sretenie2019 1

15 Февруари 2019

„Христе Боже, Кој со Твоето раѓање ја освети утробата на Дева, и ги благослови рацете Симеонови како што прилега, откако ни дојде во пресрет, нѐ спаси и нас. Но смири го во неволјите Твоето население, и поткрепи ги нашите управители, единствен Човекољупче“ (кондак на Сретение на Господ Исус Христос).

 sretenie2019 3

На 15.02.2019 година, денот кога го прославуваме празникот Сретение на Господа Исуса Христа, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Ристо Камбуроски, Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 sretenie2019 4

Митрополит Тимотеј

sretenie2019 8

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска прославуваме еден дванаесетте големи празници, посветен на Сретението на нашиот Спасител Господ Исус Христос во Ерусалимскиот храм, односно, четириесеттиот ден од Неговото раѓање во Витлеемската пештера. Уште во Стариот завет, постоел закон, на 40. ден по раѓањето, младенецот заедно со својата мајка, да се претстават пред свештениците за да добијат очистување по раѓањето. Оваа традиција е сочувана и во новозаветната Црква, односно, денеска тоа е Големата молитва, кога, во храмот доаѓаат мајката со својот младенец, за читање на молитви, преку кои добива можност повторно да присуствува на сите богослужби и да ги прима останатите свети тајни, коишто нашата света Црква им ги нуди на своите верници.


Кога царот Птоломеј ја основал Александриската библиотека, позната и прочуена во тоа време, наредил Библијата да биде преведена од еврејски на грчки јазик. За таа цел, ги повикал седумдесетте најмудри луѓе, коишто го знаеле законот и прописите на Стариот завет, а исто така, одлично го познавале како еврејскиот, така и грчкиот јазик. Помеѓу тие преведувачи бил и праведниот Симеон. „Човек праведен и благочестив" (Лк 2, 25). Кога ја преведувал книгата на пророкот Исаија, и кога дошол до местото каде што се пророкува за раѓањето на Спасителот на светот: „Ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му Го дадат името Емануил" (Ис 7, 14), го збунило. Особено го збунил зборот девојка, па, зел нож и сакал да го истружи зборот девојка и да го замени со зборот жена. Тоа сакал да го направи бидејќи, дотогаш не било познато дева да роди и дева да остане. Тогаш, ангел Господен застанал пред него, укорувајќи го тоа да не го прави, бидејќи со тоа прави голем грев. Му рекол: Верувај во тоа бидејќи ти, во своите раце ќе Го држиш родениот од неа и очите твои нема да го напуштат овој свет, додека не се исполни напишаното (Лк 2, 26).


Според преданието на светата Црква, праведниот Симеон живеел повеќе од 360 години и постојано го очекувал доаѓањето на Месијата. Го очекувал она што му било претскажано од страна на ангелот Божји. Кога се исполнило времето, Светиот Дух го упатува Симеон во Ерусалимскиот храм, и тој, со своите старечки раце, и покрај тоа што не бил свештеник, Го зема Младенецот Господа Исуса Христа, изговарајќи ги зборовите: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот" (Лк 2, 29 – 32). Господ Исус Христос и Богородица не биле должни да го исполнат овој закон. Не биле должни да го исполнат бидејќи Христос не е плод на соединување помеѓу маж и жена, туку, на Духот Свет. Но, сепак, го исполнуваат Старозаветниот закон, а со тоа, ни покажуваат пример дека треба да ги исполнуваме законите кои ни се дадени. Токму на тој човек му било одредено на своите раце да го прими Богомладенецот, бидејќи неговите раце биле способни и достојни да го благословуваат Оној Кој благословува. Тогаш ја видел утехата на Израилот и од Духот Свет вдахновен ја изговара претходноспоменатата молитва.


Симеон, кој долги години го чекал исполнување на претскажаното од ангелот, со вознемиреност, на своите старечки раце, Го прима и не смее да гледа во Него и да благословува, туку тој проси и бара благослов. Потоа, ѝ се обраќа на Богородица со зборовите: „Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот"(Лк 2, 34). Он е за издигнување, на оние, коишто ќе поверуваат во Него, додека, пак, за паѓање, на оние што ќе се откажат од Христа и од верата.


Дали овие зборови на праведниот Симеон за Богомладенецот, се однесуваат и во нашето време? Ако искрено се загледаме со нашите духовни очи во нашите души и се запрашаме, дали нема да се ужаснеме? Во поново време, навистина нашите свети цркви ширум ги имаат отворено своите порти за сите коишто сакаат да пристапат кон Господа и да се сретнат со Него. Но, се поставува прашањето, колку сме навистина искрени христијани? Колкумина од нас само формално се нарекуваат верници и христијани и колкумина од нас живееме грешен и недостоен живот, живот кој не доликува на христијани?


За да бидеме вистински следбеници Христови и да се сретнеме со Богомладенецот, потребно е да отфрлиме секаква злоба, секаков грев, секаква лоша мисла. Па така очистени и измиени – духовно и телесно, да бидеме подготвени, со чисто срце и добра мисла, да се сретнеме со Господа Христа, а Он да ја излее огромната Своја благодат врз нас, па да одиме по патот Христов. Да одиме по патот Христов кој е тесен и трнлив, но кој е единствен кој води во царството Божјо, за кое ние, како христијани, должни сме постојано да се трудиме и истото да го постигнеме.


По молитвите на праведниот Симеон, така нека биде. Амин!

 sretenie2019 5

sretenie2019 6

 sretenie2019 10



Сретение Господово
15. 02. 2019 година
Храм „Св. Петар и Павле" – Кичево