Житие на светиот Варлаам мироточив,
архиепископ охридски и маченик велешки
(обезглавен во Велес на 28 мај ст.ст./10 јуни н.ст. 1598 год.)

Монах Јован Вишенски
(1545/1550-1630)

Авторот на овој текст, монахот Јован Вишенски е родум од Галиција (област помеѓу Унгарија, Полска и Украина), од градот Вишња, по потекло е словен, роден е околу 1545/1550 а упокоен околу 1630 год. Бил монах на Света Гора, во тогаш силниот Зографски манастир, и од таму напишал многу значајни дела, и испратил многу писма до повеќе личности. За нас најзначаен е описот за светиот архиепископ охридски Варлаам, кој е опфатен во неговата „Книжка“, и за кој се смета дека самиот Јован го препишал од локален изворник, набрзо откако се случил овој настан. Воедно, светиот Варлаам Велешки е првиот и единствен досега познат светител кој е поврзан со градот Велес. По неговите свети молитви Господ да нè помилува и спаси. Амин!

***
Свети Варлаам Велешки

Глава 10
Новост, или вест, за наоѓањето на телото на убиениот Варлаам , архиепископот Охридски, во градот Велес, кој пострада за Вистината и кој беше фрлен во реката Вардар; како беше најден и како беше пренесено до Охрид неговото преблажено тело, и кој сега иако меѓу мртвите, пак е помеѓу живите, прави чудеса, ја проповеда тајната на Воскресението и надежта во идниот век, а светот и владетелот на светот – ѓаволот го изобличува и на крајот го посрамотува.

