно со нејзините три ќерки Вера, Надеж и Љубов, кои ги жртвувале своите животи како млади фиданки, но од својата вера во Христа не се откажале и покрај сите убедувања, ласкања и ветувања, но и заплашувања. Така, својата вера ја запечатиле со маченичко сведоштво. Верата на жената Хананејка од Евангелието и верата на трите ќерки на света Софија нека послужат за зацврстување и на нашата вера и за исправување на нашиот живот. Да отфрлиме сѐ што е овоземно и да го придобиеме небесното. Да го засакаме, доброто, светото, благородното и така да се покажеме како вистински следбеници на нашата православна вера, не само формално, туку суштински и реално, така како што од нас бара нашата вера и Црква. На тој начин да измолиме милост Божја, па секогаш нашата вера да биде цврста и непоколеблива. Да одиме по Христовиот пат и да добиеме благослов за вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин.

Свети маченички Софија, Вера, Надеж и Љубов

Храм „Света Софија" Охрид

30.09.2019 год.

svsofija2019 9

 svsofija2019 11

Повеќе:http://www.dke.org.mk/index.php/3214-2019-10-01-09-58-18

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Беседи

Митрополит Методиј - МЕЃУ ПОКАЈАНИЕТО И ПРАВДАЊЕТО

Митрополит Методиј - МЕЃУ ПОКАЈАНИЕТО И ПРАВДАЊЕТО

Духовниот живот не се состои од некакво израмнување на нашите сметки со Бога. Зашто, она што е содржина на нашата побожност, не треба да го извршуваме затоа што тоа така...

Митрополит Струмички Наум:  На Крстот Твој се поклонуваме, Христе (21.03.2020)

Митрополит Струмички Наум: На Крстот Твој се поклонуваме, Христе (21.03.2020)

Деца, разните страдања, при градењето на личносниот однос со Бог, нема да нѐ одминат; ако не поради недоволниот подвиг, тогаш секако поради нашата грешност и суета. Бог најубаво, наместо нас,...

 о. Горан Стојчевски: ЛИТУРГИСКИ МИГ ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ПОДВИГ

о. Горан Стојчевски: ЛИТУРГИСКИ МИГ ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ПОДВИГ

За мене е подобра видливата убавина, отколку убавината изразена во зборови, претпочитам богатство, што е во рацете, отколку богатство вообразено на сон; сакам мудрост, која не сјае на зборови, а...

БEСEДА  за Oтeцoт и Синoт

БEСEДА за Oтeцoт и Синoт

 Физичкиoт свeт би бил сиoт вo тeмнина да нe e свeтлината oд Сoнцeтo. А духoвниoт и мoралниoт свeт, и сиoт чoвeчки живoт, би бил тeмнина, акo нe e свeтлината штo...

Фејсбук православие (07.03.2020)

Фејсбук православие (07.03.2020)

На пример, оној кој нема барем просветлување на умот не може јавно да се занимава со световни теми, а никако, пак, со сложени теолошки теми. Световни теми се: политика, туѓи...

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (7)

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (7)

 Христос рекол: “Кога ќе пријде Синот Човечки во славата своја и сите свети ангели со него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него...

БEСEДА за расудувањe пo тeлoтo и пo духoт

БEСEДА за расудувањe пo тeлoтo и пo духoт

Така им рeкoл Сeзнајниoт Гoспoд на Eврeитe: “Виe судитe пo тeлo”, бидeјќи тиe фатилe вo прeљуба eдна жeна и сакалe да ја камeнуваат заради тeлeсниoт грeв. Нo Гoспoд ја сoглeдал...

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

За големото мнозинство на верни луѓе Великиот Пост - тоа, пред се, е кратката молитва, позната под името молитва на Ефрем Сирин, еден од источните христијански учители од ИВ век...

« »