Sample Image

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел се подготви и се испечати книгата „Толкување на Псламите“ од свети Атанасиј и свети Василиј. Книгата ја преведе ѓаконот Никола Ѓорѓиевски. Ова најново издание на издаваштвото на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ може да го најдете низ сите храмови на Повардарската епархија или да се порача на тел. 043 221 231 или на е-пошта: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

Предговор

Псалтирот е една од старозаветните книги, составен од 151 псалм, кои се напишани од разни лица, но главно псалмите му припаѓаат на светиот цар Давид, па оттаму и целиот Псалтир се нарекува Давидов. Во старозаветното богослужение псалмите се пееле во придружба на инструменти, како што читаме во некои од псалмите. Според содржината во псалмите сретнуваме различно расположение, како што е тага, очај, покајание, барање прошка, повик кон Господ во тешки моменти, барање помош од Господ, а има и такви кои повикуваат на благодарност, пофалба и слава на Бога. Според содржината е и нивната намена.

Светата Црква, раководена од Светиот Дух, знаела колку голема полза може да добиеме преку читањето на псалмите, па затоа, преку устите на светите отци ни ја покажува смислата на псалмите.

Свети Јован Златоуст вели: „Подобро и сонцето да престане, отколку да го оставиме Псалтирот. Бидејќи голема полза имаме ако се поучуваме од псалмите и ако усрдно го читаме Псалтирот. Сите книги ни се полезни и читајќи ги им нанесуваме болка на демоните, но ниту една не е како Псалтирот; затоа, да не бидеме мрзливи“.

Свети Григориј Богослов: „Псалтирот е леб ангелски, со кој се хранат душите, кои се гладни за Бога“.

Свети Јован Кронштадски: „Боговдахновените химни на Давид ги раководат сите кон молитва, кон предаденост на Бога, славословие и благодарност на Бога за сѐ; тие просветуваат, хранат, насладуваат и ги закрепнуваат душите на верниците; ги прогонуваат невидливите непријатели, ги лекуваат душевните страсти, нѐ учат да Го љубиме Бога и да ги пазиме Неговите заповеди, да се молиме за сите и постојано да се вознесуваме кон Бога; и нивната сладост, нивната полза за душите на благочестивите е неискажлива“.

Блажениот Августин: „Љубовта кон псалмопеењето ги роди манастирите. Пеењето на псалмите душите ги украсува, ангелите на помош ги повикува, демоните ги прогонува, ја отфрла темнината, ја привлекува светлината... ѓаволот го поразува, Бога Го покажува... гневот го смирува, пофалбата Божја е непрестајна. Слично на мед е пеењето на псалмите!“

И многу други отци говорат за ползата од читањето на псалмите, но за да имаме вистинска полза, треба со разбирање да ги читаме. Затоа светите отци направиле боговдахновени толкувања на сите псалми, па читајќи ги нив, да го достигнеме вистинското разбирање, на вистински начин да му упатуваме на Бога молитва и слава и благодарност. Како толкувачи на Псалтирот познати ни се толкувањата на свети Атанасиј Велики, свети Василиј Велики, преподобен Ефрем Сириски, Ефтимиј Зигабен, Теофан Затворник, Теодорит Кирски и други.

Во книгата која ја имате пред вас се објавени толкувањата на свети Атанасиј и свети Василиј, како и на Евтимиј Зигабен, кои ни се доволни за правилно разбирање и изучување на псалмите. На сите православни христијани, верни чеда на нашата Света Македонска Православна Црква од срце им препорачувам да го читаат редовно псалтирот, заедно со толкувањата на псалмите, за напредок во духовниот живот, за приближување кон Бога и за утеха во тешкотиите.

Митрополит Повардарски

+Агатангел