Во храмот на Св. Троица сè земно и небесно ликуваше!
На 2 јануари 2018 година – храм Света Троица- Охрид

Во недела на св. Богоотци кога се празнува споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец и Свети праведен Јован Кронштатски, отец Александар Димоски отслужи сеноќно бдеение во сослужение со отец Павел Крцоски и ѓакон Христијан Костоски, во велелепниот храм на Св. Троица.
Отец Александар не поучуваше  со неговото боговдахновено слово:„ Времето пред Божик е благословено време. Да се подготвиме достојно за него, за да го пречекаме така, како што им доликува на Христијаните: да патуваме низ целото тоа време со духот кон Витлеем, за да пристигнеме навреме за раѓањето на Господа и да се зарадуваме – не според духот на овој свет, не заедно со овој свет, туку заедно со евангелските пастири и со ангелите.
Нека ви даде Бог сите да Го видите Христос – не само во Витлеемските јасли, туку пред сѐ, во јаслите на вашите души.“

За неизмерна радост на верните,  беа изнесени и моштите на Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец,  а благоуханието што се излеваше од моштите на светителот, кој нè благословуваше, нè вознесе до небото.

Во оваа дадена прилика, сакаме неизмерно да и се заблагодариме од името на сите парохијани на Црковната општина при храмот „Пресвета Троица“ - населба Црногорци, Охрид, на Високопреподобната монахиња Илијана (Илкова), игуманија на Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“, која во духот на љубовта на Православното предание ни ги подари светите мошти кои ќе ни бидат потсетник на сите нас, дека сме повикани да постанеме свети.
А на крај верните охриѓани кои беа во голем број, приредиа трпеза на љубовта!

 

 

 

 

 

 

 За Преминпортал: Дејан Блажески

Јануари 2018 лето Господово