Споменот на Свети Партениј, Чудотворецот Лампсакиски, за Бигорската Обител претставува едно големо сепразнично торжество. Великиот светилник на Црквата, јерахот Христов Партениј, преку устата на нашиот почитуван митрополит, г. Тимотеј, пред речиси 30 години го благословил и удостоил возљубениот ни Старец да го носи неговото девственоименито име. Токму затоа, неговиот годишен спомен, за сите нас е повод да му ја искажеме големата благодарност и да ги излееме молитивите од нашите срца, та тој и понатаму да му испраќа на нашиот Старец добри сили и вдахновение, за со својата огромна татковска љубов да продолжи да нѐ води по благодатниот пат кон Царството Небесно.

Светлото празнување започна со Вечерната богослужба, во која молитвено учество зедоа илјадници духовни чеда на отец Партениј, верници и пријатели од сите краишта на нашата земја. Во таа атмосфера на  умиление и благодарност што царуваше во храмот на Светиот Јован Претеча, секој ги упати своите најдобри желби и молитви кон Бога, како најпрекрасен дар за својот духовен родител. Еден од тие благодарствени дарови, што предизвика невиден восхит кај нашиот возљубен Старец, беше портретот од блаженоупокоениот и секогаш споменуван Старец, Георгиј Капсанис, поранешиот игумен на Григоријатскиот Манастир на Света Гора. Овој портрет кој од име на целото монашко семејство, му беше предаден од најстариот јеромонах, отец Доситеј, е насликан од еден од најпознатите зографи во нашата епоха, уметник и реставратор од светски ранг, г. Константин Ксенопулос од Р. Грција, за што неизмерно му благодариме, спомнувајќи си во нашите молитви и за него и за неговото благочестиво семејство.

Неопислива беше радоста на отец Партениј кога пред себе го здогледа овој насликан благ лик. Како кога дете после подолго време повторно ќе си го види својот родител, и силно прегрнувајќи го, од радост ќе заплаче. Во тој миг небаре целиот храм се исполни со умиление, зашто обилен благослов се симна од небесата, од она место каде сега ликува и се радува Старецот Георгиј Капсанис. Во такво умилно расположение, нашиот Старец Партениј вдахновено и со треперлив глас, ја искажа пред присутните својата голема синовска љубов кон таткото и учителот во монашкиот живот, преточувајќи ја во прекрасен и длабок говор.

Умилната радост потоа се пресели и во манастирската галерија, каде сите имаа можност да ги чујат прекрасните благодарни слова, искажани од неговите бројни духовни чеда од Скопје, како и од вработените во етно ресторанот „Куќата на Мијаците“. Посебно трогателна беше песната посветена на отец Партениј, што така кротко и со искрена љубов ја рецитираше малата Фотина Наумоска од Битола, која предизвика не само восхит, туку и солзи радосници на лицата на присутните.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 Извор: https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/nebesniot-zastapnik-na-bigorskiot-starec-golema-slava-na-obitelta/