Берово, 21ви јули 2019 г.-манастир на Успение на Пресвета Богородица

 

 

 

 


Во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Берово на 21. јули 2019. г. кога во Македонската православна црква – Охридска архиепископија се спомнува светиот великомаченик Прокопиј; Во преполната манастирска црква отец Фотиј одслужи Света Божествена Литургија во сослужение на отец Дејан Миловски. Верниците се причестија со Светите Христови Тајни.
На редовниот синаксис после Литургијата отец Фотиј врз основа на прочитаното Евангелие според Матеј (8:28-34; 9:1-1) ги подтикнуваше присутните на лично преиспитување. Во Евангелието Христос во земјата Гергесинска од двајцата бесни ќе ги истера злите духови во стадото свињи така што збеснатите свињи ќе се издават во водата. Затоа жителите Гергесински ќе го замолат Исуса да си отиде од нивниот крај.
Евреите од Гергесинскиот крај од користољубие го кршеле Законот со тоа што одгледувале свињи, а по својата надворешност и во синагогата навидум го запазувале Законот. Слично на нив има христијани кои декларативно и навидум го следат Христа но во суштина го негираат.
Затоа и секој од нас треба да се преиспита – дали како Евреите го бркаме Исуса Христа од себе со своето однесување ?
Односот кон Христос зависи од тоа како ги усмеруваме  страстите – кон љубов или омраза. Отецот критикуваше: веднаш по Литургијата место да останете на синаксисот се извинувате дека имате работа и си одите. Во секојдневното однесување се свртуваме кон другите и ги озборуваме. Во расправии со ближните страстите се будат и ни даваат сила за завист, клетви, блуд. Ете така и ние го бркаме Исуса од нас како Евреите од Гергесинскиот крај.


Но нашиот Спасител Исус Христос нема пречка од Негова страна повторно и повторно да ни се врати и нѐ утеши ако срдечно се покаеме и од срце Го повикаме.
Затоа во Црквата дојди свртен кон себе. Нека престојувањето во Црквата ти биде борилиште со самиот себе за да можеш енергијата на страстите да ја усмериш на добро. Барај сила да направиш мала жртва, најди го најдоброто време во денот за молитва, издвој време во денот за средба со Исуса, остани на синаксис по Литургијата, помогни му на ближниот, однеси го на лекар итн. И сети се дека нашиот Господ Исус Христос нѐ уверува дека кога на нашиот сосед тоа сме му го направиле во суштина тоа на Христа сме Му го направиле.
Само така ние христијаните ќе станеме пример и светлина за нашата околина.
На митрополитот европски Пимен и отец Дејан Миловски кој сослужуваше на оваа Литургија и кој е назначен за нов парох во Копер (Словенија) и Удине (Италија) нека им е благословена и богугодна службата.

 

 

 


 

 

 

 Аудио запис

 

Подготви: Ратислав Кардалев