Скопје, на денот на Велик Четврток, во манастирот на св.вмч. Георгиј, во Криви Дол


На 28.04.2016 година, во светиот и Велик Четврток, поради реновирањето на храмот, во помошните манастирки простории нацрква на св.вмч. Герогиј, презвитер Горан Тасески отслужи Божествена Василиева Литургија. По причестувањето на многубројниот верен народ, на поклонение беа изнесени светите мошти и се изврши светата Тајна Елеосвештение, во која, на овој ден, може да се помазаат сите верни.

 

 

 

 Во светиот и Велик Четврток, како што ни пропишаа светите отци, според Преданието што го примија од божествените апостоли и од светите Евангелија, ги празнуваме овие четири настани: миењето на нозете, Тајната вечера, свештената молитва и предавството Јудино.

Бидејќи еврејската пасха требаше да биде жртвувана во петокот, беше погодно вистината да биде во согласност со сликата, односно во истиот ден да биде жртвуван и Христос, нашата Пасха. Поради предвидување, како што велат божествените отци, Господ наш ИсусХристос ја извршува во четврток навечер, бидејќи таа вечер и целиот ден од петокот Евреите го сметаат за еден ден и го именуваат ноќеденство - никтимерон (од едно заоѓање на сонцето до другото заоѓање). Тоа е причината поради која Он, со Своите ученици, ја изврши тогаш Пасхата според Законот, како што велат некои, меѓу кои и божествениот Златоуст. Прво, стоејќи простум и препашани, обуени во сандали, со стап в рака, запазувајќи ги и сите други прописи на законот, за да не се остави впечаток дека го прекршуваат. Оваа Пасха ја подготви Зеведеј, зашто стомната со вода ја носеше тој, како што вели Великиот Атанасиј, иако некои други за ова зборуваат поинаку. Потоа, откривајќи им на своите ученици едно посовршено славење, Господ ја востановува тајната на нашата Пасха, во горната одаја, кога ноќта веќе беше настапила, зашто е речено: „Кога настапи вечерта, Он седна на трпезата со дванаесетте." Видете, Ова не беше Пасхата на Законот, бидејќи се седнува на трпеза приготвена од леб и вино, додека порано била со печено месо и со бесквасен леб.

 


Молитва на Великото Елеосветување:
 Господи, Кој со милоста и милосрдието свое ги исцелуваш страданијата на нашите души и тела, Ти сам, Владико, освети го овој елеј, за на оние кои се помазуваат со него да им биде за исцеление и одстранување на секоја страст и нечистотија на телото и духот и секое зло, за и во ова да се прослави Твоето пресвето Име на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.

 

 Преминпортал (к.т.)