По убивањето и фрлањето во реката Вардар на блажениот отец во тоа време, заради гонењата и клеветите насочени против останатите христијани, никој не смееше да го следи неговото тело, за да го извлече од водата, но помина една седмица во водата, додека да стивне оваа врева и да се смират разгневените од ѓаволот срца на Турците. Исто така по стивнувањето на овие, во некое место оддалечено два дена одење од градот Велес, имаше еден маж со побожен живот, гостољубив, дарител на милостина и љубител на сиромашните, по занает рибар. Тој во сон ноќта слушна глас: „Оди, – му рече, – на тоа и тоа место да ловиш риби, и ќе имаш добар улов“. Тој, пак, откако се разбуди, се зачуди на јавувањето и веднаш поита на риболов на местото каде што му беше укажано. Исто така приближувајќи се на тоа место, на брегот од реката имаше дрво, и на него виде бела птица, која неподвижно седеше и личеше на орел. Тој многу се восхити, размислувајќи што е тоа, зашто никогаш не беше видел таков вид на птица со таков изглед. И откако дојде на тоа место ја виде истата птица на брегот од реката и го виде телото на блажениот врз водата, како стои неподвижно на едно место. Онаа пак птица, како некој стражар, едноставно го насочи погледот кон телото како да го чува. Така благочестивиот човек го позна телото дека е на архиепископот според раните и по распространетите гласови за тоа убиство и за фрлањето в река. Тогаш тој го извлече телото и го однесе тајно во тоа село и во црквата го постави, додека да биде погребено како што имаше намера. А таа, пак, птица цело време го следеше телото при носењето, и горите над него ги прелетуваше, до поставувањето на телото, – тогаш и таа, застанувајќи врз црквата, телото го пазеше. Богољубивиот човек намисли да го погребе телото надвор од црквата. Му се јави во сон Варлаам, велејќи му: „Внатре во олтарот на црквата погреби ме, бидејќи јас за Црквата пострадав и умрев“. Богољубецот ги извести своите блиски соседи и ги повика на погребение на телото. Кога слегоа тие мажи и свештеникот, тогаш извршија вообичаена погребална служба. По завршувањето на опелото, кога дојде време да се положи телото во гробот, тогаш многумина почнаа да го допираат, за да го кренат и да го внесат во гробот, но тие не можеа ни најмалку да го поместат. Ова е првото чудо. Сите се зачудија од она што се случи и размислуваа, што е причина за оваа непоместливост. Потоа смислија, велејќи: „Веројатно не сме достојни да го допираме, па затоа ни се забрани да го погребеме“. Тогаш почнаа да испитуваат поединечно, кој би можел да го подигне телото, а кој не. Во тоа испитување едвај се најдоа тројца мажи побожни, со добар живот посведочен од сите кои таму живееја; ним не им беше попречено да го внесат во гробот, и го погребаа чесно. По неговото погребение, птицата, која седеше врз црквата и го чуваше неговото тело, одлета и оттогаш исчезна. Откако помина една година од погребувањето на телото во гробот, некој благочестив епископ, љубител на сиромашните и во сè посведочен во совеста и живеењето, како пазител на заповедите Христови – имаше ангелско видение, во кое му беше речено: „Изнеси го богатството скриено таму, за да се прослави Бог“. Притоа му се јави и Варлаам, кој со негодување му рече: „До кога ќе ме држите во затворот на оваа темнина, за да не им дадам помош на оние кои се во маки и страдаат од разни болести и демонски искушенија. Да познаат, дека оној когошто помислија да го умртват, од него ќе бидат умртвени; оној когошто помислија да го обесчестат, од него ќе бидат обесчестени и за вечност ќе се посрамотат; оној когошто помислија да го убијат, ете сега жив сум и нив почнувам да ги убивам, и ќе ги погубам, и во созданијата Божји да не се вгнезди ѓаволскиот род, ќе го изгонам, и садовите на Божјото пребивање ќе ги очистам и посветам, и да бидат во милоста Божја ќе ги направам. Изнесете ме на очиглед на сиот свет, о епископе!“ Тогаш епископот откако со ужас се разбуди од сонот размисли за јавувањето. И веднаш отиде во градот охридски и ги свика православните, известувајќи ги за она што се беше случило. Тие, пак, откако ислушаа сè, се распалија со ревноста на љубовниот оган и го замолија епископот, неодложно да отидат заедно со него и да ги донесат чесно моштите на блажениот од она село во градот охридски. Епископот, пак, брзо го прифати нивниот совет и молба. Меѓутоа, за да не се случи, демонската завист да го попречи нивното започнато дело, правејќи тревога помеѓу безбожните Турци, и за да не се попречи она што сакаа да го добијат, намислија, како некогаш Јосиф со Никодим што го измолија Пилат, да им дозволи, како прост туѓинец, немајќи од никаде грижа, т.е. Христа, да Го погребат, сокривајќи ја Неговата слава; иако знаеја дека Он е Создател и Устроител на сиот свет, но заради тоа и го кријат, за да го добијат брзо (без потресување во совеста и некој страв, кој би му дошол на Пилата во умот) телото Христово за погребение, кога би ја започнале молбата со слава, не би го добиле за погребение телото Исусово – затоа од бесчестие почнуваат, и затоа брзо го добиваат, велејќи му на Пилат: „О, судијо, дај ни го овој бедник и сиромав убиен, немајќи каде глава да потсолни, за да го погребеме“ – тој, пак, заповедаше и им дозволи. Така и охриѓаните, одејќи кај кадијата и кај останатите управници на турските места во Охрид, криејќи го јавувањето за Варлаам и чудото, кое го изврши и коишто сака да ги врши, оттука молбата ја започнаа, велејќи: „О, кадијо (судијо) и вие, господари на овој град, сте слушале дека без вина и грев беше убиен сиротиот епископ на нашиот град од убијците, кои живеат во градот Велес, и погребен беше таму и таму без почести. Сега ние се сетивме дека овој сиротиот беше родум од нашиот град, а овде се удостои и епископ да биде. Ве молиме, дозволете ни, да го донесеме својот мртовец во неговото родно место, а вие и награда ќе добиете од нас, сè што ќе посакате, само да ни го дадете бараното“. Тие, пак, кога слушнаа за награда, – повеќе заради тоа, отколку заради молбата, – откако ја зедоа од нив наградата, им дозволија да го донесат блажениот Варлаам во градот охридски. Тогаш откако зедоа дозвола од властите на градот охридски, православните христијани отидоа заедно со тој епископ по телото на архиепископот и, кога стигнаа, најпрво ги извршија заупокојните молитви како што е обичајот, и тогаш ги извадија моштите од гробот и ги поставија на подготвениот одар. Но, – о, какво чудо! – кога стана видливо телото по расечените рани, и каде што беше заклано и прободено, имаше само мали белези, каде што било прободено и расечено. Од овие, пак, рани – о, колку се чудесни Твоите дела, Господи, и ниту еден збор не е доволен да искаже пофалба за Твоите чудеса! – благомирисно миро потече и сите ги исполни со благомирис и радост, така што сите беа во недоумение, со какви усти и славословија да Го прослават Бога, Кој го прослави Својот светител, и со кои благодарења да Му возвратат за благодатта и овој дар, што им беше даруван блажениот и свештен Варлаам. Но колку што добија, толку и на Бога должни славословија Му принесоа. Тогаш почнаа да доаѓаат болни и од различни болести и страсти обземени, во името на светителот со допирање и помачкување од мирото веднаш здравје добиваа и од болестите и страстите се ослободуваа, и како од некој воин, од насилството и ропството ѓаволско преку допирање до телото на блажениот од сите неволји и страдања се извлекуваа, и во слободата на здравјето се испраќаа, и исцеление секој за својата болест добиваа, – и за да го видат изворот на здравјето, кој излегува од мртви и голи коски, и кој ги оживотворува оние кои страдаат, и кој дарува здравје и утеха. И кој не би се восхитил и не би Го прославил Бога, чудесниот во Своите светии, Кој толкава сила им даде на Своите угодници, та и по смртта, повеќе отколку во здравјето во овој живот, да имаат власт да прават чудеса, бесови да изгонуваат, болести да лечат, болни да исцелуваат, од неволји и напади да избавуваат! Слава, Владико, на Твојата неискажлива премудрост и сила! Слава на таинството на Твојата смрт и распетие! Слава на Твојот крст и бесчестење! Слава на воскресението и славата Твоја, зашто со крстот и со смртта понижувачка нас нè прославуваш и од овој лукав свет во небесното царство нè пренесуваш! Да биде Твојата слава сега и секогаш и во вечните векови. Амин.

Исто така, празнувајќи духовно оние христоносни луѓе за Варлаама, го зедоа во градот охридски и го положија во црквата на Охридската Архиепископија, каде што непрестајно точи исцеленија и благодат им дарува на оние кои бараат благодат. Вие, пак, кои сакате кажаново со свои очи да го видите, отидете до градот охридски, тогаш ќе се уверите и ќе потврдите, дека ова не се басни, што ви ги кажувам. Вие, пак, што не сакате да патувате и сакате да останете во местата од својата татковина, на дело покажете ја верата и добродетелите, поревнувајте за животот, и подвизите, и венецот на Варлаам, та и вие да ја добиете оваа небесна благодат, којашто ви ја посакувам: Господи, подај им. Амин.

Превод од руски јазик:
Ѓакон Јани Мулев

Православна светлина бр. 20

 https://crkvaveles.wordpress.com/2012/01/25/sveti-varlaam-mirot/?fbclid=IwAR3UdiRO1ypRGwsvX3eSKw795E9myownQqSF2UNERPJlblC5TNuF9wDzVeM