Во рамките на еден хуманитарен настан организиран од верниците на Украинската Православна Црква, повеќе од 150 деца со пречки во развојот добија подароци. На децата им беа доделени икончиња, колачиња, книги, облека и производи за лична хигиена.

Собирањето на подароците беше организирано од Здружението на луѓе со пречки од селото Горбачевка, во околината на Киев, кое вклучува 1457 луѓе со пречки, 115 деца со пречки, како и 42 деца со родители со пречки. Повеќето од нив не се во состојба да присуствуваат на хуманитарните настани, па затоа членовите на Здружението ги посетуваат дома.

„Во нашата организација има едно девојче приковано за кревет, момче со тежок облик на дијабет, девојче со толку убави очи, кое не може да гледа, и едноставно, физички тие не можат да присуствуваат на прославите... А никој не ги посетува дома и не им подготвува некаква прослава. Ние ги посетуваме таквите деца“, изјави директорката на Здружението, Наталија Коменко.

Според Коменко, луѓето со пречки во Украина се наоѓаат во многу тешка состојба: добиваат минимална инвалидска пензија и социјална помош, а државните служби сè помалку се активни на тоа поле.

 

извор: http://orthochristian.com

 

http://www.mpc.org.mk/svetaktuelno.asp?id=7111